Достапни линкови

Решение на црковниот спор, па посета на Вартоломеј


Патријархот Вартоломеј нема да ја посети Македонија додека спорот меѓу Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Српската православна црква не биде решен, бидејќи нема да може да се служи заедничка литургија, рече Вартоломеј на денешната средба со претседателот на македонското Собрание Трајко Вељаноски.

Вељаноски, пренесувајќи ги поздравите од архиепископот на г.г. Стефан, изрази надеж дека патријархот Вартоломеј ќе даде свој придонес за МПЦ-ОА да го најде соодветното место во православниот свет.

Патријархот Вартоломеј рече дека за време на минатогодишната прослава во Ниш, претствници на СПЦ повториле дека спорот меѓу МПЦ-ОА и нивната црква има врска со ослободувањето на Јован Вранишковски.

„Нашите српски браќа постојано повторуваат дека ова има врска со ослободување од затвор на владиката Јован. Без да се ослободи на оваа тема не може подлабоко да се разговара. Вашиот одговор го знам, но доколку има добра намера од двете страни ова ќе може да се надмине“, смета Вартоломеј.

Во рамки на официјалната посета на Турција, Вељаноски имаше средби и со претседателот на Големото национално Собрание Џемил Чичек, со турскиот претседател Абдула Ѓул и со потпретседателот на турската Влада Булент Аринч.

XS
SM
MD
LG