Достапни линкови

35. јубилејно „Скопско лето“ – нов урбан немир во градот


Со настап на улични свирачи, Гала оперски концерт на солистите, хорот и оркестарот на МОБ под диригентство на Бисера Чадловска и со претставувањето на МО(НУ)МЕНТ – мултимедијалниот проект на уметникот Гоце Наневски во НГМ - објект „Мала станица“, во сабота на 21 јуни, на првиот ден на летото и Светскиот ден на музиката, започнува 35-то јубилејно издание на „Скопско лето“, традиционалната културна манифестација која традиционално го крепи кревкиот урбан дух на градот.

Скопје, почнувајќи од 21 јуни и во наредните 40 дена, традиционално на летната летаргија ќе и се спротивстави со новиот урбан културен немир кој подразбира мноштво на настани и случувања во кои наново актери ќе бидат бројни врвни уметници од земјава и од странство.

Свеченото отворање на културната манифестација „Скопско лето 2014“, на првиот ден на летото и Светскиот ден на музиката, овојпат ќе се обистини со настап на уличните свирачи, Гала оперски концерт на солистите, хорот и оркестарот на МОБ под диригентство на Бисера Чадловска и со претставувањето на МО(НУ)МЕНТ – мултимедијалниот проект на уметникот Гоце Наневски во НГМ - објект „Мала станица“.
„Скопско лето“ внесе еден нов урбан немир во градот, задоволство за уметниците и за организаторите, за публиката и особено за младите.

Потем во недела, во Македонскиот народен театар, следува ексклузивниот концерт на турските музички уметници Бурхан Очал и Хусну Шенлендириџи и нивниот „Ориентал ансамбл“, наредниот ден во централното градско подрачје Друштвото на ликовните уметници на Македонија, во рамките на Скопски урбани приказни, ќе го претстави проектот „Метаморфоза“, чии автори се Исмет Рамичевиќ, Филип Фидановски, Јовица Мијалковиќ, Ели Аиновска, Деспина Крстевска, Гордана Вренцоска и Јана Маневска Чупоска. Истата вечер Албанскиот театар од Скопје на Плоштадот „Скендербег“ ќе ја одигра Њушичевата „Сомнително лице“ на режисерот Бесфорт Идризи. Во вторник, пак, Живојин Трајановиќ со изложбата на сценографии ќе ја одбележи 40-годишнината од своето професионално творештво... и така со ред.

Генерално од актуелната програма најбројни се музичките настани – ќе бидат одржани дури 22 концерти на домашни и странски солисти и ансамбли. Меѓу нив посебно за издвојување е „Сонична алхемија“ – концертот на авторска електро-акустична музика на Гарф Пеин кој ќе биде на сцена со своите музички собеседници - нашите Ратко Даутовски на перкусии, Кирил Туфакчиевски на контрабас и Верица Дивитарова на пијано. Овде спаѓаат и „Скопска сонорност“ - звучната инсталација на д-р Роберт Саздов, перформансот на одличниот Мухамед Ибрахими во Сули ан и конечно настапот на
експлозивниот американски блуз гитарист Ерик Сардинас, кој со своите БИГ МОТОР, по цела една декада, повторно доаѓа да свири во нашава земја.

По содржинската разновидност, организаторите – Дирекцијата за култура и уметност, ги издвојуваат и настаните од ликовната дејност, каде посебно место завземаат проектот „Сараево во Скопје – пријателство кое трае“ и каде ќе видиме уникатен накит, скулптури и слики на босанските уметници Миа Хебиб, Едина Селесковиќ и Адин Хебиб, Денови на македонска фотографија и изложбата на Современа бугарска фотографија 200 – 2014.

Ќе има и повеќе театарски претстави како „Буре барут“ од Дејан Дуковски што Наташа Поплавска ја режираше во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп или „Тобелија“ од Лубомир Јурковиќ на Словенецот Ник Упер во продукција на Мал драмски театар од Битола, а не смее да се заборави дека публиката ќе има можност да ги проследи и премиерните изведби на операта „Боеми“ на МОБ и на пиесата „Могли“ од Радјард Киплинг што одомаќениот Боњо Лунгов ја постави во Театарот за деца и младинци.

Тука се и одбирот на филмски хитови и Ревијата на наградени филмови од АСТЕРФЕСТ, бројните фолклорни настапи, а „Скопско лето 2014“ е планирано да заврши на 31 јули со концерт на барокна музика на Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија.

Во пресрет на отворањето на јубилејното 35-то издание на „Скопско лето“, директорот Мирко Стефановски, забележува дека во изминатиот период на манифестацијата се одржале над 2.200 културни настани и дека нејзината пројава била иницијатор за растот и на другите значајни културни случувања што тие ги потпишуваат како оранизатори меѓу кои и „Есенски музички свечености“ и „Блуз и соул фестивал“, но и на сродните културни лета во другите градови од земјата.

„Скопско лето“ внесе еден нов урбан немир во градот, задоволство за уметниците и за организаторите, за публиката и особено за младите. Го донесе „Блуз фестивалот“ како нов облик на културен живот во градот, Есенските музички свечености како изобилие на ексклузивни звучни настани во месец ноември, како и бројни други летни активности во целата држава.“
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG