Достапни линкови

Дневен печат - Поскапувања и вонинституционална опозиција


Последните поскапувања на лебот, струјата и цигарите и вонинституционалното делување на опозицијата се дел од темите во дневните весници.

Веројатно само за кратко стивна метежот во медиумите во врска со преговорите власт-опозиција, па Утрински регистрира: „Кризата замрзната поради турнеите на Груевски и на Заев“, па дополнува дека нема поместување во позициите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ околу прашањето за техничка влада.

Вонинституционална опозиција - Со собрание и влада во сенка СДСМ ќе брка гласови.
Дневник.

Инаку, Груевски е на турнеја низ Далечниот Исток, пак во потрага по инвестиции, а Заев со сопартијците од Велес „Тргна во освојување на слободата - со одржување серија трибини“, како што пишува Слободен печат, со кои на граѓаните ќе им ја објаснува стратегијата за вонпарламентарното дејствување.

За тоа пишува и Дневник, чија информација е насловена: „Вонинституционална опозиција - Со собрание и влада во сенка СДСМ ќе брка гласови“.

Летен удар врз џебот на граѓаните - поскапеа струјата, лебот, цигарите...
Утрински весник.

Токму како што насловува Утрински, се случува „Летен удар врз џебот на граѓаните - поскапеа струјата, лебот, цигарите...“ Весникот притоа забележува дека нашите граѓани и без тоа се меѓу најниско платените во Европа.

Исто така Утрински информира дека „Макстил и натаму труе“ и потсетува дека прашината и неподносливиот мирис од челичарницата ќе се шират на скопското небо најмалку до 31 октомври, до кога е вториот рок на компанијата за еко-стандардизација. Инаку, Светска банка пред некој ден повторно алармираше дека воздухот во Македонија е еден од најзагадените во Европа.

Нова Македонија ја третира особено актуелната тема деновиве, и кај нас и во Европа и светот, за радикалниот исламски фундаментализам: „Невидливиот шеик сака три континенти“ е насловена информацијата во која се наведува дека по формирањето на својата Исламска држава, милитантите од Блискиот Исток преку социјалните мрежи го најавуваат интернационалниот џихад.

Само Слободен печат пишува дека протестите против пресудите за тероризам во случајот Монструм се закажани за в петок, по пладневната молитва и дека „Протестите за Монструм се со висок ризик, и Ахмети бара помош од странците?“

Вечер информира дека за четири месеци во државата влегле 109,5 милиони евра странски инвестиции.

Во врска со Охрид, конечно власта го објави извештајот на Унеско по ланската експертска инспекција на Охрид, пишува Утрински: се дознава дека УНЕСКО бара пониски градби на Плаошник и дека Министерството за култура прифатило наместо 16 да се градат само шест објекти. Инаку, постоеше опасност градот да биде тргнат од листата на УНЕСКО на светско културно наследство.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG