Достапни линкови

И по 15 години само Акциски план за членство во НАТО


Новиот министер за одбрана, Зоран Јолевски, престојува во седиштето на НАТО во Брисел на редовниот состанок на Северноатланскиот совет со Република Македонија.

Еден ден по официјалното преземање на функцијата министер за одбрана, Зоран Јолевски престојува во седиштето на НАТО во Брисел на редовниот состанок на Северноатланскиот совет со Република Македонија, каде што ќе ги презентира постигнатите резултати во делот на реформите потребни за членство во НАТО со што ќе биде затворен петнаесеттиот циклус од Акцискиот план за членство во НАТО.
Тоа е трагедијата, за жал, на македонската аспирација во НАТО, практично тоа е јубилеен петнаесетти и ако така продолжи оваа влада, веројатно ќе дочекаме и дваесетти јубилеен Акциски план за членство.


„Тоа е трагедијата, за жал, на македонската аспирација во НАТО, практично тоа е јубилеен петнаесетти и ако така продолжи оваа влада, веројатно ќе дочекаме и дваесетти јубилеен Акциски план за членство“, изјави поранешниот амбасадор во седиштето на НАТО, Нано Ружин.

Овој механизам кој беше востановен во 1999 година на Вашингтонскиот самит со цел да се смали конкурентноста меѓу земјите аспиранти за членство и да им се наметне одредена дисциплина во исполнување на најзначајните стандарди, за голем дел од нив завршува веќе на првото, второто или третото поглавје.
Најверојатно заклучокот ќе биде нешто сличен на Самитот од Чикаго, едно повторно охрабрување на Република Македонија да продолжи со реформите и за изнаоѓање на едно компромисно решение со Грција.


Македонија во 2004 година се наоѓаше меѓу лидерите аспиранти од Јадранската група заедно со Албанија и Хрватска. Од 2008-та година, како нејзина главна пречка за влез во Алијансата останува нерешениот спор околу името, но Ружин тврди дека денеска во НАТО постои големо разочарување околу падот на демократските стандарди чие исполнување е неопходно и за евроинтеграциите.

„Тука можам слободно да констатирам според моите информации дека има едно големо разочарување од страна на Брисел во однос на тоа што се случува со македонската демократија, медиумите, сраснувањето на партискиот со државниот апарат, овој изборен процес којшто е нелегитимен“, вели Ружин.

За Македонија важи заклучокот од Букурешт дека на секој нареден состанок на Алијансата може да биде примена во членство доколку се најде решение за спорот со името. Сепак очекувањето на наредниот самит во септември секогаш се покажува како предизвик за сите земји аспиранти. Иако се појавија надежи дека украинската криза може да ја направи посензибилна Алијансата кон земјите аспиранти од овој регион, тоа според претседателот на евроатлансткиот совет на Македонија може да значи само зголемување на очекувањата да се најде солуција за името. Септемврискиот самит засега не најавува точка за проширување.

„Најверојатно заклучокот ќе биде нешто сличен на Самитот од Чикаго, едно повторно охрабрување на Република Македонија да продолжи со реформите и за изнаоѓање на едно компромисно решение со Грција“, посочува Исмет Рамадани, претседател на евроатлансткиот совет на Македонија.

Од новоназначениот министер за одбрана, кој претставува најголемо изненадување во новата влада на Груевски тој очекува да ги употреби остварените контакти од досегашните свои функции како амбасадор на НАТО и преговарач за името но како што посочува Ружин, лобирањето овде има ограничена моќ, а назначувањето на Јолевски го толкува најмногу како порака за внатрешно политичка употреба.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG