Достапни линкови

Сонична алхемија на д-р. Гарт Пеин во Даут Пашин амам


Гарт Пеин, музичар.

Гарт Пеин, музичар.

„Сонична алхемија“ е насловен концертот на авторска електро-акустична музика на австралискиот иноватор д-р Гарт Пеин, што во рамките на Скопско лето, ќе се одржи в четврток, на 26 јуни, во 20.30 часот, во Националната галерија на Македонија – Даут Пашин амам. Станува збор за ретко културно случување, на кое австралискиот иноватор, ќе биде придружуван од неколкумина млади македонски музички уметници.

Д-р Гарт Пеин е композитор и научник од Австралија. Тој е меѓународно признаен како иноватор на полето на интеракцијата како дел од експерименталната музика и медиумската уметност. Неговата изведувачка активност претставува основа за истражување во новите сфери на претставувањето на електронската музика.

Токму електрониката ми дозволува да ја моделирам музиката во онаа флуидна текстура со којашто можам да манипулирам. Ова ми е многу интересно композициски затоа што заличува по малку на завивање. Тоа се текстури кои имаат своја густина и стануваат флуидни во воздухот.

Досега настапувал на најзначајните светски манифестации кои ја третираат електро-акустичната музика како ISAE, In Space во Единбург, Луксембуршкиот кореографски центар, на фестивалот „Денс масив“ во Мелбурн, потем и на оној насловен како „Ear to the Earth“, на Џон Кејџ сентеншнл фестивал во Њујорк, на „Агора/Ресонанс фестивал“ во Париз и други.

Неговото творештво, освен во Австралија, е претставувано и во Европа, Јапонија, Јужна Америка, САД, Кина и на Нов Зеланд. Д-р Пеин бил претставник и на Австралискиот совет на уметност, управник, кустос и директор на „Соник рисајдс фестивал“ кој се одржува во Австралискиот центар за современа уметност и за својата активност е добитник на наградата Green room за извонреден, исклучителен и креативен придонес во музичката уметност.

Досега одржавме две проби за перформансот и можам да кажам дека станува збор за одлични инструменталисти кои ме изненадија со својата отвореност за идеите што ги донесов.

Сè до средината на 2012 Гарт Пеин предавал Дигитална музика на Универзитетот во Западен Сиднеј, за да потем стане професор по дигитална звучност и интерактивен медиум на Државниот универзитет на Аризона.

Патем, тој е член на уредништвото на Организацијата за звук при Универзитетот во Кембриџ, соработник на УНЕСКО и набљудувач во Електронската музичка фондација, во Њујорк.

Она што е, пак, најважно за нас е фактот што д-р Гарт Пеин, овој четврток, во рамките на Скопско лето, во прекрасниот амбиент на Даут Пашин амам, ќе ни го претстави својот актуелен проект насловен како „Сонична алхемија“.

„Концертот што ќе го имаме тука во Скопје се вика „Сонична алхемија“, затоа што има една цела серија композиции коишто се со фиксна форма, но сепак и полуимпровизирани. Исто така ќе има перкусии и контрабас, пијано, флејта и електронски семплови што ќе се пуштаат во живо. Токму електрониката ми дозволува да ја моделирам музиката во онаа флуидна текстура со којашто можам да манипулирам. Ова ми е многу интересно композициски затоа што заличува по малку на завивање. Тоа се текстури кои имаат своја густина и стануваат флуидни во воздухот. Електронското процесирање на музиката ми дозволува да го постигнам сето тоа. Оттаму и името „Сонична алхемија“. Значи дека претвораме нешто во нешто друго“, вели Пеин.

Австралискиот иноватор во оваа пригода ќе биде придружуван од неколкумина млади, но проверени македонски музички уметници. Перкусии и ударни инструменти во повеќе композиции ќе свири Ратко Даутовски, член на ДРАГАН ДАУТОВСКИ КВАРТЕТ и инструменталист со богато интернационално изведувачко реноме, контрабас Кирил Туфекчиевски, следбеник на славниот Вејн Дарлин од престижниот Универзитет за музика и применета уметност во Грац и инструменталист кој што настапува со сопственото трио, ЛЕТЕЧКИ ПЕКИНЕЗЕРИ, ИВАН ИВАНОВ КВАРТЕТ, ДЕЈВ ВИЛСОН СЕПТЕТ, Тони Китановски и пијанистката м-р Верица Дивитарова од Државното музичко училиште во Битола.

„Досега одржавме две проби за перформансот и можам да кажам дека станува збор за одлични инструменталисти кои ме изненадија со својата отвореност за идеите што ги донесов. Навистина имавме убава комуникација и убеден сум дека концертот ќе биде прекрасен“, заклучува Гарт Пеин, во пресрет на неговата прва средба со македонската публика.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG