Достапни линкови

Жерновски - Нема да уривам, ама дел од спомениците може да се преместат


Триумфалната капија не може да се премести, меѓутоа сите овие споменици што се на плоштадот, на територија на Општина Центар ќе мора да бидат подложни на промена доколку граѓаните на оваа општина тоа го одлучат, вели градоначалникот на Центар Андреј Жерновски во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Тој најавува дека во септември ќе одлучи дали ќе спроведе референдум во општината за спомениците од проектот Скопје 2014.

Господине Жерновски, дојдовте на власт во општината после неколку пати оспорувани избори од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Мандатот ви почна со жестоки протести пред општината, а тврдите дека сè уште имате притисоци од централната власт. Што сметате за ваш најголем успех од кога сте на функцијата?

Јас овој мандат не знам дали можам да го наречам нормален, затоа што притисоците се перманентни. Знаеме и Советот во каква позиција е по апсењето на претседавачот на Советот, но јас од почетокот одлучив да не се жалам од аспект на тоа да ми биде изговор. Дента кога дојдов побарав да ја видам финансиската состојба. Преземените обврски покажаа дека има потрошен буџет за цела 2013 година. Кредитите коишто беа повлечени од претходното раководство покажаа дека уште еден цел оперативен буџет е потрошен. И покрај тоа, не сакам да звучи нескромно, вративме 63,4 проценти од преземените обврски. Она што е успех за мене е што го вративме зеленилото, не целосно, но почнавме да го враќаме, имаме насадено над 300 дрвја, имаме седум илјади квадратни метри нова или реконструирана зелена површина. Претходно 11 фасади се направени за цел мандат, ние веќе седум направивме. Има направено девет улици, ја почнуваме сега Ленинова комплетно да ја реализираме. Кога зборувам за улици, зборувам и за тротоари. Првпат направивме во училиштата награди да добиваат и предметните и одделенските наставници, награда за најдобар ученик, идната недела доделуваме награда за најдобар воспитувач во градинките. Легализацијата, и покрај тоа што порано работеше цела машинерија за Општина Центар, за две години порано имало 724 решени случаи, ние за една година имаме решено 812 случаи. Можам да зборувам за клупите, за корпите, за многу плоштади кои започнавме да ги правиме, се реализирани и допрва ќе се реализираат. Започнавме веќе го изградба на нешто што никогаш не било направено во Општина Центар, а беше ветувано неколку мандати наназад, тоа е нова градинка. До крајот на оваа или почетокот на наредната година ќе го започнеме и новото училиште. Значи, сепак сакам да не се жалам, туку да гледам напред. Притисоците претпоставувам ќе продолжат и понатаму, затоа што гледам дека дента кога се одржаа предвремените парламентарни избори, премиерот зборуваше за ништо друго, туку за едната општина каде што тој изгубил, за Општина Центар, јасна ми е пораката, но нема предавање, туку одиме напред.

Дел од вашите поддржувачи јавно зборуваат дека се разочарани од вас поради, како што велат, пасивност во врска со Скопје 2014, но и други проекти. Се откажавте ли од некаква директна битка со централната власт?


Јас во кампањата реков дека не доаѓам овде да уривам објекти и тоа беше потврдено од граѓаните. Има структура којашто сметаше дека со моето доаѓање јас ќе земам чекан во рака и ќе ги уривам објектите. Јас она што го ветив и го исполнив. Комплетна ревизија на Скопје 2014, деталите беа јасни, извештајот беше поделен и на домашната и на меѓународната јавност, преведен на повеќе јазици, дојден до сите институции и тоа беше за мене круцијалниот момент, да откриеме што се случуваше со Скопје 2014. Граѓаните имаат право да знаат каде отидоа нивните средства. Тоа не се средства само на граѓаните на Општина Центар, ниту на Скопје, туку на целата држава. Многу ми е драго што обвинителството одлучи, откако ние го предадовме целиот материјал во обвинителството, два пати да побара дополнување на податоците, што мене ми укажува дека таму веќе е констатирано дека се сериозни наодите и дека треба навистина да се влезе подлабоко каде отидоа, каде се проневерија сите средства. И покрај притисоците јас влегов во тоа што го ветив, презадоволен сум од тоа како работеа ревизорите, остануваме и понатаму достапни за сите информации, затоа што Скопје 2014 мора на крај да се заврши на оној начин на којшто очигледно бил испланиран, а тоа е едно големо перење пари.

Рековте и дека не се откажувате од референдум за Скопје 2014 и мислам дека минатата година имавте идеја дека можеби би било добро да се одржи заедно со претседателските избори. Претседателските избори поминаа, а немаше иницијатива да се одржи референдум. Се откажавте ли од таа идеја за референдум околу Скопје 2014?

Посакував да биде во ист период кога ќе бидат претседателските, и се констатира заедно со вонредните парламентарни избори, за да не ја добијам вообичаената критика којашто ја очекувам, а тоа е дека ќе биде трошок. Оние што секојдневно безмилосно трошат пари ќе ме обвинат се разбира дека тоа е непотребно трошење на пари. Затоа мислев да биде во тој период, не наидов на поширока поддршка, но исто така реков пред изборите дека резултатот на изборите ќе биде доволен сигнал да видиме дали треба да влеземе понатаму. Јасно е што се случи во Општина Центар и за време на првиот круг претседателски избори и во вториот круг заедно со вонредните парламентарни избори. Пред да донесам дефинитивна одлука, не го кријам тоа, најверојатно на есен ќе направам една анкета, тоа е сосема нормално, да видам како стои расположението. Ако расположението кај граѓаните е да се организира референдум, тој ќе се случи во Општина Центар.

И што по референдумот, доколку граѓаните на референдум се изјаснат дека се против Скопје 2014?


Јасно ќе биде прашањето, што со спомениците итн. Е сега, веројатно Триумфалната капија не може да се премести, меѓутоа сите овие споменици што се на плоштадот, на територија на Општина Центар ќе мора да бидат подложни на промена доколку граѓаните на оваа општина тоа го одлучат, бидејќи тие се поставени во оваа општина. Не сакам да гледам себично од аспект на тоа само центарци да одлучат, меѓутоа, знаеме каде е загрозена целата територија и она што е јасно, што го ветив и што го дадов на знаење е дека нема повеќе да продолжи тој проект, не може да продолжи, затоа што додека сум јас тука нема да се усвојат ниту такви Детални урбанистички планови, ниту нови измислени споменици и гледаме дека сега се проширија надвор од Центар, па почнаа своите споменици од Скопје 2014 да ги носат во нивните општини, но во Центар тоа нема да се случи.

Во вашата изборна програма ветивте дека од кога ќе дојдете на власт веднаш ќе пристапите кон ревизија на Деталните урбанистички планови. Што се случува со ревизијата на плановите.


Детални урбанистички планови ќе има за целата територија. Ако зборуваме за постоечките знаеме што се случи со седницата што беше закажана, тоа беше оној вандализам којшто е незапаметен, не во Центар, туку во Македонија. Да не беа тогаш дипломатите, претставниците на странските амбасади, јас можам да тврдам дека буквално ќе дојдеше до жртви, затоа што полицијата во тој момент не реагираше. До денеска МВР нема излезено со соопштение кои се виновниците. Значи, тврдам дека една од главните, ако не и главна причина за апсење на Шиповиќ беа токму тие Детални урбанистички планови.

Ќе се обидете ли повторно да ги ставите на дневен ред и покрај таквите случувања?

Сега сме 11-11. Не мислам да го злоупотребувам тоа што тој сега е на слобода, не ми паѓа на памет тоа да го правам. Сигурно е тешко, многу тешко да се поминат осум месеци во притвор, меѓутоа не се откажуваме од таа идеја. Ќе се обидеме со промена на Деталните урбанистички планови. Јасно ми е дека овој сооднос нема да донесе промена на Деталните урбанистички планови кои тие сакаат сè уште да бидат на сила, меѓутоа, пак велам, битката продолжува. Мислам дека на сите им стана јасно, можеби тоа е најголемиот успех, бидејќи претходно ме прашавте, јасна е пораката дека општината им се враќа на граѓаните. Не зборувам само за редовните средби што ги имаме, затоа што луѓе 10 години не можеле да дојдат во општината или предмети заостанати по 7-8 години. Она што е најважно, круцијално за мене е што општината веќе нема да биде подрачна единица на владата, за Владата на Република Македонија да прави што сака во оваа општина. Тоа важи за оваа гарнитура и за која било, ако утре се случи, се надевам час поскоро, опозицијата да дојде на власт, ниту тогаш нема да дозволам општината да биде во рацете на владата. Таа се врати каде што треба и тој е концептот, ако од граѓаните се собира буџетот, парите на крај да се вратат кај нив.

Ги споменавте дипломатите. Како ретко кој градоначалник во Македонија често имате средби со нив. Го делат ли и тие мислењето дека се врши притисок врз вас?

Тоа не е тешко да се види. Никогаш во изјавите што сум ги давал после тие средби, навистина се чести и сум им многу благодарен за нив, не сум кажал дека тоа е поддршка за Жерновски, тоа е поддршка за демократските процеси во државата или осуда на недемократските процеси што се случуваат. Ние имаме вандализам на централната врз локалната власт и пак велам, да не се тие контакти, известувач на Европскиот парламент за Македонија, кој во принцип никогаш не би се занимавал со локалната самоуправа, бил присутен тука, да не зборувам за редовните средби со амбасадорите, каде што ми беше укажано дека каков било обид да се случи нешто непосакувано ќе биде осудено до крај. Повторно велам, не сакам да бидам погрешно сфатен, тоа го сфаќам како поддршка на демократијата во Република Македонија којашто е сериозно загрозена.

Лилјана Поповска, Стевчо Јакимовски, а сега и Роза Топузова-Каревска. Сите овие беа видни членови на ЛДП коишто одлучија да постапат спротивно на одлуките на партиските органи. Што правите како лидер на партијата да ја зацврстите лојалноста на своите членови?

Не е ова криза на партијата. Ние донесовме одлука на Централен одбор, имаше само двајца коишто гласаа воздржано, сите други донесоа одлука за враќање на овие мандати коишто се освоени на недемократски избори. Тоа е сосема јасно и ние не мислиме да бидеме декор или поддржувачи на оваа власт и на режимот со тоа што ќе влеземе во парламентот и ќе глумиме дека состојбата е сосема нормална, како во секоја друга земја, меѓутоа ова е крајно разочарувачки потег од нејзина страна, се работи за потпретседател на партија, така што тој е еден индивидуален чин, којшто не ја загрозува стабилноста на партијата, но не го очекував овој момент воопшто. Оваа битка ќе биде тешка, оваа битка ќе биде исцрпувачка, имаме работа со еден противник којшто не бира средства да се пресмета со оние што не мислат исто како нив. Ако во таа битка некој нема сили да издржи, подобро е да знаеме сега кога ја започнуваме конечната битка. Либерално-демократската партија е и либерална и демократска, секој поединец има право да одлучува за своите потези, меѓутоа мора да се почитува ставот на мнозинството. Оваа партија е отворена за сите оние што сакаат да влезат и за сите оние што сакаат да излезат. Индивидуално на крај секој одлучува како ќе ја заврши политичката кариера. Ако ме прашувате дали чувствувам одговорност, чувствувам затоа што Роза беше мој избор и оттука јас во огромна мера морам да ја понесам одговорноста за тоа што таа го направи.

Имате ли некаква стратегија во партијата како во иднина да не се случуваат овие работи? Како лидер на партијата ве прашувам, да осигурате поголема лојалност кон партиските одлуки коишто ги носите како раководство?

Кај нас никогаш немало механизам, и додека сум јас тука нема да се случува тоа, да се бара потпишување некакви меници итн., тоа не е во духот на либералната демократија. Многумина бараат да се исклучи Роза, ние го немаме тоа во партискиот статут, не случајно. Оваа партија нема можност да исклучува, тоа е она што ние го носиме како идеологија, како начин на функционирање. Ако некој одлучи да го направи тоа, јас немам механизам како да го спречам. Не се плашам дали ќе се случува тоа и понатаму, но очигледно ќе треба и јас подобро да проценувам карактери, дури и со луѓе со кои сум бил соработник од првиот момент во партијата.

Споменавте дека ова ќе биде тешка битка. Која е стратегијата на опозицијата за понатаму?

Ќе трае оваа битка, се надевам дека нема да трае оваа власт, меѓутоа ќе биде тешка битка, досега не сме имале вакви услови. Мислам дека не треба да се брза по секоја цена, треба навистина опозицијата, тука и ЛДП, зборувам за целокупната опозиција, да направи навистина добра стратегија, не само да вади афери, не само да критикува, туку и да понуди. Апсолвирано е прашањето дека луѓето се разочарани, меѓутоа сметам дека сè уште не се уверени дека опозицијата е подобра алтернатива. Ќе бидам и похрабар, можеби многумина ќе ми се налутат, меѓутоа, покрај тоа што е јасно, притисокот врз граѓаните, притисокот врз државната администрација, врз судството, врз медиумите, воопшто, сметам дека голема улога врз тоа што сè уште ВМРО-ДПМНЕ е на власт е опозицијата со немање добра стратегија, адекватна стратегија и со недоволната организираност. Покажавме во Центар, сите заедно, дека може да се победи и тоа убедливо, покажавме дека веќе не се работи за три круга, туку се работи за пет круга, ќе ги победиме и понатаму, останува така да се работи и затоа треба да се седне сериозно и тогаш кога граѓаните ќе препознаат и кога ќе почувствуваат – да, сакам ти да бидеш на нивно место, тогаш ќе гласаат, а не само затоа што тие не чинат. Тоа очигледно не е доволно.
  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG