Достапни линкови

Што со македонските џихадисти што се борат на Блискиот Исток?


Законските недоречености за казнување на тие што учествуваат во воени активности во други земји, повторно испливаа на површина по изјавата на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска дека во земјава живеат лица кои веќе се бореле во воените конфликти на Блискиот Исток.

Ако со затворска казна се казнуваат македонските граѓани кои директно учествуваат во конфликти или војни во други земји, тоа ќе биде силна превенција и ќе ги одвраќа нашите државјани од такви дејствија, вели поранешениот министер за внатрешни работи и актуелен пратеник Павле Трајанов.

Tаква одредба, најмалку 3 години да биде казнет тој што ќе учествува во странски воени или паравоени формации, тоа е слична превенција да ги одвраќа нашите државјани да заминуваат во странство.

Законските недоречености за казнување на тие што учествуваат во воени активности во други земји, повторно испливаа на површина по изјавата на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска дека во земјава живеат лица кои веќе се бореле во воените конфликти на Блискиот Исток. Во земјава нема закон со кој целосно е регулирана оваа област, единствено Кривичниот законик ги санкционира оние што поттикнуваат, организираат или промовираат учество во конфликти или воени активности во други земји.

Нашите граѓани кои одат таму се наоѓаат во смисла дека идеологијата треба да се проширува.

Овој проблем постои подолго време и токму затоа се иницираа промени во Кривичниот закон, но засега се казнуваат само организаторите, не и директните учесници, вели Трајанов.

„Но, ова прашање го одложија и не прифатија таква законска одредба учесниците да бидат директно казнувани. Сега откако стана масовна појава, откако преку странските агенции гледаме снимки дека учествуваат и наши државјани, дел од нив и загинаа таму, таква одредба, најмалку 3 години да биде казнет тој што ќе учествува во странски воени или паравоени формации, тоа е слична превенција да ги одвраќа нашите државјани да заминуваат во странство“, вели Трајанов.

Јанкулоска најави интервенција во законските регулативи за да се оневозможи делување на воените повратници во сопствените земји. Министерката, поради чувствителноста на информациите, одби да одговори колкав е нивниот број. Од МВР велат дека имаат информации за повратниците од воените боишта, но немаат детали за нивното однесување. Според министерката, македонските државјани кои заминуваат да војуваат во Сирија, Ирак и останатите кризни подрачја, претставуваат опасност не само за Македонија, туку и за сите земји низ светот.

И Трајанов се согласува дека тие можат да бидат сериозна закана за безбедноста на земјата.

Благоја Марковски од Балканскиот форум за безбедност, вели дека наши граѓани одат на туѓи кризни жаришта од идеолошки или од парични причини.

„Нашите граѓани кои одат таму се наоѓаат во смисла дека идеологијата треба да се проширува и затоа треба да се помогне на идеолошката страна на која ѝ припаѓаат нашите граѓани и да застанат во одбрана на тие интереси. Втората причина е секако заработката, односно се појавуваат како професионални учесници во овие настани“, вели Марковски.

Дел од европските земји, како и земјите од нашето соседство со закон ги санкционираат директните учесници во воени конфликти во други земји, па така на пример во Косово за учесниците во војни во други земји е предвидена казна затвор од 3 до 15 години, а и Албанија строго ги казнува ваквите активности.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG