Достапни линкови

Владата предлага осум уставни измени


Дефинирање на бракот како заедница меѓу маж и жена, прецизирање на фискалните правила во рамките на буџетот, промена на називот на Народна Банка се меѓу осумте функционални целини за кои Владата донесе Предлог одлука да се иницираат измена на Уставот на Република Македонија.

Премиерот Никола Груевски изјави дека измените се во насока на уставно допрецизирање, подобрување на квалитетот, зголемување на независноста и целосиходно функционирање на системот.

Дел од предлозите е да се промени називот на Народната банка на Република Македонија во Банка на Република Македонија, да се воведе институтот Уставна жалба, да се промени составот на Судскиот совет, создавање на Уставна можност за формирање на финансиска зона и да се дефинира Државниот завод за ревизија како уставна категорија.

„Очекуваме пошироката и експертска јавност да се вклучи во овој процес, и со аргументи и издржани дискусии да се извлече најдоброто за државата и сите нејзини граѓани, изјави премиерот Груевски.

Тој вели дека измените на Уставот ќе овозможат и попрецизно дефинирање на брачната заедница, со што ќе се утврди дека бракот е заедница исклучиво меѓу само една жена и само еден маж.

„Уставната заштита и јасната дефиниција на бракот ќе овозможи натамошна заштита на децата и афирмација на нивното воспитување во семејна средина каде носечки дел се родителите, односно таткото и мајката, со истовремена поддршка на улогата на самохраните родители“, рече Груевски.

Со измените се предлага и да се пристапи кон на воведување на уставно дефиниран максимум до кој може да се движи буџетскиот дефицит и лимитирање на јавниот долг.

Во насока на создавање на силна финансиска дисциплина премиерот појасни дека предлогот е нормирање на дефицитот на буџетот во висина најмногу до три проценти од БДП, а јавниот долг да се лимитира на ниво од најмногу 60 отсто од БДП.

XS
SM
MD
LG