Достапни линкови

Милитантите во Ирак освоиле уште еден град


Вашингтон го осуди страшниот масакр од милитантите во Ирак кои соопштија дека убиле илјада и седумстотини шиитски воени регрути во Тикрит. Припадници на Исламската држава Ирак и Левант кои освоиле уште еден град во близина на Багдад, објавија дека егзекуциите биле одмазда за убиството на еден нивен командант.

Потпаролот на Стејт департментот Џен Псаки оцени дека наводот од Исламската држава Ирак и Левант оти нејзини припадници масакрирале илјада и седумстотини регрути во Тикрит е страшен и, како што оцени, „вистински приказ на крволочноста на овие терористи“.

„Иако не можеме да ги потврдиме ваквите извештаи, една од главните цели на Исламската држава Ирак и Левант е да посее страв во срцата на сите Ирачани и да предизвика верски поделби меѓу народот“, рече Псаки, додавајќи:
„Заканата што ја претставува Исламската држава Ирак и Левант не е само закана за Ирак, туку и за регионот. Тоа ја потенцира важноста на потребата од соработка на сите Ирачани против заедничкиот непријател“, рече таа.
Иако не можеме да ги потврдиме ваквите извештаи, една од главните цели на Исламската држава Ирак и Левант е да посее страв во срцата на сите Ирачани и да предизвика верски поделби меѓу народот.

Со иста порака е и пратеникот на Обединетите нации за Ирак Николај Младенов кој потенцира дека опасноста за интегритетот на земјата мора да биде елиминирана.

„Тоа не може да биде решено само со воени средства, но не може да биде решено исто така и само со политички, бидејќи станува збор за многу одлучна организација која сака уништување на Ирак“, рече Младенов.

Оваа терористичка организација зазеде големи делови од северен и западен Ирак, вклучувајќи ги градовите Мосул и Тикрит.

Исламската држава Ирак и Левант се одвои од терористичката мрежа Ал каеда, оценувајќи дека таа била премногу умерена и не го спроведува доследно шеријатското право.

Милитантите на интернет објавија фотографии како доказ дека го извршиле масакрот. Портпаролот на ирачката војска, полковник Касим ал-Мусави, ја потврди автентичноста на фотографиите, наведувајќи дека анализата покажала оти на нив било прикажано убиството на најмалку 170 регрути. Според него, ирачката војска добила извештаи за масакрот и од други извори.

На фотографиите е прикажано како маскирани борци на Исламската држава Ирак и Левант принудуваат заробеници со заврзани раце на грбот да легнат со лице на земјата по што потоа биле облеани во крв.

Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права, Нави Пилај, изјави дека примила извештаи за масовни егзекуции од милитантите во Тикрит и Мосул.

Во меѓувреме, Соединетите Држави соопштија дека ја зголемуваат безбедноста на американската амбасада во Багдад и испратиле дел од персоналот во други делови на Ирак, како и во Јордан, поради напредувањето на припадниците на Исламската држава Ирак и Левант кон ирачкиот главен град.

Премиерот на Ирак Нури ал Малики вети дека ќе ја врати контролата врз територите окупирани од терористите. Според неговиот претставник за безбедност, полковник Касем Ата, владините сили ја презеле иницијативата во борбите на северот од Багдад.

Претходно, илјадници шиити го послушаа повикот на нивниот верски лидер големиот Ајатолах Али ал Систани да земат оружје во рацете и да се борат против сунитите од Исламската држава Ирак и Левант.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG