Достапни линкови

Меѓуетничката поделеност и поскапувањето, најкоментирани


Протестите за случајот „Монструм“, ја покажуваат длабоката поделеност на општеството по меѓуетничката линија. А поскапувањата се втората актуелна тема на нашата интернет страница.

Коментарите на нашата веб-страница, по „блиските средби“ на полицијата со демонстрантите против пресудите за случајот „Монструм“, ја покажуваат длабоката поделеност на нашето општество токму по меѓуетничката линија.

Независно од насилните барања на демонстрантите, факт е дека многу е разнишана довербата во македонските судови.

Стојко од Подржикоње смета дека, да биле македонски деца, како што пишува, досега половината ќе биле в болница, а другата половина во полиција. „Еве ви го патриотот Груевски.... “, завршува Стојко.

Протести за случајот Монструм.

Протести за случајот Монструм.

Мајка од Скопје прашува зошто „не искажаа револт кога беа убиени невините деца кај Смиљковско езеро, тогаш не беа нивни, не беа Албанци“. Малку повеќе разум се гледа во пораката на граѓанин потпишан како Македонец: „Независно од насилните барања на демонстрантите, факт е дека многу е разнишана довербата во македонските судови“.

ЕВН, особено ЕЛЕМ и МЕПСО да си го решат проблемот со превработеноста (напикани партиски војници), а не недомаќинското работење да им го покрива народот.

Поскапувањата се втората актуелна тема, а Радио Слободна Европа на македонски во прилогот ја интересира како тоа никој не реагира на поскапувањата и покрај големата сиромаштија на граѓаните. Незабеган употребил црн хумор како своја реакција: „Но затоа поевтинуваат кавијарот и погребалните услуги на ЈП Гробишта Бутел“. Бургија препорачува „ЕВН, особено ЕЛЕМ и МЕПСО да си го решат проблемот со превработеноста (напикани партиски војници), а не недомаќинското работење да им го покрива народот“, а Правда од Скопје смета дека сите знаеме дека и да се самозапалиме во знак на протест на лудориите на денешницата, никој нема да се помрдне и да се обиде да го разбере обичниот граѓанин.

„Милионски споменици и музеи, досудени илјадници години затвор за само две години, однапред осудени акции од партијата на власт ставени во фамозниот ОТЧЕТ кажуваат се: овде нема место за дијалог! Или ќе слушаме или стапот ќе ни заигра на врата! Ете, тоа е „демократска Македонија денес!“, резигнирано извикува Правда.

И нашата анализа „Фрижидерот на телевизорот не му верува“ се однесува на главната болка на граѓаните сиромаштијата, покрај помпезно најавуваните економски успеси на власта. Ацки коментира дека во 2003 со платата можел да купи 1000 литри нафта, а сега со 20 отсто поголема плата можел да купи само 500 литри. „Владата е дел од проблемот, а глобалните случувања допрва ќе ги сеќаваме“, напишал Ацки. Ама затоа народот му верува на Грујо, го надополнил насловот на анализата редовниот Незабеган, па додал: „Обично велат, гладен стомак крева револуција, ама не во Грујовистан, каде што народот е зомбиран преку Грујовизиите....“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG