Достапни линкови

Со пластеници до поисплатливо земјоделство


Производството на земјоделските култури под пластеници, според агрономите, треба да стане иднина на земјоделците, зашто наскоро ќе им се дава и финансиска можност за користење на пари од европските фондови.

Двојно поголеми приноси и многу поголем профит добиваат земјоделците кои произведуваат градинарски култури под пластеници. Освен тоа, родот е со неспоредливо поголема еколошка вредност, бидејќи е заштитен од многу штетни надворешни влијанија, сончеви зрачења, град, ветришта, згора значително е намалена употребата на хемиски препарати за заштита од болести.

Станува збор за донација на 12 пластеници кои ќе овозможат контролирано произведување на пиперка којашто директно ќе биде откупувана од еден од нашите членови на овој лак и на тој начин ќе овозможиме зголемување на количествата и квалитетот на пиперките.

Овој контролиран начин на производство, според агрономите, треба да стане иднина на земјоделците, зашто наскоро ќе им се дава и финансиска можност за користење на пари од европските фондови. Центарот за развој на пелагонискиот плански регион годинава во рамки на пилот проектот „Лидер пристап“ донираше пластеници на земјоделци од прилепско, со цел да го стимулира овој начин на градинарско производство.

„Станува збор за донација на 12 пластеници кои ќе овозможат контролирано произведување на пиперка којашто директно ќе биде откупувана од еден од нашите членови на овој лак и на тој начин ќе овозможиме зголемување на количествата и квалитетот на пиперките“, изјави Емилија Геровска од битолскиот Центар за развој на пелагонискиот плански регион.

Сите овие активности се во рамки на „Лидер“ пристапот, тоа е еден нов пристап којшто ќе им овозможи на руралните средини во иднина да црпат пари преку европските фондови, кои ќе им бидат на располагање.

Агрономите стојат на располагање и со нивни совети со цел да им ја олеснат работата на земјоделците, сè до следната фаза кога ќе можат самостојно да аплицираат во европските фондови.

„Сите овие активности се во рамки на „Лидер“ пристапот, тоа е еден нов пристап којшто ќе им овозможи на руралните средини во иднина да црпат пари преку европските фондови, кои ќе им бидат на располагање. Ние првата фаза ја поддржуваме, за да кога ќе бидат парите на располагање, да можат и тие успешно да пристапат до истите“, изјави Мирјана Македонска, заменик директор на проектот за експанзија на мали бизниси.

Центарот за развој на пелагонискиот плански регион преку свои соработници, ќе врши организиран откуп пред сè на пиперките произведени под пластеници, кои се со многу подобар квалитет од другите кои се произведени под отворено небо, на класичен начин.

„Значи контролираното производство ќе значи производ којшто ќе биде пласиран пред сè за европските пазари како свеж, а она остатокот ќе биде добредојдено и за преработувачките капацитети во државата. Со ова контролирано производство ќе бидат задоволени и квалитетот и квантитетот на самото пиперко производство“, изјави Горан Цуцулески, сопственик на откупната фирма „Кривогаштани промет“ од Кривогаштани, општина во која жителите најмногу се занимаваат со производство на градинарски култури.

Според анализите на земјоделците, под пластеници се добиваат речиси двојно повисоки приноси, или поточно до седум тони пиперки од декар. За да се покрие еден декар со пластеници и да се воведе системот капка по капка се потребни околу две илјади евра, инвестиција која се враќа уште првата година, затоа што 90 отсто од пиперките произведени во вакви услови се прва класа.

„Имаме површина од 3 декари тука, а пластениците се некаде околу 250м2. Сега моментално не треба ништо затворање, ќе стојат отворени сè додека не дојде есен, кога треба затворање за заштита од надворешните влијанија“, изјави Дејан Петлески, којшто го поддржува овој начин на контролирано производство.

Овој пилот проект „Лидер пристап“ треба да покаже дека контролираното производство може да го зголеми квалитетот на животот во руралните средини,преку остварување поголем профит, во соработка на јавниот и приватен сектор, заштеда на пари и можност за нови инвестиции во земјоделството. Проектот е финансиран од УСАИД.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG