Достапни линкови

Со филм против малолетничките бракови во Канатларци


Ученици од основно училиште „Кирил и Методиј“ од прилепското село Канатларци.

Ученици од основно училиште „Кирил и Методиј“ од прилепското село Канатларци.

„Предвремен брак“ е тема на која ученици од прилепско Канатларци подготвија краток филм, за кој добија и награда. Се одлучиле на ваква тема затоа што тоа е еден од поголемите проблеми со кои се соочуваат девојките во тој крај.

Ученици од основно училиште „Кирил и Методиј“ од прилепското село Канатларци две години по ред се добитници на престижни награди на глобалниот форум на „Мајкрософт“, што се реализираше во соработка со Адобе. Ова училиште на форумот со наслов „Партнери во учењето“ годинава го освои првото место во категоријата ’соработка‘.

Приказната е да не се жениме во млади години, оти сме мали и не знаеме многу работи и ќе ни биде потешко, ако се жениме до 18 години.

Краткиот филм „Тажната приказна на една девојка“ на ученици од основно училиште „Кирил и Методиј“ од прилепското село Канатларци.

Краткиот филм „Тажната приказна на една девојка“ на ученици од основно училиште „Кирил и Методиј“ од прилепското село Канатларци.

Учениците под менторство на својот наставник Дарко Талески го сработија проектот „Ова е мојот глас“, поточно краткиот филм „Тажната приказна на една девојка“. Педесетина ученици од училиштето ја лоцирале темата „предвремен брак“ како еден од поголемите проблеми на жителите, на младите во Канатларци, па на овој начин сакале, како што велат, да испратат порака до своите врсници да не стапуваат рано во брак, а до родителите да бидат повнимателни кон децата.

Почетната цел беше проектот да се презентира пред локалното население, пред сите оние кои се соочуваат со овој проблем и ние тоа го направивме.

„Приказната е да не се жениме во млади години, оти сме мали и не знаеме многу работи и ќе ни биде потешко, ако се жениме до 18 години“, вели ученичката Елиф Исламоска.

„Тоа е вистинита приказна што се случи пред еден месец и слушнавме дека има еден ваков проект и се вклучивме, од нашиот клас, едно девојче избега на 13 години, во нашата приказна, снаата го лажеше девојчето и тоа така избега“, вели нејзината другарка Ѓулчин Арифоска.

„Крајот е многу тажен, бидејќи девојчето го продаваат за пари, па не може повторно да појде кај своите родители“, вели ученичката Ивана Атанасоска.

Трите ученички живеат во Канатларци и многу често се сведоци млади девојчиња, нивни врснички, да избегаат од дома, рано да се омажат, а причините се многубројни.

Наградениот проект има едукативна улога, да ја подигне свеста на младите и да ги „разбуди“ родителите отворено да говорат за овој проблем. Директорот на училиштето Јусуф Ахмет вели дека проектот е добро прифатен и во селото.

„Од средината се преблагодарни на овој проект, затоа што самите родители дома, со сопружниците меѓу себе, со своите роднини, пријатели, во меѓусебни разговори го поддржуваат Министерството за образование, бидејќи сега е задолжително и средното образование, исто така ќе има просперитет за децата и младите“, вели директорот Ахмет.

Наставникот Талески вели дека оваа награда е само мотив да се продолжи со работа на нови проекти, кои ќе им овозможат на учениците да стекнат поголеми знаења на теми кои не се дел од образовната програма, социјални теми кои имаат огромно значење во нивното воспитување и квалитетот на животот во иднина.

„Почетната цел беше проектот да се презентира пред локалното население, пред сите оние кои се соочуваат со овој проблем и ние тоа го направивме, ние организиравме две изложби досега, на кои го прикажавме сето она што го сработиле учениците, но исто така го прикажавме и проблемот со којшто тие се соочуваат во средината во која што живеат, како еден начин на подигање на свеста кон сите чинители во општеството всушност“, вели наставникот Талески.

Во рамки на наградениот проект беше изработен краток филм и анимација на тема „Културно наследство“ од учениците од ОУ „Круме Волнароски“ од село Топочлани, под менторство на наставничката Софија Грабулоска, а трета тема е „Стоп на насилството во училиштето“ за што беа изработени две анимации од учениците на двете училишта.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG