Достапни линкови

Уништени 300 хектари со тутун и пченица во Долнени


Силното невреме проследено со град што го зафати регионот на Општина Долнени ги опустоши посевите со тутун и пченица. Земјоделците сега бараат помош од државата.

Виолета Ѓорѓиоска е мајка на две малолетни деца. Таа и сопругот не успеале да најдат работа, па како жители на долненското село Браилово, својата егзистенција ја обезбедуваат со работа по нивите. Велат земјата е погодна за тутун и за жито. Работат макотрпно, трудољубиво и не се жалат. Но, сега се исплашени за својата иднина. Невремето кое ја зафати општината, предизвика огромни штети врз насадите со тутун на 16 декари. Требало да произведат околу 3 тони и 200 килограми, но градот со големина на лешник и орев, целосно го столчил. Не останал здрав лист по нивите.
Луѓево овде сите си живеат од тутунот и од житарици, многу ретко има некој што е вработен, сите сме на земјоделство. Страшно беше, водата предизвика многу катастрофа, имаше ваму и поплави.


„Катастрофа, не само ние, се до каде што фатило. Луѓево овде сите си живеат од тутунот и од житарици, многу ретко има некој што е вработен, сите сме на земјоделство. Страшно беше, водата предизвика многу катастрофа, имаше ваму и поплави, реката што се излеа, двете куќи поплавени и ним треба да им се помогне“, вели Ѓорѓиоска.
Не само во Браилово, град врнел цели два часа и во атарот на Секирци, а ги уништи земјоделските култури делумно и во полето на Пешталево, Црнилиште и Костинци. Земјоделците бараат помош од општината и ресорното министерство.

„И сега бараме помош од градоначалникот, преку Владата, преку претседателот Груевски, да ни помогне нешто на луѓето, од овој тутун нема ништо, штетите се по декар по 180-200 килограми на декар, во пари по 3 евра, сметај.“
Комисијата за елементарни непогоди излезе на терен да ги процени штетите, првичните проценки се дека околу 300 хектари се уништени, од културите тутун и пченица.


„Како оштетени околу 90 отсто, во пари околу 3.000 евра, и од тоа живеам како единка, од тутунот.“

„Барем со дел од тоа, што нашите тутунари го дадоа од својата пот, да им се даде, ако има во Владата на Република Македонија“, реагира месното население од овие 5 долненски села. Од локалната самоуправа веќе се формирани екипи за увид на состојбата на терен.

„Првичните проценки се дека наврнаа околу 90 литри на квадратен метар и направени се големи штети на земјоделските култури. Комисијата за елементарни непогоди излезе на терен да ги процени штетите, првичните проценки се дека околу 300 хектари се уништени, од културите тутун и пченица. Ќе се контактира со Министерството за земјоделство и Владата на Република Македонија, се надевам на помош до нивна страна“, вели градоначалникот Боше Милошески.

Откако ќе се направи елаборат со точно утврдени штети, ќе биде усвоен на седница на општинскиот Совет, а потоа испратен до Владата, од каде се очекува помош за надминување на последиците од оваа елементарна непогода, каква што долненци не паметат.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG