Достапни линкови

Мундијалот ќе го остави Бразил со скапи стадиони и лош јавен превоз


Архивска фотографија: Протести за подобрување на јавниот превоз во Бразилија на 19 јуни 2013 година.
Архивска фотографија: Протести за подобрување на јавниот превоз во Бразилија на 19 јуни 2013 година.

Приоритет на Бразил беа стадионите – не може да се игра фудбал без нив, па потоа аеродромите, за да може да се прилагодат на навалата од странски навивачи. Поради тоа што земјата заостануваше со планираните проекти, транспортните проекти беа одложувани, а градовите домаќини принудени да импровизираат.

По последниот судиски свиреж на Светското првенство, Бразилците ќе останат со некои од најскапите стадиони во светот и само малку од подобрувањата на јавниот превоз кои беа ветени.
Модернизацијата никогаш не се случи, а стадионите се скапи и неисплатливи.
Гил Кастело Бранко, Контас Абертас.


Задоцнетото проширување на аеродромот беше направено во последен момент пред почетокот на Светското првенство на 12 јуни, но многу од долгорочните инвестиции во брзите транспортни системи во големите бразилски градови се одложени или укинати.


Поминаа седум години откако Бразил ја доби организацијата на Светското првенство. Тогашниот претседател Луиз Инасио да Силва вети дека ќе го искористи натпреварувањето за земјата да ја изведе од неразвиеноста и да го модернизира Бразил со што ќе го постави како значаен дел на светската сцена.
Наше најголемо разочарување е урбаната мобилност. Големите бразилски градови се хаотични. Се надевавме дека работите ќе се подобрат за Светското првенство, но тоа не се случи и не знаеме кога овие работи ќе бидат завршени.
Гил Кастело Бранко, Контас Абертас.


Додека завршија некои од многу потребните инвестиции, Бразил не успеа да ги исполни ветувањата за првенството, па многумина Бразилци на организацијата на првенството гледаат како на можност за големи трошења, без оглед што се случува на теренот.

Еден од најзначајните проекти во јавниот превоз беше првата брза железница во Јужна Америка, која требаше да чини 16 милијарди долари и да ги поврзува Рио де Женеиро и Сао Паоло. Сепак, проектот остана само на хартија.

„Модернизацијата никогаш не се случи, а стадионите се скапи и неисплатливи“, вели Гил Кастело Бранко од приватната организација Контас Абертас која ги следи јавните трошења.

Бразил инвестираше 25,8 милијарди реали или околу 11,3 милијарди долари за подобрување на инфраструктура поврзана со Светското првенство. Една третина од овие пари се потрошени за изградба или реконструкција на стадиони во десетина градови.

Четири стадиони беа изградени во градови што имаат само третолигашки клубови и мали шанси за враќање на инвестициите – во Манаус, Натал, Кујаба и во главниот град Бразилија, каде што величествениот Национален стадион чини 1,6 милијарди реали, повеќе од двојно од првично планираното. Градските ревизори соопштија дека за најскапиот стадион во Бразил ќе бидат потребни уште 300 милиони реали за да се заврши екстериерот по завршувањето на првенството.

Огромните суми потрошени за стадионите беа повод за големи улични протести минатата година на кои излегоа Бразилци незадоволни од лошите јавни услуги и корумпираните политичари. Тие велат дека би било подобро парите да се потрошат за болниците, училиштата и јавниот превоз.

Движењето против Светското првенство најави дека ќе одржи нови протести ширум Бразил за нарушување на Мундијалот.
Несериозни проекти

И покрај инвестициите за подобрување на инфраструктурата, Бразил реализира само половина од ветените проекти кои ги вети, а многу од нив се недовршени.

Лоби групата за архитектура и градежништво, Синаенко, вели дека една петтина од проектите се повлечени зашто не можеле да бидат навреме завршени, додека другите нема да бидат завршени до крајот на Светското првенство, како што е реконструкцијата на меѓународниот аеродром во Рио де Женеиро.

Одложувањето на активностите планирани со години ја зголемија загриженоста за способноста на Рио да ги организира Олимписките игри во 2016 година. Некои меѓународни спортски федерации побараа да се разговара за алтернативи.

Арената Коринтијанс во Сао Паоло нема да биде целосно тестирана пред одржувањето на првиот натпревар на првенството меѓу Бразил и Хрватска на 12 јуни. Голем дел од околината на стадионот сè уште изгледа како градилиште.

Подобрување има на аеродромите и во олеснувањето на патувањето од еден на друг стадион. Тоа може да биде најголемото трајно наследство од Светското првенство, особено новите терминали во Бразилија и на аеродромот Гваруљос во Сао Паоло.

Сепак, само една третина од проектите за градски превоз се реализирани, наведува Контас Абертас.

„Наше најголемо разочарување е урбаната мобилност. Големите бразилски градови се хаотични. Се надевавме дека работите ќе се подобрат за Светското првенство, но тоа не се случи и не знаеме кога овие работи ќе бидат завршени“, вели Кастело Бранко.

Бразилските работници губат по неколку часа секој ден во лошиот јавен превоз. Нивната фрустрација е толку голема што се случува гневните патници да ги демолираат, па дури и да ги запалат автобусите и возовите.

Поскапувањето на автобускиот билет минатата година предизвика големи гневни протести што ја потресоа политичката сцена во Бразил.

Претседателката Дилма Русеф, која повторно ќе се кандидира за нов мандат во октомври, минатата недела пушти во употреба брза автобуска линија од аеридромот во Рио де Женеиро до крајбрежната област Бара да Тижука, но за време на Светското првенство ќе работат само 22 од предвидените 47 автобуски станици.

Приоритет на Бразил беа стадионите – не може да се игра фудбал без нив, па потоа аеродромите, за да може да се прилагодат на навалата од странски навивачи.

Поради тоа што земјата заостануваше со планираните проекти, транспортните проекти беа одложувани, а градовите домаќини принудени да импровизираат. Едно од решенијата е да се прогласи школски и работен одмор во деновите кога има натпревари за да се намали сообраќајот и да се овозможи навивачите да стигнат до стадионите.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG