Достапни линкови

Зошто Германија ѝ попушта на Русија?


Како што светските лидери во Франција ја одбележуваат 70-годишнината од истоварувањето на сојузничките сили во Нормандија, така сенката од Втората светска војна повторно надвисна над Европа. Можеби најтемен дел од таа сенка е џиновската борба меѓу нацистичка Германија и Советскиот Сојуз која однесе милиони животи.

Сеќавањето на таа борба делумно покажува како Германците гледаат на руската преродба под претседателот Владимир Путин и на неговата наметлива политика во поранешните советски земји. Военото наследство и долготрајната германска „воена вина“, според аналитичарите, ги тераат повеќето Германци да бидат попустливи спрема Русија.
Мислам дека има многу поглавја во германско-руските односи и сите тие не се поврзани со Втората светска војна. Можеби повеќе станува збор за Студената војна. Тогаш Русија беше главната закана за Германија која се плашеше од нуклеарно уништување.
Урлих Шпек, Карнеџи Јуроп.


Многу Германци на Русија гледаат како на наследник на Советскиот Сојуз, па некои, следејќи ја реториката од нацистичка Германија се уште Втората светска војна ја нарекуваат „Војната против Русија“.
Фактот што Германците и Русите уште еднаш носат одлуки за судбината на Украина би требало да биде перверзна лекција од историјата за таа земја која страдеше и од Германија и од Русија.
Бернд Улрих, германски аналитичар.


Според Андреас Умланд, политички аналитичар од Киев, Германците најмногу се загрижени од можен конфликт со Русија.

Уште за време на Студената војна тие чувствуваа дека секаков поголем конфликт меѓу Западот и Истокот најверојатно би се одиграл на нивна територија, вели Умланд кој сепак додава дека, во сегашниве услови, работите почнуваат да се менуваат.

„Во германската јавност има растечко сознание дека информациите за војна доаѓаат од Русија која се обидува да манипулира со јавното мислење. Барем кај новинарите скептицизмот спрема Русија расте во изминативе неколку недели“, вели Умланд.

Германскиот аналитичар Бернд Улрих смета дека воената вина кај Германците ги убива напорите на Украина за самоопределување.

„Фактот што Германците и Русите уште еднаш носат одлуки за судбината на Украина би требало да биде перверзна лекција од историјата за таа земја која страдеше и од Германија и од Русија“, вели Урлих.

Според последните испитувања на јавното мислење, повеќето Германци се против поостри санкции спрема Русија.

Претходните анкети во март пак покажаа дека 55 насто од нив имаат разбирање за идејата Крим да биде дел од руската зона на влијание.

Постојат многу историски фактори кои ги обликуваат ставовите на Германците, вели Урлих Шпек, од Карнеџи Јуроп во Брисел.


„Мислам дека има многу поглавја во германско-руските односи и сите тие не се поврзани со Втората светска војна. Можеби повеќе станува збор за Студената војна. Тогаш Русија беше главната закана за Германија која се плашеше од нуклеарно уништување“, вели Шпек.

Германците, според Шпек, се сеќаваат дека беа поделени во две држави и оти зависеа од американските безбедносни гаранции.

„Ова сеќавање се уште е живо, дека Германија е прилично слаба и не може да се конфронтира со Русија. Ова е нешто што е длабоко вкоренето во политичкиот менталитет“, вели тој.

Шпек исто така ја спомнува германската благодарност за улогата на Советскиот Сојуз во обединувањето на нивната земја. Таа улога Путин не изостави да ја спомене за време на неговиот говор во Думата по анексијата на Крим.

Според Шпек, тука се и други фактори. На пример тоа што германската левица е традиционално антиамерикански расположена и тоа што рускиот социјален и верски конзервативизам и нескриен национализам ѝ се допаѓаат на германската десница.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG