Достапни линкови

За чисто Куманово одговорни се сите


Парк во Куманово.
Парк во Куманово.

Кумановци го обвинуваат јавното комунално претпријатие, а од таму за чистотата во градот посочуваат и на совесноста на граѓаните.

Куманово не е чист град, велат граѓаните, префрлувајќи ја одговорноста на градското комунално претпријатие „Чистота и зеленило“. Надлежните од таму, пак, велат дека комуналната хигиена во градот се одржува континуирано, но немоќни се пред несоодветното и несовесното однесување на некои граѓани.
Сите аномалии не се до ЈП, нашата задача е да ја искосиме тревата и да го исчистиме и изметеме Кејот и градот, а останатото не е во наша надлежност, ниту имаме некои овластувања сето тоа да биде сменето.
Сашо Петрушевски, директор на ЈП Чистота и зеленило.

Сашо Петрушевски, директор на „Чистота“, смета дека Куманово е чист град.

„Мислам дека Куманово е чист град и ЈП како еден од чинителите за одржување на јавната чистота допринесува Куманово како и минатите три години и годинава да носи ореол за еден од најчистите градови во Македонија, според анкетата на граѓаните“, вели тој.

Петрушевски додава дека одржувањето на комуналната хигиена и јавните површини, како и изнесување и депонирање на смет е работа која ова претпријатие ја извршува во континуитет, според програмата донесена од општинскиот Совет, основачот Општината со која и потпишуваат договор за работа. Меѓутоа, според него, јавната чистота не е проблем само на едно претпријатие,туку на сите оние кои живеат во градот.
Куманово воопшто не е чист град. ЈП секогаш за виновни ги наоѓа граѓаните дека фрлале ѓубре насекаде, а тие не си ја вршат својата работа и секој ден е се понечисто.
Анкетиран граѓанин на Куманово.

Грицкање семки, кршење клупи и останати вандализми на одредени групи граѓани, Петрушевски вели дека не се во надлежност на претпријатието и дека ниту можат некого да казнуваат, ниту да превоспитуваат.

„Сите аномалии не се до ЈП, нашата задача е да ја искосиме тревата и да го исчистиме и изметеме Кејот и градот, а останатото не е во наша надлежност, ниту имаме некои овластувања сето тоа да биде сменето“, вели тој.

Запрашаните граѓани, пак, не се задоволни од хигиенскиот изглед на градот и велат дека одговорноста е пред сè на претпријатието, а потоа на жителите.

„Не е Чисто. Ништо не е чисто, сè му недостасува.“

„Куманово воопшто не е чист град. ЈП секогаш за виновни ги наоѓа граѓаните дека фрлале ѓубре насекаде, а тие не си ја вршат својата работа и секој ден е се понечисто.“

„Не е чисто, зашто прво луѓето немаат однос за Куманово дека тоа е нивно како што и дома им е нивно. Тоа генерално за Македонија важи, а особено за Куманово. Луѓето мислат дека треба да одржуваат чисто, убаво и пријатно само во нивниот дом. Ние во принцип во Куманово, а и во Македонија немаме однос кон јавното добро. Мислам дека тоа е процес на кој треба да се работи и тоа возрасните кои на децата треба да им посочат каде треба да ги фрлаат хартивчињата. Ако тие тоа не го прават не можеме да очекуваме од децата да знаат како градот треба да се одржува чист“, велат анкетираните граѓани.

Што се однесува до клупите и садовите за смет кои од непознати причини се цел на дивеење на одредени групи граѓани и отсуство на реакција на надлежните органи за одржување на редот прашање е дали постои друг механизам.

„Не можеме постојано да се вадиме дека се ставаат клупи, ама народот е никаков и ги крши. Ако народот ги крши клупите надлежните наредниот ден ќе стават нова клупа и постепено народот ќе сфати дека тоа е општото добро. Мислам дека и тие имаат голема улога во тоа која што не ја обавуваат најдобро“, велат запрашаните кумановци.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG