Достапни линкови

Дневен печат - Најавена средба меѓу Груевски и Заев


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Најавената средба меѓу лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев, за надминување на политичката криза се во фокусот на дневниот печат.

Топ тема во печатените медиуми е средбата Груевски – Заев. Утрински пишува: „Тајните преговори донесоа средба Груевски-Заев - ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со крајно спротивставени политички позиции влегуваат во директни преговори за надминување на парламентарната криза“. Вечер оди со наслов: „ВМРО-ДПМНЕ секогаш подготвена за дијалог во интерес на граѓаните: СДСМ побара средба, Груевски го покани Заев“.
ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со крајно спротивставени политички позиции влегуваат во директни преговори за надминување на парламентарната криза.
Утрински весник.


„Што има во подадената рака на Груевски?“, прашува Утрински по понудата од Груевски до социјалдемократите. Весникот пишува дека во партијата се скептични и не веруваат дека пакетот што евентуално би го понудил Груевски ќе доведе до решение на проблемите. Дневник тоа вака го нотира: „СДСМ бара, не знае што, ама Груевски да исполни“.


Утрински се занимава и со кадровската политика во СДСМ, па оди со наслов-констатација дека „Лошата кадровска политика го зема данокот во СДСМ“, во врска со неприфаќањето на Буралиева и Грчева да се откажат од пратеничкиот мандат.
Растат тензиите во партијата на Ахмети - Беџети одбива да биде дел од Владата, Ермира Мехмети обвини дека ДУИ извисила.
Дневник.


Дневник информира дека „Растат тензиите во партијата на Ахмети - Беџети одбива да биде дел од Владата, Ермира Мехмети обвини дека ДУИ извисила“.

„Заев доаѓа на суд, Груевски неизвесен“, пишува Утрински во врска со рочиштето во граѓанскиот суд, а по тужбата за отштета на премиерот со која бара Заев да му исплати половина милион евра за обвинувањата за земање мито при продажбата на Македонска банка.

Вечер на насловната ја објавува веста дека „Економијата зема залет - Македонија со најголем раст на БДП во Европа“. Нова Македонија, пак, ги објавува резултатите од испитувањето на државниот Завод за статистика дека „Пари за еднонеделен одмор имаат третина од граѓаните“ и дека учеството на храната и на безалкохолните пијалаци во вкупната потрошувачка на домаќинствата расте во споредба со претходната година.

Дневник го објавува писмото на Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, Астрид Торс во кое таа изразува загриженост од периодичните појави на меѓуетнички инциденти во земјава и дека пресудата за убиството кај Смилковско Езеро може да доведе до интензивирање на меѓуетничките тензии.

Исто така Дневник е заинтересиран „Зошто Заев оди пеш за Грција наместо со автомобилот од 80.000 евра?“, објавувајќи прецизни податоци со точното време и датуми за преминувањето на границата со Грција од страна на Заев лани, па ги поврзува со некои важни, како што вели, случувања во и во врска со Македонија.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG