Достапни линкови

logo-print

Дневен печат – Голема влада и без преговарач за името


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Новата македонска влада е рекордер во регионот по бројот на министри, пишуваат дневните весници, а поради тоа што досегашниот преговарач за името Јолевски ќе стане министер, неговото место останува испразнето во пресрет на Самитот на НАТО.

Македонија не штеди на министри - само Утрински вака ја насловува информацијата дека со 26 владини места, заедно со премиерското, владата на Груевски е рекордер по големина споредено со бројот на министерски места во владите на регионот. Весникот забележува дека новиот кабинет на Груевски е рекордер и по бројот на министри без ресор - додека во другите земји ваков тип функционери ги има еден или двајца, а некаде ниеден, идната македонска влада ќе има седум министри без ресор. Утрински споредува дека германската влада има само 16 министри и ниту еден без ресор.
Македонија не штеди на министри.

Дневник, бројот на министри без ресор го објаснува со наслов: „Зајакната трка по странски инвестиции“, па појаснува дека шестмина од нив ќе бркале странски инвестиции.

И пак само Утрински регистрира дека „Македонија е без преговарач пред самитот на НАТО“, затоа што новиот министер за одбрана, Зоран Јолевски, досегашен амбасадор во САД и преговарач за името, се враќа во земјава идната недела, а наследникот, Васко Наумовски, уште не бил „спакуван“ за Вашингтон. Најбитното е тоа, пишува Утрински, дека пред најавената посета на медијаторот Нимиц на Македонија и Грција ќе нема никој во САД да влијае на него при евентуален предлог во спорот за името, како и пред самитот на НАТО кога ќе ни треба најсилно лобирање во Вашингтон.
И Рада доби апанажа - за џепарац!

Вечер најмногу се интересира за тоа дека: „И Рада доби апанажа - за џепарац!“, како што гласи насловот во весникот.

Нова Македонија во наслов ја пренесува изјавата на владиниот портпарол дека „Гасификацијата на Скопје не е доведена во прашање“, со политичките перипетии меѓу ЕУ и нејзината членка Бугарија, која ја стопира изградбата на Јужен тек по барање на Брисел.

Дали и Илинден ќе го славиме заеднички со Бугарите, како неодамна Светите Кирил и Методиј? Утрински објавува дека бугарскиот претседател Плевнелиев му испратил писмо на Иванов во кое директно бара двете држави заедно да го слават и Илинден.

И, како осамен глас во пустина, звучи забелешката на Транспарентност Македонија, што ја објавува Слободен печат, дека: „Само Груевски можел да одобри продажба на акциите на Македонска банка - зошто обвинителот Зврлевски не реагира?“
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG