Достапни линкови

Општеството го отежнува водењето бизнис за жените


Наоѓам многу затворени врати, нокога ќе тргнеме некаде со мажот поинаку е, зашто доминацијата на мажите сепак успева, вели Сузана Андоновиќ, која води приватен бизнис во Куманово.

Во Куманово не е мал бројот на жени кои се занимаваат со претприемништво. Нивните проблеми со кои се соочуваат насекаде во државава се исти. Освен што на товар им се домашните обврски, не ретко ги попречува менталитетот и самодовербата која кај повеќето жени е недоволна. Меѓутоа, статистиката на Здружението на бизнис жени, пак, укажува дека има повеќе едуцирани жени во однос на мажи, а структурата на нивната личност или некои други околности ги оневозможуваат целосно да го применат своето знаење и умешност.
Наоѓам многу затворени врати. Да бидеш културен и смирен, да не навредиш некого, а од другата страна на вратите или шалтерите не наидувам на тоа. Ако ти недостасува некој документ тие немаат трпение. А кога ќе тргнеме некаде со мажот поинаку е, зашто доминацијата на мажите сепак успева.

Оние жени кои храбро запловиле во водите на претприемништвото покажуваат дека се многу поажурни во плаќањето на долговите, поупорни се и не лесно се откажуваат од зацртаната цел. Пред да започнат со бизнисот жените немаат доволно сопствен имот, бидејќи родителите најчесто својот имот им го отстапуваат на синовите, или, пак, не го отстапуваат до својата смрт.

„Жените најчесто се во услужниот сектор и во занаетчиството, малку се во машинските струки, електрика и слично“, вели Валентина Дисоска од Здружението на бизнис жени во Македонија.

Анкица Јаќимовиќ се одлучила за занаетчиската дејност, изработка на венчаници и облека за свечености. Таа раскажува дека работата е тешка и напорна

„Мора семејството да трпи. Неопходен е баланс, децата помагаат и сопругот дома.“
Мора семејството да трпи. Неопходен е баланс, децата помагаат и сопругот дома.

РСЕ: Тешко ли е во Македонија жена да води бизнис?

„Тоа што го работам многу го сакам, ме исполнува. Тешкотија е што имам обврски од утро до вечер, има многу трчање. Ама тоа е тоа“, вели Јаќимовиќ.

Во Куманово има жени кои со претприемништво успешно се занимаваат и по повеќе од две децении. Тие веќе си го истрасирале патот и ги надминуваат сите пречки со кои се соочуваат. Меѓутоа помладите генерации жени во недостаток на работни места во општата безработица се обидуваат да изнајдат начини сами да започнат со бизнис.

Сузана Андоновиќ вели дека започнува со бизнис и од нејзиното искуство талкајќи по административните институции смета дека сепак мажите имаат повеќе предности, отколку жените. И тоа се должи на нашиот менталитет.

„Наоѓам многу затворени врати. Да бидеш културен и смирен, да не навредиш некого, а од другата страна на вратите или шалтерите не наидувам на тоа. Ако ти недостасува некој документ тие немаат трпение. А кога ќе тргнеме некаде со мажот поинаку е, зашто доминацијата на мажите сепак успева“, вели Андоновиќ.

И покрај тешкотиите со кои се соочуваат, жените се упорни и не така лесно се откажуваат од обврските и дома и во претприемништвото. Тоа што го одбираат за работа го сакаат, сметаат дека најдобро умеат да го работат, ги исполнува, а можат и да обезбедат некаква егзистенција, ако не и луксузен живот на целото семејство.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG