Достапни линкови

Одбојкарите ја стартуваат полуфиналната битка со Црна Гора


Мацедониа - Macedonian volleyball team.
Мацедониа - Macedonian volleyball team.

Седумте победи во осумте дуели ги подгреаа апетитите на одбојкарите, па сега очекуваат и победа над Црна Гора.

Македонската одбојкарска репрезентација утревечер во салата „Борис Трајковски“ во Скопје ќе ја стартува полуфиналната битка со Црна Гора во Европската лига. До овој историски двомеч, и тоа во дебитантскиот настап во Евролигата, нашите одбојкари стигнаа откако во неделата и дефинитивно го освоија второто место во групата во која беа и Словенија, Турција, Данска и Австрија. Седумте победи во осумте дуели со овие селекции, изненадија многумина, но и потврдија дека претходниот оптимизам на селекторот Жарко Ристоски, не бил без основа.

Со максимално ангажирање, залагање на сите репрезентативци и покрај сите проблеми со кои што се соочувавме во овој период, на крајот успеавме да излеземе како победници.
Жарко Ристоски, селектор на македонската одбојкарска репрезентација.

„Јас како селектор, заедно со моите играчи и оние кои што ја водат федерацијата бевме длабоко убедени дека оваа репрезентација може да постигне нешто повеќе, а не она што досега го има остварувано. Така што ете тоа се случи со максимално ангажирање, залагање на сите репрезентативци и покрај сите проблеми со кои што се соочувавме во овој период, на крајот успеавме да излеземе како победници“, рече Ристоски.

Ваквиот развој на настаните ги зголеми апетитите, па сега сите во националниот тим најавуваат триумф и во пресметката со Црна Гора. Во неа, противникот влегува со мала предност што му ја носи реваншот на домашен терен, на 16-ти јули во Будва, каде што ќе се игра евентуалниот „златен сет“, во случај двете селекции да забележат по една победа. Сепак, тоа нема да биде пресудно за патникот во финалето, до кое ќе стигне тимот што поуспешно ќе ги неутрализира најголемите адути на ривалот.

Црногорската репрезентација добро ја познаваме. Располагаат со доста искусни репрезентативци кои што настапуваат во едни од најсилните лиги во Европа. Меѓутоа, тоа не не плаши.
Жарко Ристоски.

„Црногорската репрезентација добро ја познаваме. Располагаат со доста искусни репрезентативци кои што настапуваат во едни од најсилните лиги во Европа. Меѓутоа, тоа не не плаши. Исто и ние имаме играчи во најсилните европски лиги. Така да, основна наша цел ќе биде да ја неутрализираме примачката дијагонала во напад, Чук и Чачиќ, а исто така и еден од најдобрите коректори во Европа, Чулафиќ. Доколку во тоа успееме, мислам дека нема да имаме поголеми потешкотии, пред се на првиот натпревар пред наша публика“, додаде Ристоски.

За прескокнување на полуфиналната пречка, според селекторот, на неговите избраници ќе им биде потребна и поддршка од трибините. Затоа...

„Апелирам до сите љубители на одбојката да дојдат во салата „Борис Трајковски“’ да ни се даде максимална поддршка и сите заедно да тргнеме кон освојување на европскиот врв. Мислам дека многу блиску сме до таму. Овие момци, оваа репрезентација го има квалитетот да стигнеме до резултат за кој што претходно никој не ни сонувал“, истакна на крајот Жарко Ристоски.

Во другата битка за влез во финалето силите ќе ги одмерат Словенија и Грција, а двомечот по кој ќе го дознаеме годинашниот победник во Европската лига, како и репрезентацијата која ќе се пласира во најквалитетната Светска лига е закажан за 23-ти и 26-ти јули.

XS
SM
MD
LG