Достапни линкови

Ваши коментари - За опозицијата и новата фонтана на плоштад


Изградбата на нова фонтана на плоштадот Македонија во Скопје и интервјуто со лидерот на СДСМ Зоран Заев се најкоментираните текстови на нашата веб-страна.

Фина тема за полемика на нашата веб-страница, а во овие веќе топли денови, е новата фонтана што почна да се гради на скопскиот плоштад, која треба да чини 2,5 милиони евра, а за која професор Јасмина Силјановска вели дека веројатно ќе мораме да летаме за да го преминуваме плоштадот. Че полемизира со Перо, убедувајќи го дека тоа ќе било проодна фонтана која ќе ладела во топлите денови, а дека професор Силјановска манипулира со фактите.
Фонтаната е проодна, би трбало да работи кога е жешко/значи ќе лади,термодинамика-адиабатско ладење.
Коментар од читател.


Перо му возвраќа дека плоштадот имал ладење со дрвјата кога работел Метропол со летната бавча, па потоа ги сотреле како криминалци, ноќе, а дека секој плоштад е јавна површина и треба да се прашаат сите граѓани кои живеат во Скопје што да се гради на него. Станко се потсмева со фактот дека пари за фонтаната ќе давале и Градот и Владата, а од истиот буџет, вели, што го полнат граѓаните. Некој Мијал од Штип пишува дека и во Штип имало фонтана ама утната, како што напишал, па сега во неа посадиле цвеќиња.


Разговорот со лидерот на СДСМ, Заев, за Радио Слободна Европа на македонски, во кој тој, покрај другото, вели дека опозицијата е надвор од парламентот ама не и од државата, која инаку нема државни институции зашто сè е една партија, онаа што е на власт, покажува, според вашите коментари, дека некои од вас, почитувани, веќе познати по своите негативни ставови кон нашево Радио, продолжуваат да ни забележуваат дека прашањата на нашите новинари се, како што напишал Миле од Охрид, „лага и манипулација со цел дестабилизација на државата“.
Портокаловата бајка на Груевски продолжува во минатото, никој не ја гледа сегашноста.
Коментар од читател.


МКД му порачува на Заев културно да се повлече, а Перо му забележува што не сфатил на време дека со оваа власт не може да се води борба во бели ракавици, а камоли со договарање на маса, а најмалку преку институции. Питија, пак, очигледно е против Заев и Шеќеринска кои, според неа, требало да дадат отчет за изгубените избори, а со неодењето во Собранието одбегнувале да се соочат со поразот.

За реакциите по текстот дека Македонија живее во два паралелни света - оној на Груевски и оној на меѓународната заедница, карактеристични се две: МК Обсервер напишал дека светогледот на Груевски бил верификуван на изборите, а странците, кога даваат оценки за состојбите во државава - се мешале во нејзините внатрешни работи. Незабеган од Скопје, покрај другото, вели: „Портокаловата бајка на Груевски продолжува во минатото, никој не ја гледа сегашноста, а иднина, РМ нема ли нема...“
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG