Достапни линкови

„Косите на моликата“ - нов документарец на Петар Ставрев


„Косите на моликата“ е насловен новиот документарен филм на битолскиот новинар и фоторепортер Петар Ставрев снимен неодамна за телевизија „Орбис“. Делото е посветено на 175 годишнината од откривањето на моликата, петтоигличестиот бор на Пелистер од страна на германскиот ботaничар Аугуст Гризебах. Паралелно со промоцијата, на Ставрев во текот на минатата недела, му се случија и две тематски различни фото-изложби на културни манифестации одржани во родната Битола и во Струга.

На 2 јули се навршија 175 години од кога германскиот ботаничар Аугуст Гризебах, во тогашна Румелија, на падините на Баба планина, поточно на масивот Пелистер, ја откри моликата – петто игличестиот бор pin speuce. По тој повод телевизија Орбис, на мој текст, подготви документарен филм што по промоцијата во Домот на културата во Битола ќе се најде на програмата на оваа и на други телевизии во Македонија.

Направив обид, една убава млада битолчанка, манекенка, во невестински фустан...да ја однесам на Пелистер и да ја прошетам низ нејзини карактеристични површини и да кажам дека онолку колку што е невестата убава во таа природа, толку е и моликата убава во истата таа природа.

Вака, неуморниот ветеран и вљубеник во Пелистер, новинарот и фоторепортер Петар Ставрев, ќе ја започне приказната за својот нов документарец. Тој појаснува дека во реализацијата на филмот учествуваат проф. д-р Никола Христовски, кој имал можност пред неколку години да го посети музејот на Гризебах во Гетинген каде што е изложена моликата што тогаш ја открил, д-р Сашо Кедев кој говори за значењето на планината во медицината и претставници на националниот парк Пелистер. Вели дека, во получасовниот филм, се обработени и најкарактеристичните предели на моликата и каде што е назначено дека таа се повеќе се шири во горниот дел на планината и веќе достигнува во нејзините височини до 2601 метар.

Сепак, како стар лисец, новинарот знае да каже дека текстот не е само документаристички, туку и по малку поетичен. Онака како и што му доликува на преубавиот Национален парк.

„Направив обид, една убава млада битолчанка, манекенка, во невестински фустан...да ја однесам на Пелистер и да ја прошетам низ нејзини карактеристични површини и да кажам дека онолку колку што е невестата убава во таа природа, толку е и моликата убава во истата таа природа. Затоа и филмот е наречен „Косите на моликата“.“

Напоредно со промоцијата на документарецот, на Петар Ставрев, во самое една недела му се случија и две тематски различни фото-изложби на исто толку културни манифестации. Во родната Битола тој наново претстави дел од она што катадневно го лови неговиот фотоапарат на вечната инспирација Пелистер, а во Струга, пак, во рамките на поетската манифестација „Бранувања“, во петокот на 4 јули, беше отворена неговата изложба со мотиви од македонскиот фолклор снимени претежно на фестивалот „Илинденски денови“.

​„Јас оваа манифестација ја снимам скоро од нејзиниот почеток и имам безброј фолклорни мотиви кои што се карактеристични не само за нашето поднебје туку и за останатите балкански земји кои што учествуваат на овој настан. Исто така, презентирани се и разни етнолошки предмети застапени на Фестивалот и други елементи со кои тој како „Илинденски денови“ ќе биде прикажан во едно светло кое што насекаде побудува голем интерес. “

Роден 1941 година, Петар Ставрев во новинарството влегол како соработник и потем уредник на повеќе информативни, музички и културни емисии во Радио Битола. По деценија и половина поминати во овој електронски медиум станува дописник на дневниот весни „Вечер“ и таму до израз доаѓа неговата огромна љубов и порфесионалниот однос кон фотографијата.

Покрај текстовите тој ги потпишува и фотографиите на репортажите од повеќе од дваесеттина земји во светот, а нема настан што го следел во земјава за кој самиот не снимил и фотографија. Како фотоаматер учествувал на безброј групни фото-изложби на кои има освоено и грст поединечни награди, а во еден мандат бил и претседател на Фото-сојузот на Македонија.

Својата преданост на фотографијата ја преточува низ планинарството, посебно при освојувањето на неколку познати европски врвови, меѓу кои и највисокиот во Европа – Мон Блан. Сепак, љубовта кон Пелистер ги надминува сите негови авторски дела во таа област, зашто низ постојаниот престој на падините на оваа планина, во сите годишни времиња, создадени се дела што ја отсликуваат неговата умешност за откривање и креативно документирање на нејзините убавини.

Конечно, Ставрев организирал повеќе самостојни изложби, неговите фотографии се застапени во монографии, литературни дела, публикации, часописи, ревии и весници, а малкумина знаат и дека е неуморен колекционер на носачи на звук ( посебно винилски плочи) кој во сопствената фонотека поседува бројни ретки изданија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG