Достапни линкови

ЕУ, Украина, Грузија и Молдавија - ден што ќе се памети


Украина, Грузија и Молдавија денеска во Брисел ги потпишаа клучните договори со Европската унија со кои овие три земји се приближија кон Запад. Украина потпиша договор за поблиски економски врски со Унијата, а Молдавија и Грузија за поблиски политички односи со ЕУ.

Идните генерации ќе го паметат овој ден, изјави претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпуј по повод денешното потпишување на договорите меѓу ЕУ и Украина, Грузија и Молдавија. Нашата порака е дека ЕУ е со вас и го почитува вашиот територијален интегритет, рече тој.

Ова не се какви било договори. Ова се милениумски чекори во нашите односи и за Европа во целина. Во Киев и насекаде луѓето ги даваат своите животи за поблиски односи со ЕУ. Ние нема да ги заборавиме.

„Ова не се какви било договори. Ова се милениумски чекори во нашите односи и за Европа во целина. Во Киев и насекаде луѓето ги даваат своите животи за поблиски односи со ЕУ. Ние нема да ги заборавиме“, рече тој.

При тоа, Ромпуј додаде дека во договорот нема ништо против Русија. ЕУ не бара ексклузивно партнерство со овие три земји, потврди и претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо.

„Сите сме свесни дека сакаме нашите партнерски односи и натаму да се развиваат. Ова е само почеток на патувањето меѓу ЕУ и трите партнерски земји“, рече Баросо.

Украинскиот претседател Петро Порошенко на церемонијата на потпишување на ЕУ рече дека се покажува колку драматично работите може да се променат за кратко време ако волјата на народот е доволно силна. Тој ја посвети церемонијата во чест на оние луѓе кои ги загубија своите животи за овој момент да се случи. Порошенко порача дека обединета Европа е во интерес на сите и дека тука нема противници.

Меѓу другото, договорите ќе им овозможат на овие три земји непречен пристап до пазарот на ЕУ од 500 милиони потрошувачи.

Поранешниот претседател Виктор Јанукович одби да го потпише договорот во ноември минатата година што доведе до голем револт, демонстрации и негово остранување од власта. Во март, ЕУ и Украина потпишаа договор за асоцијација по руската анексија на Крим. Токму поради тие настани и опструкциите на Москва се побрза и со потпишувањето на договорите со Грузија и Молдавија. Русија се закани со враќање на трговските бариери и со проектот Евро-азиска економска унија. Следен чекор, според премиерот на Молдавија Лурие Леанча е членството во ЕУ. Тој се надева дека Молдавија ќе аплицира во втората половина на 2015 година.

  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG