Достапни линкови

Македонија чека што ќе биде со Јужниот тек


Властите велат дека Јужен тек е комплексен геополитички проект на кој Македонија не може да влијае и ја чека разврската.

Изградбата на гасоводот Јужен тек е запрена како резултат на несогласувањата меѓу Русија и западните земји околу кризата во Украина, по што Бугарија и Србија соопштија дека ги стопираат активностите. Со тоа барем на краток рок останува неизвесен кракот од гасоводот за Македонија. Властите велат дека Јужен тек е комплексен геополитички проект на кој Македонија не може да влијае.
Во проектот се вклучени повеќе европски држави и со оглед на тоа за вакви глобални текови не можеме да даваме коментари бидејќи наредните чекори за реализација зависат од сите инволвирани страни во овој проект.


Од домашната компанија Македонски енергетски ресурси, која заедно со руски Газпром, треба да го гради кракот во земјава велат ги следат актуелните случувања во врска со Јужниот тек.

„Во проектот се вклучени повеќе европски држави и со оглед на тоа за вакви глобални текови не можеме да даваме коментари бидејќи наредните чекори за реализација зависат од сите инволвирани страни во овој проект“, вели директорот на Македонски енергетски ресурси Крсте Миладинов.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во вчерашното гостување на националната телевизија рече дека ако се најде разврска на тој проблем во геостратешки размери, тогаш Македонија ќе биде подготвена да ја започне изградбата на кракот што ќе ја поврзе земјава со Јужниот тек.
Ќе ја гледаме можноста и во другите транспортни коридори на гас во регионот да се приклучиме, за ако не може да се реализира Јужен тек во предвидената динамика да имаме и друго алтернативно решение.


„За мала земја е битно да се биде подготвен на сите други алтернативни сценарија. Ние мора да сме адаптивни. Подготвеноста на малите земји е во тоа да си спремен да најдеш и други решенија секаде каде што има шанса, така што ќе ја гледаме можноста и во другите транспортни коридори на гас во регионот да се приклучиме, за ако не може да се реализира Јужен тек во предвидената динамика да имаме и друго алтернативно решение. Но, остануваме и натаму посветени, ако се ослободи можноста за реализација на Јужен тек, ние ќе го направиме она што зависи од нас“, рече Ставрески.

Директорот на Агенцијата за енергетика Александар Дуковски вчера рече дека ќе се дискутира за Јужниот тек кога сите факти ќе бидат познати.

„За тоа ќе се дискутира дополнително кога ќе се знаат сите факти. Моментално сè уште не е официјално објавено од бугарската влада дека е стопирано“, рече Дуковски.

Тактизирачки изјави дојдоа и од бугарска и од српска страна. Прво бугарскиот премиер Пламен Орешарски, по вчерашната средба со група американски сенатори, соопшти дека изградбата на Јужниот тек во Бугарија привремено се прекинува и оти понатамошните активности ќе бидат познати по дополнителни консултации со Брисел. По него, српската министерка за енергетика Зорана Михајловиќ информира дека и Србија ја стопира изградбата додека не се разјаснат работите меѓу Бугарија, Брисел, ЕУ и Русија. Бугарскиот министер за енергија Драгомир Стојнев, пак, во меѓувреме изјави дека гасоводот Јужен тек е неизбежен и истакна дека бугарските власти не се откажуваат од плановите проектот да продолжи, а српскиот премиер Александар Вучиќ, по изјавата на неговата министерка, рече дека владата во Белград сè уште не донела никаква одлука за прекин на Јужниот тек и оти засега сè тече според планираното.

Европската комисија одлучи да се прекинат работите на изградбата на „Јужен тек“ на територијата на ЕУ сè додека не се ревидираат билатералните договори што Русија ги постигнала со земјите-членки.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG