Достапни линкови

Незадоволство и протести, народот како опозиција


Протестите поради случајот Монструм не се само израз на незадоволство кон судскиот систем, туку и кон актуелната владејачка гарнитура, сметаат дел од аналитичарите.

Не само израз на незадоволство кон судскиот систем, туку и кон актуелната владејачка гарнитура. Вака дел од домашните аналитичари ги толкуваат протестите по повод пресудите во случајот Монструм. Според професор Арсим Синани, гневот на народот е доказ дека граѓаните не се среќни од владеењето на актуелното лидерство и оти истите имаат улога на опозиција на македонската политичка сцена.

Македонската опозиција спие, албанската опозиција спие, значи имаме еден процес кога албанското население почна да ја игра улогата на опозиција во Македонија зашто немаме опозиција.

„Македонската опозиција спие, албанската опозиција спие, значи имаме еден процес кога албанското население почна да ја игра улогата на опозиција во Македонија зашто немаме опозиција“, вели Синани.

Не се ништо ново протестите против одредена судска одлука, ниту, пак, против албанскиот политички естаблишмент, вели политичкиот аналитичар Сашо Клековски. Според него, јасно е дека меѓу етничките Албанци постои незадоволство од начинот на кој двете клучни албански партии ги водат работите, но исто така не верува дека постои простор ваквата ситуација да ја искористи трет политички субјект.

Неколку пати се обидоа да го направат други партии, се обиде Нова демократија на Имер Селмани, се обиде и НДП на Руфи Османи, но и таму по почетниот успех, главно локализиран во Полог, таа политичка партија не го продолжи својот раст.

„Неколку пати се обидоа да го направат други партии, се обиде Нова демократија на Имер Селмани, се обиде и НДП на Руфи Османи, но и таму по почетниот успех, главно локализиран во Полог, таа политичка партија не го продолжи својот раст“, вели Клековски.

Иако не очекуваат евентуални последици врз стабилноста на владината коалиција, сепак експертите предупредуваат дека интегративците треба сериозно да ги сфатат пораките на незадоволните граѓани од протестите.

„ДУИ ќе има големи проблеми и мислам дека знаците преку протестите треба да ги сфаќаат многу сериозно. Ако добиле 160 илјади гласови би требало и така да се однесуваат кон граѓаните и кон проблемите и спрема судството и спрема охридскиот договор“, вели Синани.

Гледајќи го одѕивот на протестите, Клековски вели дека политичките партии се дистанцираа од нив. Сепак, се согласува дека двете најголеми албански партии треба да го прифатат ова како знак на недоверба на која треба да се посвети внимание.

„Веројатно албанските политички партии веќе успеаја од лошиот почеток на протестите, тие малку по малку да се канализираат кон мирни протести“, вели Клековски.

Со реакции на протестите викендов се јавија владејачките партии. Од ВМРО-ДПМНЕ ги осудија директните или индиректни обвинувања, инсинуации и предрасуди на дел од албанските медиуми кои пресудата во случајот Монструм ја прикажуваат како политичка или партиска. Од ДУИ апелираа до сите инволвирани страни максимално да се воздржат од насилство и посочија дека ваквите настани не помагаат ниту во процесот, ниту на осудените, ниту на семејствата.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG