Достапни линкови

Доживотен затвор за шестмина обвинети во „Монструм“


Доживотен затвор за шест обвинети и една ослободителна пресуда, пресуди денеска судот во случајот Монструм. Според Судот, делото било добро испланирано и извршено на свиреп начин.

Доживотен затвор за шестмина обвинети и една ослободителна пресуда, пресуди денеска судот во случајот Монструм. Според Основниот Суд Скопје 1 делото било добро испланирано и извршено на свиреп начин. Само обвинетиот Сејди Рами поради недоволно цврсти докази е ослободен.

И покрај различната етничка припадност на обвинетите и на убиените, постапка не треба да влијае на меѓучовечките односи.

Пресудата за случајот Монструм требаше да биде донесена минатата недела, но рочиштето беше презакажано за денес, поради болест на главниот судија Ивица Стефановски. Тој пред судот порача дека и покрај различната етничка припадност на обвинетите и на убиените, постапка не треба да влијае на меѓучовечките односи.

Семејствата и на обвинетите и на убиените пресудата ја дочекаа мирно. Пред Судот има големо полициско присуство, но нема протести, иако се шпекулираше дека може да има.

Сега веќе осудените Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се уште не се екстрадирани од Косово, кадешто одлежуваат казна затвор за недозволено поседување оружје.

Алил Демири, браќата Агим и Африм Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Сејди Рами, Хаки Азири, Сами Љута беа обвинети за петкратното убиство кое на 12 април 2012 година пред Велигден се случи на Смиљковското Езеро.

Според Обвинителството, мотивот за свирепото убиство е предизвикување страв и несигурност кај граѓаните.

Фејзи Азири бил концесионер на имотот близу езерото, според обвинението тој со Сејди Рами, со Агим Исмаиловиќ и со уште тројца непознати лица го разгледувале теренот, односно регистрирале колку лица доаѓаат, од која националност се, на која возраст, кога доаѓаат и кога си одат од езерото. Судот утврди дека директни извршители на убиството се Алил Демири и браќата Исмаиловиќ кои истовремено од пиштол и од автоматски пушки на растојание од еден ипол метар од телата на младите момчиња испукале повеќе куршуми кои биле кобни за нив. Убиен е и рибарот Борче Стефковски.

Судењето почна на 20 декември 2012, а досега беа одржани 37 рочишта.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG