Достапни линкови

logo-print

Со измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, власта се обидува да ја промовира МАН и да го намали значењето на ЗНМ, велат од Здружението на новинари.

Здружението на новинари на Македонија е незадоволно од предложените измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кои денеска по скратена постапка се поставени на собраниска седница.

Во ниту една демократска земја медиумските закони, не се носат без јавна расправа и без присуство на опозиција во парламентот, заради важната улога што ја имаат медиумите во секое демократско општество.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани вели дека измените се носат нетранспарентно и без сериозно образложение. Тој бара измените да се повлечат од собраниската процедура и да им се даде можност на новинарските и медиумските организации да се произнесат за нив.

Еврокомесарот Штефан Филе и претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани.

Еврокомесарот Штефан Филе и претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани.

„Во ниту една демократска земја медиумските закони, не се носат без јавна расправа и без присуство на опозиција во парламентот, заради важната улога што ја имаат медиумите во секое демократско општество“, изјави Селмани.

Очигледно ние не им влегуваме во нивната шема, очигледно дека имаат симпатии за другото здружение и практично проблем им се нашите ставови, начинот на нашето делување и нашите политики.

Со измените се предвидува, покрај најголемото новинарско здружение, односно ЗНМ, место во Програмскиот совет на Македонската радио телевизија, да добие и второто по големина здружение, односно Македонската асоцијација на новинари. Законот сега предвидува ЗНМ да предложи два члена на Советот, а со измените ЗНМ и МАН ќе предлагаат по еден член. Селами вели дека е очигледно дека власта се обидува да ја промовира МАН и да го намали значењето на ЗНМ.

„Очигледно ние не им влегуваме во нивната шема, очигледно дека имаат симпатии за другото здружение и практично проблем им се нашите ставови, начинот на нашето делување и нашите политики“, вели Селмани.

До објавувањето на текстот не успеавме да добиеме став од МАН во врска со предложените законски измени.

Новост во законот ќе биде и тоа што семејствата што примаат социјална помош се ослободуваат од плаќање радиодифузна такса. Тоа, според ЗНМ, е упад во финансирањето на Македонската радио телевизија.

„Ако Владата сака да ги ослободи социјалните случаи од плаќање на радио-дифузна такса, тогаш тој дел од таксата треба да му ги надомести на МРТВ.“

Селмани вели дека во работната група која има задача да изнајде решение за одржливо финансирање на МРТ не е разговарано за ова и прашува која е тогаш смислата на нејзиното формирање.

„Поради ваквите непромислени постапки вината за драматичното паѓање на Македонија на светските ранг листи за слободата на изразување, владата не треба да бара дежурни виновници, туку вината треба да ја бара во сопствените редови.“

Селмани повторно побара да се вклучат забелешките на ЗНМ во однос на законот, пред сè за намалување на казните за медиумите и за законско регулирање на владиното рекламирање.

Измените предвидуваат и инструменталната музика да се смета при исполнувањето на обврската на телевизиите да пуштаат домашна музика. Досега за исполнување на обврската се сметаше само емитувањето вокални или вокално-инструментални нумери.

Законот, и покрај острите критики од голем дел од новинарите, медиумите и од медиумските здруженија беше донесен кон крајот на минатата година, а стапи во сила на почетокот на годинава. Дваесетина дена подоцна беа изгласани измени на законот со кои покрај на најголемото медиумско здружение, односно ЗНМ, и на второто по големина новинарско здружение, односно Македонската асоцијација на новинари, му се даде место во Советот на новоформираната Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Сега, пак, едно место во Програмскиот совет на МРТ му се дава на МАН, на сметка на ЗНМ.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG