Достапни линкови

Платата расте, а сè помалку вреди


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Со денешната просечната плата од околу 21 илјади денари може да се купат помалку производи отколку во 2009 година со 19 илјади денари.

Просечната плата во Македонија изгубила 2.000 денари од својата вредност во изминатите пет години. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека од март 2009 до март 2014 година номиналната плата се зголемила за 6,4 отсто, но во исто време реалната плата се намалила за над 4 отсто. Иако номиналната плата расте, односно граѓаните добиваат повеќе пари, реалната плата се намалува, односно со тие пари може да се купат помалку производи.
Владата се фали дека има највисок раст на БДП-то во Европа. Ако е тоа така, а сигурно не е, тогаш не може тој раст да не се одрази и во растот на животниот стандард на граѓаните.
Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.


Според државната статистика, во март годинава просечната плата била 21.007 денари, додека пред пет години таа била 19.745 денари. Сепак, со оглед на поскапувањето на основните животни потреби, со денешната просечната плата, може да се купат помалку производи отколку во 2009 година, односно овие 21 илјади денари денес вредат колку 19 илјади денари пред пет години.


Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека ваквиот податок е сигнал дека има контрадикторности и во другите податоци за движењата во стопанството во Македонија.

„На пример, владата се фали дека има највисок раст на БДП-то во Европа. Ако е тоа така, а сигурно не е, тогаш не може тој раст да не се одрази и во растот на животниот стандард на работниците, на граѓаните во Република Македонија“, вели Хајредини.
Ние имаме многу голема прикаска за нашите успеси, а всушност реалноста покажува дека ние сме во тешки економски проблеми.
Петар Гошев, поранешен гувернер на НБРМ.


Поранешниот гувернер на Народната банка Петар Гошев вели дека реалните плати треба да се движат до или нешто под реалниот раст на БДП-то, а Македонија има низок раст економијата, па затоа нема голем простор за раст на реалните плати.

„Ние имаме многу голема прикаска за нашите успеси, а всушност реалноста покажува дека ние сме во тешки економски проблеми. Прво, ние имаме низок раст. Тој низок раст не дава простор за позначајно зголемување на животниот стандард на вработените, на граѓаните, на семејствата, а второ, имаме исклучително лоша дистрибуција на тој и така низок остварен раст во изминатиот период и затоа Македонија се приближува, или веќе влегува, па дури е и влезена во општествата со највисока нееднаквост, односно социјална дистрибуција“, вели Гошев.

Важен индикатор за стандардот на населението е и џини индексот, кој ја мери социјалната нееднаквост во државата и кој во последната деценија константно се зголемува. Македонија има најголема класна раслоеност во Европа и поранешните советски републики. Во последните години најбогатите 20 отсто од македонските граѓани стануваат уште побогати, а останатите 80 отсто осиромашуваат.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG