Достапни линкови

„Поврзани субјекти“ на Матовска во Мала станица


Macedonia - Anna Matovska, painter and photographer.

Macedonia - Anna Matovska, painter and photographer.

„Related Parties“ е насловена изложбата на уметницата Ана Матовска, која нецели две години по поставувањето во Македонскиот центар во Њујорк, ќе ја види и македонската публика. Поставката, што најсоодветно може да се преведе како „Поврзани субјекти“ и која реферира на поседување на свој сопствен свет, став и исказ по однос на одредени прашања од реалноста, односно доследно дистанцирање од нив, ќе се одржи од 3 до 17 јули во Националната галерија на Македонија – објект Мала станица.

Примарен мотив што е присутен во сликите и во фотографиите на Ана Матовска е третманот на женската фигура, било да станува збор за реален модел или, пак, за модел на кукла. Делата од изложбата „Related Parties“, различни според техничката реализација, се поврзани меѓу себе според естетскиот сензибилитет и според изборот на темите.

Од аспект на психолошко-социјални-културолошки толкувања на виделина излегува една повеќеслојна суптилна, и се разбира субјективна, критика на современоста и нејзините продукти и стереотипи.

Ова, меѓу другото, ќе го запише Маја Чанкуловска Михајловска во текстот од каталогот за поставката на Матовска, која домашната ликовна публика ќе има можност да ја проследи од 3 до 17 јули во Националната галерија на Македонија – објект Мала станица.

„Иако Ана Матовска инсистира на субјективноста на својот сопствен свет, сепак на еден контрадикторен начин, тенденциозно со бегање од реалноста создава всушност спротивен ефект. Од аспект на психолошко-социјални-културолошки толкувања на виделина излегува една повеќеслојна суптилна, и се разбира субјективна, критика на современоста и нејзините продукти и стереотипи.“

Автопортретите се интересни за нас уметниците бидејќи како творци најмногу себе се познаваме и најинтересно е сами себе да се проучуваме за да дојдеме до суштината.

Чанкуловска Михајловска појаснува дека насловот на изложбата на Матовска - „Related Parties“, која патем премиерно беше претставена во 2012 година во Галеријата на Македонскиот центар во Њујорк, најсоодветно на македонски може да се преведе како „Поврзани субјекти“. Притоа дополнува дека токму именката „субјекти“ и придавката „поврзани“ се всушност означувачките елементи на делата претставени на постановката, а кои се работени во неколку циклуси во последниве пет години.

„Овој симболичен наслов реферира на инсистирање на субјективизам, поседување свој сопствен свет, став и исказ по однос на одредени прашања од реалноста, односно доследно дистанцирање од секојдневието.“

А уметницата Матовска, пак, вели дека всушност се работи за концептуална изложба различна според техничката реализација.

„Станува збор за концептуална изложба различна според техничката реализација во која темата е женската фигура. Како што е впрочем и куклата Барби – имагинарна женска фигура и букви и симболи.“

Родена 1982 година во Скопје, Ана Матовска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности, отсек графика и графички дизајн во класата на проф. Димитар Малиданов. Од 2007 година е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), а на крајот на првата декада од новото столетие заминува да работи и живее во Берлин, Германија.

Минатата година ја заврши Berliner Technische Kunstschule (Akademie für Gestaltung), отсек за комуникација и дизајн и стана член на Професионалната асоцијација на визуелни уметници на Берлин (Professional Association of Visual Artist Berlin - bbk berlin e.V.)

Досега реализирала пет самостојни изложби од кои три во Берлин и по една во Скопје ( 2007) и Њујорк (2012) и учествувала на 14 групни постановки во земјава и во странство.

Таа е добитник на Годишната награда за графика на ДЛУМ „Димче Николов“ ( 2007) и Државната награда за Плакат за „60 години АСНОМ“ ( 2005).

Во моментов Матовска работи на својот автопортрет, голема слика со димензии 2 на 1,5 метри - акрил на платно со која што во септември годинава е поканета да се претстави на Уметничкиот саем во Бон.

„Со изложбата „Related Parties“ се занимавам веќе пет години и полека преминувам на автопортретот. Ми се чини дека автопортретите се интересни за нас уметниците бидејќи како творци најмногу себе се познаваме и најинтересно е сами себе да се проучуваме за да дојдеме до суштината. “

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG