Достапни линкови

Реформирано судство во политички јарем


Колку политиката влијае врз работата на судиите и дали има начин да се остане имун на политичките притисоци.

И покрај уверувањата на властите дека состојбите во судството напредуваат, а реформите даваат резултати, една анкета со случајни минувачи во градот ќе ве увери во спротивното. Се чини дека граѓаните сè помалку ѝ веруваат на судската власт. Убедени се дека политиката одамна ставила рака врз судството, а судиите се под постојан притисок на некој од извршната власт.
Јас немам толку доверба во судството. Ако премиерот тужи тогаш брзо ќе оди. Еве имаше случаи кога судеа новинари, веднаш им пресудија им дадоа казни.
Анкетиран граѓанин.

„Судството станало циркус, циркус. Гледајте што се случува со судењата, што се случува со Монструм, што се случува кога некој функционер ќе реши да тужи некого, веднаш нивниот процес доаѓа на ред и тие веднаш им велат на судиите – ела смеј да нè осудиш.“

„Без политика нема судство и обратно, без судство нема политика. Се гледа дека нема независно судство, да не ви дојде само проблем до глава оти тогаш сите бараме луѓе да ни завршат работа, со луѓе не можеш да завршиш работа, а камоли без луѓе.“
Апсолутен врв на апсурдот би било да се осуди Заев за нешто за кое е должен како претседател на опозицијата да го сподели со јавноста и притоа да докаже дека имал основано сомнение, ја соопшти аудио снимката и дополнително со експертиза потврди дека тоа е гласот на Груевски.
Зоран Заев, претседател на СДСМ.

„Јас немам толку доверба во судството. Ако премиерот тужи тогаш брзо ќе оди. Еве имаше случаи кога судеа новинари, веднаш им пресудија им дадоа казни“, велат анкетираните граѓани.

Деновиве актуелна е пресудата на Уставниот суд дека отстранувањето на новинарите од собраниската галерија на 24 декември била од безбедносни причини, која во јавноста предизвика низа реакции. Квалитетот на одлуката укажува на тоа дека таа не е во согласност со стандардите претходно поставени од страна на Уставниот суд и Европскиот суд за човекови права во Стразбур, вели адвокатот Филип Медарски.

„Лично сум убеден дека има повреда на слобода на изразување, а сметам дека Уставниот суд не се осмели да утврди дека постои таква повреда, тоа самото доволно зборува за евентуалното можно влијание на одлуката“, вели адвокатот Медарски.
Во последните години судиите се извадени од памет, знаат дека треба да слушаат за да останат на функцијата, тие дури имаат автоцензура, односно и никој ништо да не им каже, знаат што треба да пресудат.
Александар Тортевски, адвокат.

Квалитетот на последните судски одлуки не е на ниво на земја аспирант за влез во Европската унија, вели Медарски. Потребно е усогласување на нашите одлуки со стандардите и пресудите на Европскиот суд за човекови права за да се смени перцепцијата за лошиот квалитет на пресудите, велат адвокатите.

Поранешниот судија на Уставниот суд и актуелен универзитетски професор Бајрам Положани вели дека последната одлука на Уставен за новинарите укажува на тоа дека судиите одлучуваат во насока да ѝ угодат на извршната власт. Иако имаат деветгодишен мандат и никој не може да ги разреши, кај нив е евидентно влијанието на политиката врз нивната работа, дециден е Положани.

„Наклонети се заради други придобивки, тоа е во менталитетот, за да може да направат кариера тие или членови на нивните семејства“, вели Положани.
Никој однадвор не може да преземе никакви мерки и активности, освен самите човечки ресурси во судство да одолеат на таквите притисоци, ако воопшто постојат. На крајот на краиштата одлуките што ги носат судовите во Република Македонија се подложни на контрола од повисоките инстанци.
Лазар Нанев, судија.

Во исто време реакциите по завршните зборови на обвинителката Гордана Гешковска за случајот Монструм, укажуваат на растечките притисоци во пресрет на првостепената судска пресуда која треба да биде донесена на 18-ти овој месец. Паралелно со овој случај, актуелен е и оној во кој премиерот Никола Груевски бара отштета од 500 илјади евра од лидерот на СДСМ, Зоран Заев во врска со случајот Македонска банка, а чие судско рочиште е закажано во понеделник. Ваквите случаи го зголемуваат сомнежот во јавноста дека политичките притисоци ги има и оти за вакви предмети е тешко судијата да одлучува по сопствено убедување.
Се забележува дека за конкретни постапки, за конкретни предмети, било да се од сферата на кривично-правната област или од сферата на граѓанско-правната област, се забележуваат одредени елементи на мешање, на притисоци, се разбира политички притисоци, за да одредена постапка се заврши во една или друга насока.
Осман Кадриу, универзитетски професор.

„Самата околност што премиер тужи не може да биде проблем, тој е еднаков како и сите други лица и тој може како и сите други лица да смета дека одредено негово право е повредено. Друго е прашањето на оценувањето дали тој во дадената ситуација овој проблем треба да го разрешава со тужба и што се сака да се каже со тужбата виз-а-ви неговата чест и неговиот углед“, вели Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права.

Дури и да нема директни притисоци, судијата во ваков случај ќе биде под голем психолошки притисок, вели адвокатот Александар Тортевски.

„Нема никој да му врши директен притисок, меѓутоа тој си знае. Во последните години судиите се извадени од памет, знаат дека треба да слушаат за да останат на функцијата, тие дури имаат автоцензура, односно и никој ништо да не им каже, знаат што треба да пресудат“, вели тој.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вели дека вербата во правосудниот систем во државата е одамна изгубена и оти праксата тоа го покажала. Уште поголема апсурдност е ако процесот за тужбата на Груевски против Заев се случува пред процесот за кривичната пријава која СДСМ ја поднесе против Груевски за случајот Македонска банка, а кој треба да го отвори Јавното обвинителство.
Свесна сум дека во сите судски постапки на некој начин има две страни и едната е секогаш незадоволна, меѓутоа некако во Македонија за жал, сè понезадоволна е онаа страна што не е власт.
Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

„Апсолутен врв на апсурдот би било да се осуди Заев за нешто за кое е должен како претседател на опозицијата да го сподели со јавноста и притоа да докаже дека имал основано сомнение, ја соопшти аудио снимката и дополнително со експертиза потврди дека тоа е гласот на Груевски“, вели Заев.
Маргарита Цаца Николовска.
Маргарита Цаца Николовска.

Некои од актуелните судии велат дека токму судската фела треба се избори за својата независност. Ако судиите имаат притисоци од страна на извршната власт, тоа значи дека тие треба да ги постават своите црвени линии, вели судијата Лазар Нанев од Основниот суд во Кавадарци.

„Никој однадвор не може да преземе никакви мерки и активности, освен самите човечки ресурси во судство да одолеат на таквите притисоци, ако воопшто постојат. На крајот на краиштата одлуките што ги носат судовите во Република Македонија се подложни на контрола од повисоките инстанци“, вели тој.
Ако тие самите не сакаат, односно избегнуваат да бидат непристрасни и независни, тогаш не може никој да им помогне. Ако сака да е пристрасен, тој ќе биде, џабе вие му обезбедувате според законот сите права на сигурност.
Бајрам Положани, универзитетски професор и поранешен уставен судија.

Критиките за бавното и неефикасно судство за кое некогаш зборуваше Европската комисија и меѓународните претставници, денеска се заменети со квалификации за непрофесионално работење на судиите, за сè уште присутната корупција, за селективна правда и за политичките притисоци врз судството. Сеќавајќи се на времињата кога ја почнувал својата адвокатска кариера, Тортевски вели дека денеска недостасуваат знаење, професионалност, независност, позитивна селекција на кадри.

„И во Југославија, Македонија имаше висок степен на квалитет на судството, благодарение на тоа што веројатно другите републики наметнуваа знаење, позитивна селекција на кадри, беа понапред и практично нè влечеа, меѓутоа благодарение на тоа имавме и ние добро судство, имавме стручњаци, коректни луѓе, луѓе што учеа, што читаа. Од осамостојувањето на Македонија постојан е трендот на уназадување на судството и трендот на влијание на политиката во судството се зголемува“, вели Тортевски.

За тоа какви се состојбите во судската власт зборува и професор Осман Кадриу, инаку член на Републичкиот судски совет во периодот од 1994 до 2000 година.

„Се забележува дека за конкретни постапки, за конкретни предмети, било да се од сферата на кривично-правната област или од сферата на граѓанско-правната област, се забележуваат одредени елементи на мешање, на притисоци, се разбира политички притисоци, за да одредена постапка се заврши во една или друга насока, во една или во друга конотација, што не е добро“, вели Кадриу.

Во вакви околности очекувано е некои судски одлуки да бидат политички, а не законски, што, пак, не зборува добро за една правна држава, вели Кадриу.

Денеска не можеме да зборуваме за јасно разграничување на трите власти во македонскиот правен систем, односно законодавната, извршната и судската власт, додава Цаца Николовска.

„Сè повеќе и повеќе се присутни тие критики, а од друга страна имаме тотално молчење во делот на она што е улога на судската власт и како таа во суштина се остварува. Свесна сум дека во сите судски постапки на некој начин има две страни и едната е секогаш незадоволна, меѓутоа некако во Македонија за жал, сè понезадоволна е онаа страна што не е власт. Таму каде државата е тужена многу ретки се случаите каде што се утврдува одредена одговорност или неисполнување обврски на државата“, вели таа.

Не може да ја подобрите состојбата во судството ако стануваат судии и напредуваат во својата кариера луѓе кои се политички активни. Партиската книшка и желбата да се остварат личните интереси, ги убиваат професионалноста и објективното расудување, велат Положани и Тортевски.

„Ако тие самите не сакаат, односно избегнуваат да бидат непристрасни и независни, тогаш не може никој да им помогне. Ако сака да е пристрасен, тој ќе биде, џабе вие му обезбедувате според законот сите права на сигурност“, вели Положани.

„Ако за избор на судија, треба да отидете во политичка партија да го барате изборот или кај некој политички моќен во моментот, и станете судија врз основа на тоа, тука е сосема јасно дека веќе не можете да бидете независен, бидејќи ќе треба да ја вратите услугата и што е најтрагично, тоа се обично неспособни луѓе“, вели Тортевски.

Адвокатот Медарски, пак, смета дека главниот проблем не е незнаењето и непрофесионалноста на судиите, туку стравот од губење на работното место.

Иако надлежните уверуваат дека ефикасноста на судовите е зголемена и дека нема мешање во работата на судската власт, слабости сè уште постојат и за нив зборува оваа фела. Судијата Нанев вели дека е неопходно целосно ребрендирање на судскиот систем во земјава, а најнеопходна е нова стратегија во делот на постапувањето со судските предмети.

„Мораме да изградиме еден нов менаџмент систем преку кој ќе се осврнеме критички на целокупниот менаџмент систем којшто во овој момент раководи со судството во Република Македонија, нам ни треба еден нов пристап, едно ново редефинирање на односите со јавноста и со домашната и со меѓународната, бидејќи критиките доаѓаат од страна на меѓународната јавност“, вели Нанев.

На прашањето како да се врати довербата во судскиот систем, Цаца Николовска вели дека извршната власт треба да ги остави судиите да работат согласно нивното убедување и знаење. Она што е покомплицирано е начинот како тоа да се изведе, вели таа.

„Ние имаме една состојба каде што се носат многу закони и на некој начин согласно тие закони е направен одреден притисок на судиите да мора тие така да постапуваат. Не секогаш законот е во согласност со стандардите. Не можеме ние да кажеме дека правилникот за одмерување на казни е нешто што е во рамките на судските органи, кога ние имаме со закон наредба тоа да го направи претседателот на Врховниот суд“, вели Цаца Николовска.

Кога еднаш ќе ја изгубите довербата во институциите тешко е да ја повратите, вели професор Кадриу. Сепак, според него, таа може да се постигне, пред сè со работа, труд, чесност, одговорност и професионализам.

„Од друга страна за нивната независност, финансирање, правната положба итн., треба да одговара државата и другите државни органи, за да обезбедат навистина судство кое ќе одговара и кое ќе работи согласно стандардите на европската заедница“, вели Кадриу.

За разлика од овие мислења, Тортевски не е оптимист дека работите ќе се сменат во блиска иднина. Повикувајќи се на истакнати имиња во правото, тој сликовито објаснува како работите може да се сменат.

„Само 25 луѓе како Пухан и уште 25 луѓе како Марјановиќ да најдеме некаде низ светот, пензионирани судии во Хрватска, во Словенија, да ги поставиме во Врховен суд, во Апелација, за да можат новите генерации да имаат од кога да учат и да се плашат, а сега што, кога некој знае дека е подобар од тој што е во Врховен суд, ставен таму по Рамковен, судија на Врховен суд, а тој нема абер. Не можете да најдете луѓе да прават реформи, и тие што сакале да читаат и што сакале да се надоградуваат и што сакале да држат достоинство останеле во првостепените судови, девалвирани, затоа што не сакале да играат со политиката“, вели Тортевски.

Ниту еден закон, правилник или притисок и страв од губење на работното место не смее да влијае врз слободното судиско убедување, заклучуваат нашите соговорници според кои најважно е постоењето на волја во сите сегменти во државата за да имаме непристрасно судство.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG