Достапни линкови

logo-print

Пренџова: Некои работи треба да се кажат сурово реално


Поетесата Елена Пренџова со промоторите Трајче Кацаров и Марина Мијаковска во Матица ексклузив.

Поетесата Елена Пренџова со промоторите Трајче Кацаров и Марина Мијаковска во Матица ексклузив.

„Политички коректна поезија“ е насловена најновата, петта по ред, стихозбирка на младата Елена Пренџова, поетесата која во 2012 година стана првата добитничка на наградата „Македонска книжевна авангарда“. Станува збор за урбана, сигналистичка поезија и за објава која на повидок наново ги изнесува нејзините стремежи за моќно „женско писмо“ кај нас. Книгата излезе како издание на „Матица македонска“, а промоцијата се обистини непосредно по наградата за нејзината „Песна за Скопје“ на актуелната манифестација „Празник на липите“.

ПОЛИТИЧКИ КОРЕКТНА ПЕСНА

си ја продавам
душата
за козметика на телото

Некои работи не треба да се кажат со политички коректни термини. Напротив треба да се искажат сурово реално за да може на нив да се делува, дејствува и да дојде до некоја промена.

асистентката на продажба
(да бидам политички коректна)
ми нуди долна облека во четири основни бои:
црна, за пред и после секс
бела, за секој ден
месо боја, да не се забележува
под проѕирни тенки, ленени маички
розова, како за девојчиња

одбивам да носам розови гаќи,
сексистички се
одбивам да носам градник месо боја,
расистички е
црната и белата не се бои

најдобро ми прилега сопствената кожа

дури и одрана.

За разлика од претходните објави овде во социјалната поезија сум подрска, поотворена и без влакна на јазикот, иронично кажано „политички коректна“.

Ова се само грст зборови откорнати од „Политички коректна песна“, песната по која Елена Пренџова ќе ја наслови својата петта стихозбирка, што како издание на „Матица македонска“ се појави деновиве. За трите циклуси поместени во неа - „Политички коректни песни“, „Хејтерски“ и „Преселби, шетања, раѓања, родендени и други прослави, но и таги“, литературниот критичар и есеист Звонко Танески, пишува дека донесуваат стихови „кои знаат добро да испровоцираат, да пецнат, да трогнат, да допрат и да предизвикаат соодветна реакција и кај најрамнодушните книжевни гурмани“.

Пренџова, пак, осврнувајќи се на својата „Политички коректна поезија“, вели дека, за овој наслов се одлучила од проста причина што смета дека во ова наше општество и премногу се инсистира токму на „политичката коректност“, та дури и тогаш кога таа не е ниту пожелна, ниту потребна.

„Некои работи не треба да се кажат со политички коректни термини. Напротив треба да се искажат сурово реално за да може на нив да се делува, дејствува и да дојде до некоја промена. Затоа токму и овој наслов е ироничен и саркастичен и ќе видат читателите дека во таа книга, всушност, не постојат политички коректни песни и можеби нема ни да најдат политички коректна поезија, ако воопшто можеме да говориме за политичка коректност во некое уметничко дело“, вели Пренџова.

Авторката појаснува дека книгата содржи неколку циклуси – циклус на социјално ангажирана поезија, социјално-политичка поезија и љубовна поезија.

„Меѓутоа за разлика од претходните објави овде во социјалната поезија сум подрска, поотворена и без влакна на јазикот, иронично кажано „политички коректна“. Исто така, во интимистичката поезија не сум толку љубовно-елегиски настроена колку што сум вознемирена, ако не и агресивно вознемирена“, вели Пренџова.

Во предвечерието на промоцијата на најновата стихозбирка, Елена Пренџова за својата „Песна за Скопје“ доби наградата на манифестацијата „Празник на липите“ што традиционално ја организира Друштвото на писателите на Македонија. За неа поетесата вели дека ја напишала неодамна и дека таа е одраз на промените што му се случуваат на градот. Притоа истакнува дека секој негов жител треба да има одреден став кон нив, независно од тоа дали тој ќе биде позитивен или негативен. Таа знае да каже дека песната едноставно излегла од неа и дека неминовно и се наметнал поднасловот „Тогаш кога Скопје станува турист во Европа“.

„Станува збор за тоа како Скопје или кој било друг град на Балканот може или не може да се пронајде во „политички коректната“ мапа на Европа“, вели таа.

И, колку за потсетување. Родена 1985 година, Елена Пренџова е автор на стихозбирките „Живот под ѕвездите“, „Пораки од морето“, „Таа“ и „Јас“, како и на „Антологијата на младата македонска авангардна поезија“. Нејзини песни се застапени во панорамски и антологиски избори на современата македонска поезија, објавени во Македонија и во странство.

Вo 2012 година младата поетеса ги доби наградата „Најдобар поет“ на првите регионални средби во Брчко, Босна и Херцеговина и големото признание „Македонска книжевна авангарда“.

Конечно, од мај годинава Пренџова, заедно со актерот Игор Трпчески, влезе во кругот на организаторите и учесниците на меѓународниот прилепски поетски слем-натпревар.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG