Достапни линкови

Дневен печат: Средбата Груевски - Заев со очекуван крај


Средбата Груевски-Заев е настан број еден за кој пишуваат весниците. Освен на политичката криза, весниците се посветиле и на терасата на владата и на панорамското тркало.

Сите знаеја и беше очекувано, но настанот број еден изминативе денови, средбата Заев - Груевски, заврши баш така, очекувано: Вечер наслови: „Средбата заврши без договор: Барањата се такви што секој би ги одбил“.

Преговорите се запрени, но не и завршени - се очекува нова средба и покрај лошиот почеток на дијалогот Груевски-Заев.

Утрински со трошка оптимизам: „Преговорите се запрени, но не и завршени - се очекува нова средба и покрај лошиот почеток на дијалогот Груевски-Заев“ и дека „лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ се сопнаа очекувано на опозицискиот услов за формирање техничка влада“.

И Нова Македонија оди со сличен наслов: „Условувањето на Заев неприфатливо за Груевски - Груевски и Заев не најдоа заеднички јазик“. Дневник во повеќе изданија го следи неуспешниот политички дијалог: „Груевски: Нема техничка влада за СДСМ“, „Заев упорен да ја поништи волјата на 635.000 гласачи“; весникот ја објавува и писмената реакција на ВМРО-ДПМНЕ од која ја вади поентата дека „Барањето на СДСМ за техничка влада е целосно неприфатливо“.

Бетон ќе го гради тркалото за 15,5 милиони евра - ЈСП ја прифати единствената понуда на конкурсот.

Слободен печат оди со отворен наслов: „Груевски се плаши да не му ја земат власта на зелена маса - Додека Заев бара да се промени автократскиот начин на владеење , Груевски сака само на Брисел да му покаже дека преговара, коментира професорот Фрчкоски“. Слободен печат го нотира и она што другите весници, ненамерно или намерно, го превидуваат, дека „Политичката криза се решава без претседателот - Иванов не се меша во својата работа“, гласи насловот во Слободен печат.

Во меѓувреме, Утрински објави дека „Се бара фирма што ќе ја изгради терасата и прооден коридор врз старо-новата владина зграда, кој ќе чини 1 милион евра, а ќе служи за свечени приеми и коктели“. Конечно се знае кој ќе го гради панорамското тркало во Вардар, кај Камен мост: „Бетон ќе го гради тркалото за 15,5 милиони евра - ЈСП ја прифати единствената понуда на конкурсот“, објави Дневник. Весникот објавува и дека претходно било предвидено тркалото да чини нешто помалку од 12 милиони евра. И како за утеха на народот, или барем така се чини, Вечер оди со наслов: „Стартува проектот Слободен четврток, паѓаат каматите на Купи куќа, купи стан“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG