Достапни линкови

logo-print

До надминување на политичката криза во земјава може да дојде само со странска помош, велат дел од аналитичарите, но нагласуваат дека меѓународната заедница го губи интересот за земјава.

Средба под притисок на меѓународната заедница. Вака дел аналитичари го толкуваат вчерашниот разговор меѓу Груевски и Заев, кој не донесе ништо, а лидерите во Клубот на пратеници влегоа знаејќи ги цврстите позиции на двете страни, од кои и по едночасовната средба не отстапија. Заев доста песимистично рече дека нивен приоритет останува техничка влада и дека ако немало подготвеност за разговор за тоа, другите нивни барања биле беспредметни. Груевски пак нагласи дека за нив ова инсистирање останува неприфатливо.

Ова очекувам да го направи некој посредник од Европската унија или од Американците.

„Груевски сака пред јавноста да се покаже како голем демократ, од другата страна Заев немаше што да изгуби од оваа средба, и мислам дека средбата повеќе беше едно шоу, одошто да се реши нешто“, вели аналитичарот Арсим Синани.

Според професор Никола Дујоски, вчерашната прва средба по несогласувањата кои се случија пред два месеца очекувано не донесе никаков напредок.

Мислам дека нивното влијание ќе станува сè помало и помало, не затоа што Македонија ќе зрее, туку затоа што ќе станува сè помалку атрактивна за нив.

„Нормално е кога се обидувате да договорите нешто ги носите сопствените максималистички барања и се обидувате да го добиете најдоброто за себе, вчера за жал тоа не се случи, за жал најверојатно ќе треба и понатаму да се разговара и најверојатно и двете страни барем малку да отстапат од своите крајни позиции“, вели Дујоски.

На прашањето, пак, што и како понатаму вчера немаа одговор ниту Заев и Груевски. Опозиционерот посочи тоа прашање да му се упатело на премиерот, а тој, пак, рече дека сега ќе разговарале во партијата околу следните чекори.

Синани очекува дека разговорите ќе продолжат, но дека претседателот Иванов нема да биде тој што ќе ги седне двете страни на маса, туку дека до тоа ќе дојде повторно со асистенција на меѓународната заедница.

„Ова очекувам да го направи некој посредник од Европската унија или од Американците, меѓутоа мислам дека поверодостојно би било Американците да ги седната на маса и да ги решат проблемите што ја тангираат Македонија повеќе од 20 години“, оценува Синани.

Тоа, пак, што и по повеќе од дваесет години самостојност и демократија сè уште за внатрешните проблеми се чека асистенција однадвор, според соговорниците, е сигнал дека Македонија не е созреана држава.

„Тоа значи дека ние сè уште си ја градиме демократијата, меѓутоа мислам дека нивното влијание ќе станува сè помало и помало, не затоа што Македонија ќе зрее, туку затоа што ќе станува сè помалку атрактивна за нив“, вели Дујоски.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG