Достапни линкови

Македонија очекува полуфинале на ЕП во кајак на диви води на Матка


По 10-годишна пауза, Македонија повторно ќе биде домаќин на Европско првенство во кајак на диви води што од утре со 6 јули се одржува на Матка кај Скопје.

По 10-годишна пауза, Македонија повторно ќе биде домаќин на Европско првенство во кајак на диви води. Овој пат големиот настан ќе се одржи од 3 до 6 јули на СРЦ Матка крај Скопје, каде што за титулите најдобри на Стариот континент ќе се борат јуниорите до 18 години и сениорите до 23 години.

Ќе направиме сè за оваа манифестација, односно овој спектакл на вода да биде онака како што заслужува да биде.

Имајќи го предвид и претходното искуство, организаторите се убедени дека успешно ќе ја завршат задачата и дека Македонија ќе се претстави во извонредно светло, за што, според спортскиот директор на Кајакарската федерација на Македонија, Атанас Николовски, адут им се и пофалбите кои веќе пристигнале на нивна адреса.

Јас од овие четворица натпреварувачи очекувам да влезат во полуфиналните возења, што е еден огромен успех да се биде меѓу првите 30 од една толкава огромна бројка во еден поединечен спорт.

„Претставникот од Европската кајакарска асоцијација, Андреј Јеленц од Словенија, е задоволен од досегашните подготовки. Имавме и состанок со водачите на екипите и тие се презадоволни од Матка како дестинација за овој спорт. Нè пофалија и рекоа дека е една од подобрите дестинации каде што биле досега. Така што ете, ние како (македонска кајакарска) федерација ќе направиме сè за оваа манифестација, односно овој спектакл на вода да биде онака како што заслужува да биде“, рече Николовски.

За натпреварувачкиот дел најавено е учество на повеќе од 370 кајакари од 28 земји. Тие ќе настапат во три дисциплини во машка (К1, Ц1 и Ц2) и две во женска конкуренција (К1 и Ц1), а за титулите ќе се борат и освојувачи на медали на врвните сениорски натпреварувања.

„Не би згрешил ако кажам дека тука се најдобрите и од целиот свет. Тука го имаме Јиржи Прскавец, кој има 21 година, а веќе е светски сениорски вицепрвак. Се натпреварува во сениорскиот состав на Чешка. Тука го имаме Брус Симон од Словенија, младински олимписки шампион, како и европски шампион до 23 години, така што, конкуренцијата е страшна“, додаде Николовски.

Кога се во прашање македонските адути, пак, нашиот тим ќе го сочинуваат 6 кајакари и една кајакарка. Тие, ова Еуро, пред сè ќе треба да го искористат за стекнување искуство, а со тоа и за постигнување најдобри лични и државни резултати. Најдобриот македонски кајакар во последната деценија, очекува тоа да биде случај пред сè во тимските возења, а на поединечните трки вели дека би ги издвоил тројцата сениори до 23 години, Игор Стефановски, Борче Мирчевски и Иван Делиев, како и младиот Александар Златаров, кој ќе се натпреварува во јуниорската конкуренција.

„Јас од овие четворица натпреварувачи очекувам да влезат во полуфиналните возења, што е еден огромен успех да се биде меѓу првите 30 од една толкава огромна бројка во еден поединечен спорт“, истакна на крајот Атанас Николовски.

На ЕП ќе настапат и јуниорите Мартин Лазевски и Димитар Велковски, како и јуниорката Кристина Бубунска.

XS
SM
MD
LG