Достапни линкови

Опасност од губење на препораката за преговори со ЕУ


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Меѓународната заедница ги испраќа своите сигнали на разочараност преку сè поотворени критики за реформите и демократските процеси во државата. Сето ова ја става во сериозна опасност препораката за отпочнување датум за преговори во наредниот извештај на комисијата, предупредуваат дел од експертите.

Европската интеграција е стратешка определба на Македонија и приоритет на Владата останува да бидат реформите за европската интеграција, при што референтен документ се избраните приоритети од Пристапниот дијалог на високо ниво и ангажманот за нивното исполнување во целина, истакнал премиерот Никола Груевски на средбата со генералниот директор на Директоратот за проширување на ЕК Кристијан Даниелсон при неговата посета на земјава кон средината на изминатава недела.
Тоа што тивко се спомнуваше минатата година, сега некои кругови гласно го спомнуваат дека е возможно препораката да не се случи оваа година.
Бојан Маричиќ, Македонски центар за европско образование.


Од друга страна, посетите на Даниелсон поминуваат без изјави и јасно упатуваат на промена на нивото на комуникација од страна на Унијата од политичко на техничко. Еврокомесарот Штефан Филе при посетите на регионов веќе нè заобиколува. Неговите обиди да ги придвижи работите претходно, не дадоа резултати. Меѓународната заедница јасно бара поголема сериозност во поглед на исполнување на основните стандарди за една европска земја. Домашните експерти веќе предупредуваат и на опасноста од губење на препораката за отпочнување датум за преговори во есенскиот извештај на Унијата.
Дефинитивно нè прогласија за пациент кој не сака да оздравее и ќе нè пуштат додека не го допреме дното, но како тоа ќе се рефлектира, исто е една голема непознаница и другата опција е сè уште има можност да ни се помогне.
Мерсел Биљали, универзитетски професор.

„Тоа што тивко се спомнуваше минатата година, сега некои кругови гласно го спомнуваат дека е возможно препораката да не се случи оваа година“, изјави Бојан Маричиќ од Македонскиот центар за европско образование.

„Мислам дека ни најголемиот оптимист не може да предвиди како ќе изгледа тој извештај, јас мислам дека прилично ќе биде извештајот негативен, можно е да има и предлог и препорака да се одземе статусот земја кандидат“, вели професор Мерсел Биљали.
Средба на премиерот Никола Груевски со генералниот директор на Директоратот за проширување на Европската Комисија, Кристијан Даниелсон.
Средба на премиерот Никола Груевски со генералниот директор на Директоратот за проширување на Европската Комисија, Кристијан Даниелсон.

Меѓународната заедница изгледа помалку изморено од нас и нашата пасивност, па дури и пад на основните демократски стандарди во државава, посочува Биљали.

„Дефинитивно нè прогласија за пациент кој не сака да оздравее и ќе нè пуштат додека не го допреме дното, но како тоа ќе се рефлектира, исто е една голема непознаница и другата опција е сè уште има можност да ни се помогне“, вели тој.
Впечатокот е дека тие се трудеа, да речам, преку претставниците што ги имаа и сега како да се оддалечија. Можеби влијае и тоа што имаат сопствени проблеми.
Беким Кадриу, универзитетски професор.

Тоа значи дека и сè помалку ангажман од страна на Унијата може да се очекува во Македонија, посочува професор Беким Кадриу.

„Впечатокот е дека тие се трудеа, да речам, преку претставниците што ги имаа и сега како да се оддалечија. Можеби влијае и тоа што имаат сопствени проблеми, нели кризата во Украина, тоа директно влијае врз ЕУ. Тоа е една работа и втора работа што тие можат до одреден степен да влијаат, да се обидат да ни помогнат, но да не речам 99 отсто од работата зависи од нас самите“, вели Беким Кадриу.
Визијата за европеизација на Македонија е еден од ретките, да не речеме единствениот заеднички чадор на интеретничката кохезија.
Рамадан Рамадани, аналитичар.

По декемврискиот состанок на министрите, Македонија доби пораки дека понатамошниот напредок ќе зависи од решавањето на спорот за името и дека најавата за евентуално определување временска рамка, во која би се надминал спорот за името, не поминува кај земјите членки, така што треба да се сфати сериозно прашањето на добрососедските односи во кое не постои можност да се интервенира од страна. Одржувањето на претседателските и предвремените парламентарни избори во земјава само ја отворија можноста меѓународната заедница да упати подиректни пораки со критики на сметка на реформите и неопходниот напредок во поглед на основните критериуми. При тоа за првпат јасно беше упатена критика на сметка на владината контрола врз медиумите, изедначувањето на партијата со државата, амбиентот за одржување фер избори, можноста да се остварат своите права и низ независни и брзи судски одлуки. За ова така јасно да го апострофира и требаше храброст на меѓународната заедница, вели професор Беким Кадриу.

„И тука нормално и медиумите влегуваат во игра и финансирањето на медиумите и употребата на државни пари за кампањата на политичките партии, во различни сегменти“, вели Кадриу.
И тука се заглавени во тоа и оставаат впечаток дека се единствено заинтересирани за тие евроинтеграции и тоа им останува единствено алиби за политичко делување, затоа што ако ги анализираме другите работи, тука паѓаат на сите сегменти.
Алајдин Демири, политички аналитичар.

Но, меѓународната заедница во последниве неколку години има критички тон кон реформите во земјава потребни за нашето евроинтегрирање и тоа може да се забележи ако внимателно се читаат извештаите на ЕК за напредокот, пред се поради нефлексибилноста и декларативноста, односно несериозноста во настапот што се однесува до ЕУ агендата, додава Кадриу. Оттаму се читаат повеќе песимистички отколку оптимистички оценки, посочува Биљали што ѝ отвора врата на интегративната неизвесност и на еден прилично турбулентен период.

Се чини дека Европа ја откри нашата стратегија на замајување и импровизирана европеизација, констатира аналитичарот Рамадан Рамадани од институтот за слободна мисла НИСМА.

„Без вистинско европско однесување што најдобро се илустрира со примерот на донесувањето на таканаречените европски закони кои нели ги донесувавме по 123 на ден. Тоа не е никакво европско усвојување и никакво парламентарно и демократско усвојување на законите и мислам дека тоа доведе до ваквиот сегашен неповолен скор за Македонија во однос на евроинтеграциите“, вели Рамадани.

Македонија повторно се враќа на почетокот. Постојаната и се подлабока политичка криза во земјава делува демотивирачки и го згаснува ентузијазмот кај сите, посочува Маричиќ. Наталожените проблеми што не се решаваат ги повлекува назад и реформите и тоа не влева никаква надеж за евроинтеграциите. Внатрешно-политички интерес може да има само власта, вели Маричиќ, пошироко, пак, можат да се очекуваат се поголеми проблеми.

„По мое мислење во секој случај ќе има негативен ефект. Значи, во секоја варијанта и кон надвор и кон внатре, а особено кон внатре ќе има негативен ефект, затоа што владата го користи спорот за името како идеален изговор за сите проблеми. Е сега ова исто така може да се каже дека повторно ќе биде виновна или Грција или опозицијата поради тоа што Македонија ќе ја изгуби препораката и тоа може само да ги заостри односите и политичката криза. Лошо е што во тој случај можеби влијанието на Европската комисија би било намалено, бидејќи владата нема што да очекува како награда за некакво евентуално подобрување и прашање е во која насока би можела да тргне целата политичка приказна“, вели Маричиќ.

Се заборава, вели аналитичарот Рамадани, дека евроинтегративниот пат е еден од клучните фактори на кохезија во нашето мултиетничко општество.

„Има еден аспект кој многу малку е обработуван во нашата јавност, а тоа е дека всушност визијата за европеизација на Македонија е еден од ретките, да не речеме единствениот заеднички чадор на интеретничката кохезија. Ако има нешто во што се сложуваат поголемиот дел од Македонци, Албанци и граѓаните од други етникуми кои живеат во оваа земја е всушност тој пат“, вели Рамадани.

Статус кво ситуацијата не може никако да ни отвори пат до отпочнување преговори, посочува Маричиќ. Дополнителен хаос создаваат новите идеи пласирани во јавноста кои промовираат пријателство со Русија и Турција и приклонување кон нивните политичко-економски модели. Притисок од меѓународната заедница да се вратиме на евроинтегративниот пат може да се очекува, но тешко дека тој тип ангажман од периодот по 24 декември може да се повтори велат експертите. Тоа е истата состојба со БиХ каде што се врши притисок, но се остава сепак на домашната политика да ја заврши работата.

На домашен терен ДУИ се попровидно ја игра улогата на чувар на евроинтегративниот пат. Тоа го наведе и како своја стратегиска цел и за во иднина. И додека претходно тоа се толкуваше како неопходна заложба во име на својот електорат, сега тоа се гледа само како слабо алиби за своето понатамошно опстанување во власта.

„И тука се заглавени во тоа и оставаат впечаток дека се единствено заинтересирани за тие евроинтеграции и тоа им останува единствено алиби за политичко делување, затоа што ако ги анализираме другите работи, тука паѓаат на сите сегменти“, посочува политичкиот аналитичар Алајдин Демири.

Од адресата на оваа партија надежите се држат на висина. Еднаш со своите политички турнеи и обиди да се лобира сега пак со повици до меѓународниот фактор да изврши притисок за решавање на спорот за името не откажувајќи се од можноста Македонија да стане членка на Алијансата на септемврискиот самит. Извори во ВМРО- ДПМНЕ пак ја отфрлаат таквата можност со оглед на краткиот рок до тогаш да се најде солуција за спорот за името.

Поранешниот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски за Радио Слободна Европа, го образложува песимизмот откривајќи дека поранешната шефица на грчката дипломатија и отворено во разговор му кажала дека Атина нема да дозволи Македонија да стане членка на ЕУ пред тоа да стане Србија.

Двете страни во спорот во овој момент не покажуваат промена на ставовите. Тоа го кажа и по двете средби со претставниците во Њујорк, медијаторот во спорот Метју Нимиц. Но, се очекува уште еден обид при неговата најавена посета на регионот по изборите во Македонија и за европскиот парламент во Грција. Најавата на новата рунда закажана во екот на избори за познавачите на состојбите беше од самиот почеток чудна што предизвика и анализи поврзани со украинската криза и очекувања дека можеби таа води до долго очекуваното решение, а во контекст на зајакнување на јужното крило на НАТО. Анализите се уште се поделени.

Во овој контекст се анализира и можноста Македонија да биде примена во Алијансата под привремената референца за што сепак се остава мала можност, но секако опција која како што порачуваат експертите доколку се појави по завршувањето на преговорите со медијаторот Нимиц на кои не се очекува поинаков исход од сите досегашни, треба да се искористи со вешти потези на домашните власти.

Деновиве се појавија четири можни сценарија за иднината на Западен Балкан кои произлегоа од анализата на Европскиот фонд за Балканот и Центарот за истражување од Југоисточна Европа.

Првото сценарио подразбира постепено и бавно приклучување на земјите од Балканот и заострување на условите за членство како и продолжување на толерирањето на билатералните спорови како причина за блокада на процесот. Второто сценарио наречено „По стапките на Турција“, претпоставува продолжување на преговорите но без значајни резултати. Третото сценарио подразбира откажување на Брисел од проширувањето а со тоа и појава на нова неизвесност. Ова сценарио, кое во анализата се нарекува украинско, предвидува активирање на други глобални играчи во регионот, како Русија и Турција, со што Балканот би можел да стане жртва на глобалната политичка сцена. Четвртото сценарио предвидува итно започнување на пристапните преговори со сите земји од западен Балкан чија аспирација е членство во ЕУ, а тешките политички услови и билатерални прашања наместо на почетокот на процесот треба да се остават за на крајот од преговорите.

Во моментов се чини глобалната состојба ги прави подеднакво можни сите сценарија. Се мисли на проблемите што ги создаде украинската криза но и се уште тешките и ненадминати економски проблеми со кои се соочува европската унија. Реалните проблеми го изменија фокусот и на грчкото претседателство кое е при својот крај, но уште појасни и однапред го определија фокусот на италијанското претседателство кое најавува занимавање со економскиот раст и невработеноста.

Италија е наш пријател на евроинтегративниот пат посочуваат експертите, но не постои посебна релација или посебни услови кои од ова претседателство можат да ветат чуда за нас. Настапува година во која објективно не може да се случуваат драматични нешта за нашиот процес на приближување кон Европа, велат експертите. Македонија нема да се најде на врвот на агендата доколку самата не се избори во тоа. Треба и внимателно да се причека и изборот на нов комесар за проширувањето.

„Зависи кој ќе биде новиот. Нели се споменуваат австриски дипломати, се споменува поранешниот бугарски премиер Сергеј Станишев како сериозен кандидат, така што доколку се случи некоја од тие варијанти, ние допрва треба да градиме односи со новиот еврокомесар“, анализира Маричиќ.
XS
SM
MD
LG