Достапни линкови

Брет - Да се создадат услови опозицијата да се врати во Парламентот


Очекуваме дека двете страни ќе тргнат од реална платформа, не само да разменат максималистички позиции и ќе се обидат да создадат услови што ќе овозможат опозицијата да се врати во Парламентот бидејќи парламент без опозиција е нецелосен, вели амбасадорот на ОБСЕ во Македонија, Ралф Брет во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Амбасадоре Брет, по толку многу суштински забелешки што ги испорача ОБСЕ по изборите за функционирањето на демократските процеси во државата, кои чекори можат да ја подобрат демократската клима во земјата и кои од нив гледате дека се направени?

Кога зборуваме за ОДИХР, зборуваме се разбира за изборите, тоа значи дека извештајот кој сè уште го очекуваме, ќе се фокусира на последните избори, но и прелиминарниот извештај потенцираше одредени проблеми, недоволната одвоеност на државата и партијата, заплашувања на гласачите и медиумската покриеност, но се разбира има и многу други прашања кои што не се поврзани со изборите, како што е дијалогот меѓу владата и опозицијата. Мислам дека во моментов тоа е најважно прашање.

Сега има повторно дијалог меѓу власта и опозицијата, што очекувате дека ќе произлезе од него?

Очекуваме дека двете страни ќе тргнат од реална платформа, не само да разменат максималистички позиции и ќе се обидат да создадат услови што ќе овозможат опозицијата да се врати во Парламентот бидејќи парламент без опозиција е нецелосен.

Меѓутоа сè уште не се исполнети ниту сите обврски од претходниот договор што го постигнаа власта и опозицијата, а којшто се однесуваше на настаните од 24 декември и така функционира тој дијалог кој секогаш исполнува само краткорочни цели. Каде е проблемот за ова ниво на капацитет на политичките елити во земјава?

Не ги гледам резултатите од договорот од 1 март толку негативно. Се согласувам дека не е сè исполнето, но барем се постигна опозицијата да се врати и беa донесени одредени заеднички одлуки, но се согласувам дека политичкиот процес е секогаш со „обиди и грешки“ и сите инволвирани актери мора да научат дека сè уште треба да се развива демократска култура.

Многу сериозни проблеми во државава коишто ги забележа и ОБСЕ во својот извештај се партизираноста на државата, потоа проблемите со независноста на медиумите и судството. Каде ја гледате причината за оваа состојба во којашто сме доведени и каде го гледате решението?

Тоа што ОБСЕ/ОДИХР во набљудувањето на изборите го потенцираше исто така делумно важи и за другите сектори во политиката, како што рековте недоволната одвоеност на партијата од државата. Мислам дека коренот е во менталитетот на победници и поразени. Тенденцијата е победниците, оние кои освоиле мнозинство ја преземаат целосната моќ и преземаат силна контрола. Решението би било во тоа да се развие култура на поголема вклученост на опозицијата, поголема вклученост на одлуките и поголема вклученост на правата на опозицијата.

Обично сè завршува на формални потези и нивно презентирање како напредок, меѓутоа граѓаните не живеат слободно, во смисла дека многу нивни права се загрозени, дел од нив споменав во претходното прашање. Дали е тоа причината за сè подиректните пораки што ги упатува меѓународната заедница за напредокот во исполнувањето на реформите?

Начинот на којшто меѓународната заедница е вклучена во дијалогот со владата, владините институции, другите политичари, локалните институции е секогаш различен. Тоа значи дека постојат доверливи разговори и тие се некогаш појавни, подиректни. Тоа зависи од ситуацијата и од тоа дали се очекува поголем ефект. Не знам дали постојат посилни забелешки во последно време, но се користат секогаш сите можности.

Се приближува есенскиот извештај на Европската комисија и септемврискиот самит на НАТО каде што не очекуваме некои позначајни поместувања во однос на нашите интеграции. Може ли да се каже дека властите во Македонија прават сè за да се приближиме кон овие меѓународни организации?

Морам да кажам дека ОБСЕ не е директно вклучена во процесот на приклучување кон НАТО и ЕУ, не е во можност да донесува одлуки во врска со пристапувањето, но ние секако го гледаме тоа како важна компонента на развојот. Што се однесува на НАТО, морам да кажам дека земјата е многу блиску до членство и потребно е само еден проблем да се реши. Мислам дека досега многу е направено. Слушам од колегите од НАТО дека хармонизацијата во делот на командната структура и армискиот систем се унапредува. Што се однесува на ЕУ, патот се разбира е многу подолг, но постои препорака од ЕК за отпочнување преговори во пет наврати. Така што многу е направено, но исто така постои истиот проблем околу спорот за името и неколку други.

Има ли можност украинската криза да го забрза процесот за интегрирање во НАТО?

Целото внимание сега е свртено кон Украина и тоа ја нагласи улогата на НАТО, но не гледам директна врска украинската криза може да го забрза патот до НАТО.

Кои ризици за Македонија ги носи забавеното интегрирање во Алијансата?

Еден од ризиците е фрустрираноста на населението, а исто така и недостигот од доверба во меѓународните организации, како и поголема поделеност меѓу опозицијата и мнозинството бидејќи не постои заедничка цел ако нема конкретна перспектива преку интегрирањето во НАТО и во ЕУ, а тоа може да резултира и со меѓуетнички тензии затоа што малцинските заедници имаат поинаков став околу релевантноста на името на државата.

Меѓуетничките односи се покажаа кревки и со настаните во Ѓорче Петров, но владината коалиција функционира одлично. Гледате ли доволно загриженост и активности во самата коалиција за подобрување на меѓуетничките односи?

Можам само да го кажам тоа што е во рамките на мисијата на ОБСЕ. Се обидуваме да охрабриме многу поактивна улога. Едната е владата секогаш да делува на начин на кој се појавува, се претставува себеси како фактор на единство, на пример за државните празници тоа му го кажав и на премиерот, ние воочуваме еден многу голем дефицит во образованието, во смисла на интегрираното образование. Може многу повеќе да се направи од страна на студентите од различни етнички заедници, да направат нешто заедно, наставни програми кои се однесуваат конкретно на учењето и вонредни наставни програми како што е на пример свирење и слично... Може многу повеќе да се направи како на пример заеднички младински центри и мислам дека медиумите можат да помогнат на овој план.

ДУИ вели дека евроинтеграциите се услов за нејзино останување во владата. Какво влијание може да има оваа порака врз меѓуетничките односи?

Се разбира кога зборуваме со политичките партии, слушаме дека постојат идеи дека ако интеграцискиот процес не функционира, може да се очекува, мислам на албанскиот коалициски партнер во владата, дека може да се очекува преиспитување на нивната иднина во владата. Но, одлуките се носат во моментот, тешко е да се прават проекции за иднината кога ќе треба да се разгледаат сите околности во тој момент. Не би сакал да правам предвидувања во моментот, но ако евро-атлантските интеграции се приоритет, тоа може да влијае врз партиите во владата и кохезијата во коалицијата.

XS
SM
MD
LG