Достапни линкови

Белодробниот карцином едно од најчестите заболувања во битолско


Ракот на белите дробови во Битола во последно време доживува подем и е најчестата малигна болест која завршува со смртност.

Неделно се регистрираат по два случаја на пациенти заболени од белодробен карцином, алармираат од Центарот за онкологија при битолската болница. Според д-р Рената Раденков, специјалист радиотерапевт и онколог, во последно време ова заболување доживува подем и е најчестата малигна болест која завршува со смртност.
Во Битола седмично на одделението за онкологија регистрираме минимум два случаја на заболени од белодробен карцином.

„Најголемата причина за смртност од малигните заболувања е белодробниот карцином, а Македонија има многу голема инциденција на заболени од рак. Во Битола седмично на одделението за онкологија регистрираме минимум два случаја на заболени од белодробен карцином. Многу е во пораст процентот на заболени од белодробен карцином. Може да се каже дека има некаква корелација со аерозагадувањето, но на прво место е пушењето“, изјави Раденков.

Во изминатите месеци на веб-страницата на Министерството за животна средина, во повеќе наврати беа објави податоци дека ситната прашина или суспендираните честички РМ10 во Битола се дури до 20 пати над дозволеното.
Kако најчести болести од аерозагадувањето се респираторните, па кардиоваскуларните, па онколошките.

„Без разлика во каков облик или состојба се аерозагадувачите, ги внесуваме преку нашите дишни патишта и како што поминуваат, влијаат и на циркулацијата, а таа на срцето. Kако најчести болести од аерозагадувањето се респираторните, па кардиоваскуларните, па онколошките“, додава Раденков.

Од Општина Битола најавија дека ќе распишат тендер за поставување нови мерни станици за аерозагадување во градот, кои според составот на загадувачките супстанци ќе дадат одговор кој е главниот загадувач во градот под Пелистер.

Моментално на одделението за онкологија се лекуваат 1.000 пациенти, а се следи состојбата на 3.000 пациенти. Засега пациентите добиваат само хемотерапија, но набргу се очекува да се лекуваат и со зрачна терапија.

„Во проектот е во наредните години да се изгради и нова зграда каде што ќе имаме и радиотерапија на ниво на Битола и цел југозападен регион“, додава лекарката.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG