Достапни линкови

Нови сомнежи за корупција во ФИФА


Раководното тело на светскиот фудбал ФИФА се соочува со нови сомнежи за поткуп поврзани со одлуката Катар да биде домаќин на Светското првенство во 2022 година.
Британскиот Сандеј Тајмс во денешниот број го обвинува поранешниот член на извршниот комитет на ФИФА Мохамед Бин Хамам дека потрошил 1,7 милиони долари за да обезбеди гласови за Катар од азиската делегација.
Исто така се наведува и дека Бин Хамам организирал разговори на владино ниво за тајландскиот претставник во извршното тело на ФИФА Ворави Макуди за да се дискутира за договор за природен гас за неговата земја кој потенцијално вредел десетици милиони долари.
Британскиот весник забележува и дека Макуди бил поканет да ги посети рускиот претседател Владимир Путин и властите од Катар пред гласањето во 2010 година на кое беше избрана Русија за домаќин во 2018 година и Катар за 2022 година.
ФИФА спроведува внатрешна истрага за овие сомнежи, а организаторите од Катар демантираа.
XS
SM
MD
LG