Достапни линкови

Прв летен фестивал на современ театар и танц во Битола


Вилхелм - анатомијата на волјата, танц на Милош Софреновиќ.
Вилхелм - анатомијата на волјата, танц на Милош Софреновиќ.

Во битолскиот „Интимен театар“, од 15 до 22 јуни, се одржува првиот летен Фестивал на современ театар и танц, манифестацијата чија основна цел да го стимулира творештвото на независната сцена и да придонесе во нејзиниот натамошен уметнички растеж. Во рамките на програмата, публиката ќе има можност да проследи шест претстави, меѓу кои и ексклузивната изведба на WIL(L)HELM – THE ANATOMY OF WILL на познатиот кореограф, танчер и куратор Милош Софреновиќ.

„Фактор жена“ на Ана Жежовска и Димитар Шутевски, „Лола“ и „Трансферату“ на Софија Ристевска, „Патот навнатре“ на Кире Миладиновски, комичното кабаре „2Mothers Brothers“ на Стрезо Стаматовски и Никола Тодоровски и екслузивната изведба на WIL(L)HELM – THE ANATOMY OF WILL на танчерот, кореограф, режисер и куратор Милош Софреновиќ се проектите кои ја чинат програмата на првиот летен Фестивал на современ театар и танц што до 22 јуни се одржува во „Интимен театар“ во Битола.
Во современите изведувачки уметности овие две дисциплини до голем степен се обединети. Режисерот сè повеќе сака да биде кореограф и обратно – кореографот сè повеќе и повеќе е режисер. Така што, според мене, иднината на современите изведувачки уметности е само во оваа фузија помеѓу различните дисциплини.
Софија Ристевска, режисерка.


На манифестацијата е предвидено да се одржат и четири работилници, од кои една за деца, и кои се отворени за актери, танчери, кореографи и студенти на факултетите за уметност.
Танцот Трансферату на Софија Ристевска.
Танцот Трансферату на Софија Ристевска.


Софија Ристевска, режисерка и сопственичка на независниот „Интимен театар“ кој се зафати со реализација на овој пионерски потфат, забележува дека идејата произлегла од фактот што во Битола, како еден од поголемите градови во Македонија, не постои платформа, ниту институција или простор кој што активно го негува танцовиот израз. Затоа тие како независен театар се нафатиле малку повеќе да им дадат простор токму на танцот и на современиот театарски перформанс, затоа што тие две дисциплини сè повеќе и повеќе се обединуваат и границите помеѓу нив се бришат.
На овој Фестивал ќе го претставам својот нов проект „Вилхелм и анатомијата на волјата – Средба со Вилхелм Фуртајнглер“. Претставата е мое соло во дијалог со музиката на големиот германски диригент.
Милош Софреновиќ, танчер.


„Во современите изведувачки уметности овие две дисциплини до голем степен се обединети. Режисерот сè повеќе сака да биде кореограф и обратно – кореографот сè повеќе и повеќе е режисер. Така што, според мене, иднината на современите изведувачки уметности е само во оваа фузија помеѓу различните дисциплини“, вели Ристевска.

Таа дополнува дека ова несекојдневно културно случување тие го реализираат со сопствени средства и дека вратите на нивниот театар се отворени за сите независни уметници кои имаат потреба да ги претстават сопствените креации кои не ги признаваат границите помеѓу обете дисциплини и чија привилегија е да бидат релевантни продукти на масовната култура на 21 век. Од таму, нималку не чуди што урбана Битола со нагласено внимание ја очекува саботната изведба на „WIL(L)HELM – THE ANATOMY OF WILL“ на Милош Софреновиќ.

Станува збор за нов проект на уметникот кој зад себе има импресивна кариера. Роден 1976 година во Белград, Софреновиќ се школувал во почитуваната танц академија во Лондон, Trinity Laban Conservatoire. Моментално живее и работи во Виена, соработувал со познати кореографи како Мајкл Лазиќ, Ана Санчез Колберг, Кит Џонсон и други, а неговите дела биле претставувани во Њујорк, Лондон, Единбург, Виена, Истанбул. Згора на тоа, тој бил член на жирија на некои од најпознатите танц натпревари и фестивали во регионот, а моментално е селектор на Интернационалниот театарски фестивал INFANT во Нови Сад.

Говорејќи за своето присуство на првиот летен Фестивал на современиот театар и танц во Битола, Софреновиќ вели дека упорно и постојано ја следи сопствената филозофија дека новите иницијативи треба да се поддржуваат и дека во практика ентузијазмот секогаш се покажува дека е појак од какви било кризи и финансиски проблеми во светот.

„На овој Фестивал ќе го претставам својот нов проект „Вилхелм и анатомијата на волјата – Средба со Вилхелм Фуртајнглер“. Претставата е мое соло во дијалог со музиката на големиот германски диригент. Премиерната изведба беше на неодамнешната „Танцова недела“, големиот фестивал на изведувачки уметности кој на почетокот од јуни се одржа во Загреб, Хрватска, а вторава ќе биде овде кај вас во Битола, во „Интимен театар“, во чест на зачетокот на една преубава идеја зад која со силината на својот ентузијазам стои мојата пријателка и режисерка Софија Ристевска“, вели Софреновиќ.

Кон ова само уште информацијата дека Софреновиќ, во рамките на својот престој, ќе одржи и тридневна работилница чија тема е „Односот помеѓу невербалниот и вербалниот сценски израз во театарот“.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG