Достапни линкови

Опозиција - стратегија, а не самo афери и критики?


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Не е доволно само власта да не чини, за граѓаните да ја сменат. Тие треба да почувствуваат дека има некој што ќе биде подобар. Има ли опозицијата стратегија за доаѓање на власт?

Не треба да се брза по секоја цена, туку опозиција треба да направи добра стратегија, а не само да вади афери и да критикува, оценува во неделното интервју за Радио Слободна Европа лидерот на ЛДП и градоначалник на Центар Андреј Жерновски. Со доза критика тој нагласува и дека требало сериозно да се работи, додавајќи дека граѓаните ќе гласале за нив тогаш кога ќе препознаеле и ќе почуствувале дека опозицијата треба да биде на местото на власта, а не само затоа што актуелната гарнитура не била добра.
Покрај тоа што е јасно, притисокот врз граѓаните, притисокот врз државната администрација, врз судството, врз медиумите, воопшто, сметам дека голема улога врз тоа што сè уште ВМРО-ДПМНЕ е на власт е опозицијата со немање добра стратегија, адекватна стратегија и со недоволната организираност.


„Ќе бидам и похрабар, можеби многумина ќе ми се налутат, меѓутоа, покрај тоа што е јасно, притисокот врз граѓаните, притисокот врз државната администрација, врз судството, врз медиумите, воопшто, сметам дека голема улога врз тоа што сè уште ВМРО-ДПМНЕ е на власт е опозицијата со немање добра стратегија, адекватна стратегија и со недоволната организираност“, смета Жерновски.

Портпаролот на СДСМ Петре Шилегов, пак, вели дека секогаш е потребна подобра стратегија и организираност, но додава дека не се согласува потполно со ставот дека и опозицијата има улога зошто ВМРО-ДПМНЕ е на власт толкав период.

„Не во целост, со оглед на тоа што ВМРО-ДПМНЕ владее на таков рапиден начин на којшто владее, така што во Македонија не може да се зборува за слободно формирање на политичка волја кај граѓаните за тоа за кого ќе гласаат. Ако се тргне од тој фундамент, тогаш ирелевантни се, да речам, некои организациони позиции коишто ги има која било од политичките структури“, вели Шилегов.
Во Македонија не може да се зборува за слободно формирање на политичка волја кај граѓаните за тоа за кого ќе гласаат.


Тито Петковски чија партија НСДП исто така е дел од опозицискиот блок вели дека опозиција стратегијата ја подготвува сега и дека главно барање е формирањето техничка влада. Тој се согласува со Жерновски за улогата на опозицијата во должината на владеењето на Груевски, но нагласува дека сепак главната причина е немањето фер и демократски избори.

„Без сомнение, ако опозицијата беше во континуитет консолидирана, ако немаше такви потреси, говорам сега за стожерната партија во опозицијата, ако беше кадровски екипирана и не доживуваше такви повремени сериозни искричења внатре во опозицијата, веројатно ќе беше третирана многу посериозно. Затоа мислам дека после Конгресот на СДСМ, опозицијата веќе почнува да се консолидира“, вели Петковски.

Во интервјуто Жерновски вели и дека чувствува одговорност за постапката на Роза Топузова-Каревска која спротивно од партиската одлука го прифати пратеничкиот мандат. Таа беше мој избор, вели тој, додавајќи оти не очекувал таков потег. Во однос на надлежностите како градоначалник стои на идејата за референдум кој, ако бил успешен, ќе значел и дислокација на дел споменици од проектот Скопје 2014.
  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG