Достапни линкови

Неделен печат - Спорот за името и владиниот економски тим


Република тврди дека Македонија преминува во дипломатска офанзива пред септемврискиот Самит на НАТО, а Фокус го анализира владиниот економски тим.

Република - Македонија очигледно почна со проактивна политика доближувајќи се кон САД - главниот фактор во НАТО
Дали ќе ја градат Македонија како неоколонијална држава, или како земја во која владеат правото, во која политиката е стабилна, а безбедноста неприкосновена? Таму е вистинската економија!
Архивска фотографија.

Архивска фотографија.


Неделникот Република, во најновиот број, тврди дека Македонија преминува во дипломатска офанзива пред Самитот на НАТО во Велс, Велика Британија. Ова тврдење го заснова на тоа што досегашниот македонски амбасадор во САД, Зоран Јолевски, е нов министер за одбрана, а нели, Министерство за одбрана, па врски со Вашингтон, па НАТО... Значи, „Македонија очигледно почна со проактивна политика доближувајќи се кон САД - главниот фактор во НАТО“, пишува неделникот, па прашува дали во меѓувреме се ослободува позицијата преговарач, или, поточно кажано, офицер за врски во спорот за името. Република го консултира Ристо Никовски, како познавач на работите, кој тврди дека улогата на македонскиот преговарач е минимална, а дека стратегијата во битката за името се кове во Скопје. Република наведува дека во игра за испразнетото место се три имиња: на новиот амбасадор во САД, Васко Наумовски, на нашиот претставник во ОН, Василе Андоновски и на досегашниот преговарач, Зоран Јолевски.

Фокус - Многу министри, малку фајде за економијата

„Многу министри, малку фајде за економијата“, смета најновиот Фокус во анализата за економскиот тим на Груевски во новиот Кабинет кој ќе биде претставен на 19 овој месец. Неделникот оценува дека 11-темина министри, кој со ресор, кој без ресор, што ќе ја менаџираат економијата на државава, пред себе ќе имаат потешка задача. Да го сменат концептот на работа и стратегијата за привлекување инвеститори. „Може уште десет зони да се изградат, но какво фајде“, размислува авторот на анализата, „ако сите инвеститори работат само додека ги користат поволностите од бенефициите што им ги дава владата. Дали ќе ја градат Македонија како неоколонијална држава, или како земја во која владеат правото, во која политиката е стабилна, а безбедноста неприкосновена? Таму е вистинската економија!“ - порачува Фокус.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG