Достапни линкови

Политички ќорсокак на штета на државата


Бојкотот на парламентот од СДСМ може да доведе до внатрешни турбуленции во партијата, откако дел од пратениците најавија прифаќање на мандатите, велат некои аналитичари. Други, пак, сметаат дека тоа е единствениот начин СДСМ да ги сврти работите во своја корист.

Почитување на препораките од ОБСЕ/ОДИХР и формирање техничка влада. Тоа се единствените две работи прифатливи за СДСМ, коментираат од партијата, откако Груевски рече дека е подготвен да им подаде рака на политичките ривали и да понуди пакет кој во интерес на државата ќе обезбедел враќање на политичкиот дијалог во земјава.
Не очекувам да се врати опозицијата. Мислам дека тие ќе продолжат со истата динамика, истите активности, дури ќе почнат и внатрешно да се разјадуваат нивните односи со некои пратеници што ќе прифатат да влезат во парламентот, некои не, така што очекувам бурен период за опозицијата.
Жидас Даскаловски, универзитетски професор.


Од партијата на Заев брифираат дека сепак за официјален став ќе го чекале Груевски да го објавел пакетот што го најавил. Велат дека ако во него не се содржани нивните две основни барања, тој ќе биде неприфатлив за нив, но за партиската стратегија што понатаму не сакале хипотетчки да зборуваат.


Според досега познатите ставови на ВМРО-ДПМНЕ, пак, се очекува барањето за техничка влада да биде отфрлено, бидејќи тие веќе најавија дека тоа е неприфатливо за нив. Познавачите на состојбите сметаат дека нема да има големи промени на домашната политичка сцена, ниту летово, ниту, пак, наесен.

Професор Жидас Даскаловски смета дека, иако можеби опозицијата има некои, како што вели, оправдани причини за негодување, чекорите како отсуство или бојкот на парламентот не воделе кон демократска разврска на случувањата.
Мислам дека СДСМ нема што да изгуби и мислам дека социјалдемократите ќе одат до крај со ова што го започнале, бидејќи само во оваа форма тие може да ја превртат ситуацијата во нивна корист.
Арсим Синани, универзитетски професор.


„Не очекувам да се врати опозицијата. Мислам дека тие ќе продолжат со истата динамика, истите активности, дури ќе почнат и внатрешно да се разјадуваат нивните односи со некои пратеници што ќе прифатат да влезат во парламентот, некои не, така што очекувам бурен период за опозицијата и едноставно тоа ќе биде нешто што нема добро да влијае на македонската демократија“, вели Даскаловски.

Аналитичарот Арсим Синани, пак, има спротивни гледања за одлуката на опозицијата. Тој смета дека ВМРО-ДПМНЕ сега губи, оти, како што вели, трпи критики поради тоа што во парламентот нема опозиционери.

„Од другата страна мислам дека СДСМ нема што да изгуби и мислам дека социјалдемократите ќе одат до крај со ова што го започнале, бидејќи само во оваа форма тие може да ја превртат ситуацијата во нивна корист и мислам дека реално нема што да изгубат, бидејќи ги изгубија изборите и не гледам што би можело да изгубат повеќе од тоа“, оценува Синани.

Во меѓувреме, засега само во најава и две пратенички од СДСМ ќе го прифатат пратеничкиот мандат спротивно од одлуката на партиските органи. Од партијата велат дека чекаат Солза Грчева и Љубица Буралиева официјално да го соопштеле тоа и не очекуваат дополнително и други кандидати за пратеници да не ја почитуваат одлуката на раководството.
  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG