Достапни линкови

logo-print

Судири меѓу полицијата и демонстрантите, десетици повредени


Демонстрантите фрлаа со камења, тули, шишиња и пиротехника кон полицијата, од друга страна полицајците одговараа со солзавец, шок бомби и водени топови.

Ситуацијата во Скопје во моментов е смирена, но сè уште тензична, по насилствата што избија меѓу полицијата и демонстрантите на протестите поради незадоволството од судската пресуда за случајот Монструм. Во МВР соопштуваат дека 20-тина повредени полицајци, и неколкумина демонстранти, а шестмина учесници во протестите се приведени.

Дел од полициските службеници се со тешки телесни повреди. Околу карактерот на повредите ќе чекаме да се произнесат соодветни медицински лица, тоа што можеме да го кажеме во моментов е дека не станува збор за живото-загрозувачки повреди.

„Дел од полициските службеници се со тешки телесни повреди. Околу карактерот на повредите ќе чекаме да се произнесат соодветни медицински лица, тоа што можеме да го кажеме во моментов е дека не станува збор за живото-загрозувачки повреди“, изјави на прес конференција Иво Котевски, портпарол на МВР.

​Возила на итната помош и санитетски полициски возила постојано превезуваа повредени за време на насилните судири. Од една страна демонстрантите фрлаа со камења, тули, шишиња и пиротехника кон полицијата, од друга страна полицајците одговараа со солзавец, шок бомби и водени топови.

По насилствата Чаир и Бит Пазар останаа со искршени излози на дуќани, оштетени возила, превретени и запалени контејнери и камења и тули по улиците. Комуналните служби веќе го расчистуваат теренот.

Дел од жителите на Чаир изразија незадоволство од однесувањето на полицијата, но и од власта.

„Јас немам ништо против нив. Груевски и Ахмети треба да дојдат и да ги смират, ако не можат на овој народ 2 милиони да ги смири, да ги држи, да им најде работа, нека идат да работат, а не да трчаат по асфалт и да не тепаат по дома, ние сме пред куќа веќе немаме каде“, вели жител на Чаир.

Груевски и Ахмети треба да дојдат и да ги смират, ако не можат на овој народ 2 милиони да ги смири, да ги држи, да им најде работа, нека идат да работат, а не да трчаат по асфалт и да не тепаат по дома, ние сме пред куќа веќе немаме каде.

Протестите почнаа околу 13:30 пред Јаја-Паша џамијата во скопски Чаир каде што се собраа неколку илјади луѓе, претежно млади Албанци, незадоволни од пресудите во случајот Монструм. Групата дополнително се зголеми на Бит Пазар каде што им се придружија нови демонстранти. Протестот беше најавен преку социјалните мрежи и започна веднаш по завршувањето на петочната молитва во џамиите. Меѓу луѓето што протестираа имаше роднини на осудените во случајот Монструм.

Протестите беа мирни сè додека демонстрантите не дојдоа до Основниот суд Скопје 1, каде што почнаа да фрлаат со камења и тули кон зградата на судот и кон полицијата што го обезбедуваше. Во моментот кога толпата се обиде да го пробие полицискиот кордон, дел од демонстрантите ги нападнаа снимателите, фоторепортерите и новинарите, не дозволувајќи им да снимаат. Од Основниот суд Скопје 1 - Скопје во меѓувреме информираат дека се оштетени неколку прозорци на зградата, но не е повреден ниту еден вработен во судот. Вработените останале на своите работни места, а материјалната штета допрва ќе се утврдува.

Групата потоа се упати кон владата, но кај Трговскиот центар Мавровка стотина полициски специјалци, придружувани од оклопни возила и водени топови ги спречи и со употреба на солзавец и шок-бомби ги потисна кон Бит Пазар, па потоа и кон населбата Чаир, каде што демонстрантите се разбегаа по тесните улички или кон своите домови.

Полицијата соопшти дека врз основа на сопствените снимки, но и снимките од медиумите ќе продолжи да работи на идентификација и на останатите хулигани кои учествуваа во насилните инциденти и ќе ги преземе сите мерки против нив.

Демонстрантите извикуваа „Ние не сме терористи“, „Јанкулоска терорист“, „Голема Албанија“, „полициска држава“,”Алах е голем“, „Али предавник“, „Али куче“. Гневот, освен кон полицијата, беше насочен и кон првиот човек на ДУИ. За РСЕ...

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG