Достапни линкови

Состојбите во опозицијата, најавата на СДСМ за влада во сенка, извештај на Фридом хаус се само дел од темите за кои пишуваат неделниците.

Фокус - Како да се јавне Тројанскиот коњ?
Сè додека опозицијата ни е непоткована, власта ќе си остане незауздана!

Најновиот Фокус,во една статија, со критика и до власта, но и до опозициската СДСМ. „Како да се јавне Тројанскиот коњ?“ прашува неделникот во наднасловот на статијата, за во насловот да ја каже поентата: „Сè додека опозицијата ни е непоткована, власта ќе си остане незауздана!“ Па потоа објаснува дека тројанските коњи, сами по себе, не мора да бидат штетна појава, особено ако се добро „потковани“ пред да се пратат во мисијата и ако тој што ги праќа ги држи цврсто за „уздите“. Но, денешната македонска опозиција е до тој степен спротивна од проактивна, т.е. е пропасивна, што од власта и немаат многу потреба да ја напаѓаат со византиски методи, лукавштини и итрини. На секои избори, опозиционерите доживуваат нова „Битка кај Беласица“, па стасаа до тоа ниво,самите да си ги вадат очите меѓу себе! - констатира Фокус.

Република - Колку е дебела сенката на владата на Заев?
Од владата на СДСМ остана само сенка - Заев, кажи дали зборот ти важи?

Република се подбива со најавите на СДСМ за влада во сенка, па еден свој текст го насловува вака: „Од владата на СДСМ остана само сенка - Заев, кажи дали зборот ти важи?“ Република потоа наведува дека СДСМ смени претседател, раководство, додаде втор човек во партијата, излезе од Собранието, се врати, загуби повеќе избори, загуби и членови, смени коалициски партнери, повторно излезе од Собранието, но остана доследна во овие осум години најавувајќи влада во сенка. За во статијата да праша: „Колку е дебела сенката на владата на Заев?“

Глобус - Колкаво е назадувањето ако се мерат последните осум години?

За најновиот извештај на Фридом хаус пишува онлајн-магазинот Глобус, кој вели дека „Земјава е одбележана како територија во која владее хибриден режим“ и дека само од декември 2012 година наваму сме назадувале десет години.
Колкаво е назадувањето ако се мерат последните осум години, прашува Глобус за да потсети дека провладиониот портал Курир оваа нарачка ја нарекува - нарачка од Грција. Инаку неделникот пренесува дека на таа листа на хибридни режими сме заедно со Молдавија, Украина, Грузија, Албанија и Босна и Херцеговина. А како главна причина поради која Македонија толку паѓа на скалата на демократски права е загрозената слобода на медиумите.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG