Достапни линкови

Темпера со промоција на деби албумот Играј!


Играј! е насловен деби албумот на македонската „супер група“ ТЕМПЕРА чија промоција е планирано да се случи утревечер во скопскиот клуб Станица 26. Станува збор за објава зад која стои Авалон продукција и за колекција на рок песни која изненадува со својата енергија, изведувачка виртуозност и специфична ововремена поетика.

ТЕМПЕРА е името на бендот што го сочинуваат гитаристот Драган Гиновски Гино, продуцентот и тапанар Мите Димовски, басистот Ѓоле Максимовски и пејачката Тања Тас. Тие во оваа формација делуваат релативно кратко време (нешто повеќе од една година), но зад себе имаат импресивни музички кариери.
ТЕМПЕРА е формирана како идеја да ја возобновиме онаа љубов што нè натера како деца да се искачиме на сцена и да го посветиме животот на музиката.

Во изминативе две-три децении, во различни временски период, оставиле дел од сопствената креативност во култниот АРХАНГЕЛ, ЦИЛИНДЕР, ГИНО ДЕ ГАГИ И НИВНИТЕ СТРАСТИ, ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ ТРИО, СЕТ, МИТАН ПРОЕКТ, КАБАДАЈАС, МУГЕР ФУГЕР, АЛШАР, БЕНЕВАНТАН ТРИО, КИСМЕТ, ВАЈЛД БАНЧ, а на еден или друг начин соработувале со имиња како МИЗАР, АНАСТАСИЈА, Кирил Џајковски, ФОЛТИН или Јан Акерман, Теодосиј Спасов, Стефан Миленковиќ. И, кога ова е веќе познато, веројатно не чуди она „супер група“ во најавата, иако тоа нималку и не им е важно на ТЕМПЕРА како бенд чија намера е да го свири органскиот рокенрол – изразот врз чии постулати се граделе како личности.
Материјалот е прилично разновиден како во тематска, така и во хармонска и продукциска смисла. Мислам дека направивме производ кој би требало да ѝ се допадне на македонската публика.

„ТЕМПЕРА е формирана како идеја да ја возобновиме онаа љубов што нè натера како деца да се искачиме на сцена и да го посветиме животот на музиката. Да го сублимираме наталоженото знаење и по одредените излети во различни води да ѝ се вратиме на основната – на рокенролот. Да го искористиме целиот свој потенцијал, искуство и љубов и да продолжиме понатаму со еден автентичен израз, свириме со енергијата што сега нам ни прилега“, истакнува Мите Димовски.

Составот досега имаше неколку настапи во земјава (Скопје, Дојран, Куманово) по што уследи нагласената љубопитност на публиката, за по неколкумесечно снимање на материјалот, да го заокружи и своето дискографско првенче.
Во нив можев да ги согледам оние размислувања, мисли во мене, пред сè за пасивноста на духот, мислата, подводливоста на мислата и приказната зад неа.

На „Играј!“ се забележани 10 песни, од кои синглот „Пластични кули“ со молскавична брзина стана вистински хит на социјалните мрежи и на радио програмите, а носачите на звук ќе ја официјализираат соработката на ТЕМПЕРА со Авалон продукција.

„Албумот го крстивме „Играј!“ со императивна импликација. Материјалот е прилично разновиден како во тематска, така и во хармонска и продукциска смисла. Мислам дека направивме производ кој би требало да ѝ се допадне на македонската публика, посебно на оној дел кој е гладен за автентичен современ рок израз. Колку сме успеале во тоа ќе ни покаже времето кое што доаѓа, а во мое име можам да кажам само дека го дадов сето она што претходно, на овој или оној начин, немав можност да го дадам или остварам и лично сум задоволен од сработеното“, ќе рече Гиновски, кој долго наназад важи за еден од најдобрите македонски рок гитаристи и за инструменталист со специфичен и препознатлив стил на изведба.

Иако најмлада во ова друштво на докажани свирачи, пејачката и авторка на текстовите на песните Тања Тас е оној извонредно значаен и пресуден чинител на мозаикот наречен ТЕМПЕРА. Таа плени со сопствената визуелна пројавност, сигурноста во настапот и лириката која бендот го прави близок до повеќе генерации љубители на рок музиката.

Тас појаснува дека текстовите се создавале постепено како што се развивале и песните. Вели дека тие во случајов биле испровоцирани од еден и единствен риф кога песната била во зачеток. Откако биле готови, таа можела да ги согледа и нитките кои ги поврзувале.

„Во нив можев да ги согледам оние размислувања, мисли во мене, пред сè за пасивноста на духот, мислата, подводливоста на мислата и приказната зад неа. За поривот за игра како систем за самозаштита. Порив, кој по мене, не смее да се игнорира туку да ја разгори желбата да се истражува и понатаму“, вели таа.

Инаку, по утрешната промоција на албумот во скопскиот клуб Станица 26, ТЕМПЕРА вистинското „огнено крштевање“ на големата сцена ќе го имаат гостувајќи на регионалните концерти на славниот Били Ајдол. На 25 јуни ќе свират на „Белград повикува“, а два дена подоцна и на нашиот „Скопје гори“, летните фестивали што ги потпишува Авалон продукција.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG