Достапни линкови

Заев - опозицијата е надвор од парламентот, но не и од државата


Не може партии коишто не освоиле ниеден пратенички мандат или во шесте изборни единици освоиле само еден мандат, на крај да бидат претставници на кредибилна опозиција во парламентарниот состав. Тоа може да биде само врв на апсурдот, вели претседателот на СДСМ Зоран Заев во интервју за Радио Слободна Европа.

Власта ја отфрли вашата идеја за формирање техничка влада? Кој е вашиот следен чекор?

Ние сме опстојни на нашите ставови, поради тоа што целите што ги поставивме за нас како опозиција, со една реченица кажано, создаваат една нормална земја, во која што владее правото, има слобода, има демократија. И апсолутно со постигањето на тие цели, тогаш и опозицијата ќе ја исполни својата обврска, согласно Уставот и согласно своето постоење, а тоа е да ги коригира и да ги подобри сите состојби во Република Македонија кои се влошени, да не кажам забегани.

Но, не ви се остава можност, вие треба да се борите на многу фронтови, медиумите не се на ваша страна, власта не ги слуша вашите пораки, странците остануваат со прекриени очи за некои работи. Подготвени ли сте да одговорите на притисоците и да истраете во бојкотот?

Сè додека веруваме во нашите души дека се бориме на страната на вистината и на правдата, ќе истраеме и не само тоа, јас верувам дека фронтот за борба за нормализација на нашата земја ќе расте, како доаѓа времето. Ако власта го контролира целиот општествен систем, вклучувајќи ги и медиумите, секогаш постојат дополнителни можности кои опозицијата ги има на располагање да ги искористи. Секако, тоа е многу тешко и многу мачно во ова време во кое работите се така поставени под контрола на власта, но вербата е преголема, желбата за напредна земја во која ќе има нормални услови за живот е преголема и затоа ќе се бориме. Најчесто тоа е човек на човек, врата на врата, разговори низ целата земја за ширење на нашата вистина и тоа секако ќе се случува во периодот којшто претстои пред нас.

Опозицијата е главниот виновник за сè во државата, предвреме ве обвинија и за евентуално губење на кандидатскиот статус. Како ќе излезете на крај со тоа?

Сите во Македонија знаат дека во сите извештаи на Европската унија, нашите домашни слабоста беа, макар во ракавици, постојано нотирани. Во сите извештаи на Стејт департментот се нотирани истите работи, за кои опозицијата сега тврди дека имаат своја кулминација во негативен аспект, а тоа е владеење на правото, слободата, демократијата, слободата на изразување, слободата на медиумите и многу други, би ги нарекол генерално кажано уставно-темелни вредности на Македонија. Од тој аспект најголем непријател на Македонија е оваа влада, која со секое свое ново и дрско однесување, со секоја наредна година и после секој нареден изборен циклус, апсолутно и дава шанса и на Грција, но и на Европската унија евентуално да размислува за повлекување на препораката за преговори. Јас сум претседател на опозицијата, јас сакам Македонија да почне преговори за влез во Европската унија. Затоа што искрено верувам дека тогаш Груевски и оваа влада сакале-не сакале, ќе мораат поглавје по поглавје преговарајќи да ги вратат оние изгубени вредности за кои ние денеска се залагаме. Знаете дека неколку пати во име на добрата иднина и напредокот на интегративниот процес опозицијата се враќаше назад во Парламентот, воспоставивме политички дијалог, долго време дававме шанса за освестување и отрезнување и тоа го правевме и со новиот Изборен законик и со сите мои средби со Груевски, на работните групи коишто ги формиравме, донесувајќи го извештајот за 24 декември, за да дрскоста и безобразието на власта на крај бидат уште поголеми. Сите граѓани на Република Македонија кои се барем малку упатени знаат дека не дај боже губењето на препораката нема да биде никако вина на опозицијата, туку апсолутно, целосно ќе биде исклучиво вина на оваа власт.

Што ќе правите ако власта реши да спроведе дополнителни избори само за испразнетите пратенички места од опозицијата? Можно ли е да учествувате на едни такви парцијални?

Таман работа. Апсолутно не, затоа што прво целите коишто ги поставивме и поради кои не ги прифативме пратеничките мандати се истите тие цели и причини коишто би ги нотирале при евентуално распишување на избори. Втората, и според мене уште поважна причина, е што не постои ниту законски, ниту уставен основ за распишување на парламентарни избори за пополнување на испразнетите места. Тоа го тврдам поради тоа што така се крши уставното начело на еден граѓанин-еден глас. Тоа теоретски значи дека граѓаните еднаш излегле на избори, го дале својот глас и го направиле својот избор, сега повторно граѓаните за ист парламентарен состав најверојатно со различна вредност на својот глас повторно ќе треба да бираат парламентарен состав. Тоа во превод значи дека ако некој гласал за ВМРО-ДПМНЕ и дал придонес да има толку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, сега повторно го има правото да гласа за ВМРО-ДПМНЕ за ист пратенички состав, за исти пратенички мандати и тоа е апсолутно недозволиво. Втората работа, согласно законот листите бројат 20 кандидати. Не може да бидат формулирани како листи со еден кандидат, со шест, седум или осум кандидати колку што има испразнети места од листите и третата работа, за испразнување на листите во шестата изборна единица треба минимум 210 дена, додека 19-те кандидати не го искористат своето право. Три дена е рокот на ДИК да се обрати до нив, а осум дена е рокот тие како кандидати следни на листите да одговорат. Кога тоа ќе го помножите со 19, со целата административна процедура, ќе видите дека треба 210 дена. За четвртата изборна единица не треба повеќе од 25-26 дена. Тогаш веднаш, после 25-26 дена, мора да се распишат изборите во четвртата изборна единица, а после 210 дена мора да се распишат изборите во шестата изборна единица. Многу се причините зошто не смее ни да се помислува да се излезе на парламентарни избори за пополнување на местата. И на крајот, опозицијата е овде, не е замината надвор од државата ако не е присутна во парламентот. Ако сме главен коректив за сè што не чини во оваа наша земја, првоповикани како опозиција, истовремено и овде сме првоповикани да спречиме новите кршења на Устав и на закон во Република Македонија.

Но, сè посилни се шпекулациите дека, ако вие бојкотирате, власта може да си скрои опозиција по своја мерка. Како СДСМ ќе постапува во таков случај?

Како што гледате, денес нема држава и државни институции, сè е партија, сè е ВМРО-ДПМНЕ во нашата земја, сè е можно од страна на Груевски. Како што може да дојде до максимална потврда на тоталитарниот систем со евентуално спроведување на избори за пополнување на испразнетите места и да дојде до максимален број на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која сама по себе ќе го потврди тоталитарнииот режим во Република Македонија, исто така може да оди во другата крајност некои нови партии формирани само за таа цел да бидат алиментација на опозиција. Тоа исто така не може да помине кај секој свесен граѓанин во Македонија, поради тоа што се знае кој е опозиција во државата, а кој не е. Не може партии коишто не освоиле ниеден пратенички мандат или во шесте изборни единици освоиле само еден мандат, на крај да бидат претставници на кредибилна опозиција во парламентарниот состав. Целото тоа може да биде само врв на апсурдот којшто цело време е наметнат во Република Македонија и ништо друго. Сите знаат дека решенија се наоѓаат само по пат на разговор, по пат на отворен дијалог и за нас веќе најважно, после овие избори, по пат на искрено практично спроведување на тоа што се разговара, каде што гарант ќе биде и опозицијата, а не само власта, којашто досега имаше делегирана доверба од страна на опозицијата, тоа што го договараат власта и опозицијата, власта самостојно да биде свесна и практично да го спроведе. Тоа право власта го изневери и во иднина опозицијата мора да биде рамноправен гарант, заедно со власта, за практично спроведување на сè што ќе се договори меѓу власта и опозицијата.

Колку целата ситуација, дополнително се заострува по најавената тужба против вас од премиерот Груевски?

Јас на оваа работа не гледам како на причина за заострување, затоа што и самата состојба во која тој во ниту еден момент не кажува дали тоа е неговиот глас, дали тој договарал или не, е само по себе апсурдна ситуација. Ние како опозиција многу често сме кажале дека вербата во правосудниот систем е изгубена, затоа што праксата во изминатите неколку години тоа го покажала. Ќе биде врв на апсурд ако првин се случи тужбата на Груевски против Заев, пред да се случи процесот кој е погабаритен и многу потежок на Обвинителството кое треба да го отвори против Груевски. Втор врв на апсурдот би било да се осуди Заев за нешто за кое е должен како претседател на опозицијата да го сподели со јавноста и притоа да докаже дека имал основано сомнение. Не би сакал да прејудицирам затоа што претстои судски процес, но евентуална осудителна пресуда против Заев ќе значи испратена порака до сите граѓани дека не смеат да си веруваат на своите уши, на тоа што го слушнале, да не смеат да си веруваат на својот ум и разум.
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG