Достапни линкови

Непримерен напад врз сè што се разликува од „владината вистина“


Претседателот на ЗНМ, Насер Селани, исфрлен од Собраниската галерија за време на седницата за носење на буџетот за 2013-та.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селани, исфрлен од Собраниската галерија за време на седницата за носење на буџетот за 2013-та.

Како непримерен притисок врз новинарите својствен само за тоталитарните земји, дел од познатите новинарски имиња во земјава го оценуваат нападот од ВМРО ДПМНЕ врз Здружението на новинари на Македонија.

Непримерен притисок врз новинарската професија и комуникација што е надвор од сите демократски стандарди. Вака познати новинарски имиња во земјава го толкуваат соопштението на владејачката ВМРО-ДПМНЕ на реакцијата на претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, во која меѓу другото се вели дека ЗНМ сè повеќе е политичка партија, отколку професионално новинарско здружение.
Станува збор за притисок, уште еден притисок на државните органи и посебно на партијата на власт со што таа покажува немање капацитет и неразбирање на значењето на медиумите и слободата на зборот.

Мислам дека такви соопштенија кои даваат такви политички квалификации за новинарите и нивното здружение не се својствени дури ни за класичните тоталитарни земји, вели новинарот Ѕвездан Георгиевски.

„Станува збор за притисок, уште еден притисок на државните органи и посебно на партијата на власт со што таа покажува немање капацитет и неразбирање на значењето на медиумите и слободата на зборот“, вели Георгиевски.

Иако политиката секогаш сакала да се меша во новинарството, тоа никогаш не се правело на толку отворен и експлицитен начин, се сеќаваат новинарите. Вакви слични реакции порано немало, уверува новинарката Мира Костиќ.
Сè што не се поклопува со нивната вистина, партиска вистина е веднаш закачено на столбот на срамот, поплукано за полесно да му се закачат етикетите и што е најважно, тие ваквите ставови ги верглаат секој ден со некакви соопштенија.

„Мене не ме чуди толку реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија и како и секоја друга партија се служи со дозволените средства или со средствата што ѝ се на располагање да минимизира или да дискредитира одредени состојби што не ѝ одат во прилог. Мене повеќе ме чуди одлуката на Уставниот суд и не можам да го разберам исходот од новинарската иницијатива“, вели Костиќ.

Според Јадранка Костова, пак, не е нормално за една демократска држава на ваков начин да реагира владејачката партија кон едно новинарско здружение. Во изминатите дваесетина години сите партии на власт имале тенденција да завладеат со сите независни организации и здруженија, но тоа ѝ успеа само на моменталната владејачка гарнитура, вели Костова.

„Кога ќе видите на кои медиуми оваа партија, ова ВМРО-ДПМНЕ нема никакви забелешки, не ги тужи, тогаш ќе видите дека имаме различни критериуми што е професионално новинарство“, вели таа.

Сите извештаи од меѓународни организации кои зборуваат за драматичен пад на слободата на медиумите во Македонија, се исто така предмет на слични соопштенија на владејачката партија како она кон ЗНМ, вели Костова и додава:

„Сè што не се поклопува со нивната вистина, партиска вистина е веднаш закачено на столбот на срамот, поплукано за полесно да му се закачат етикетите и што е најважно, тие ваквите ставови ги верглаат секој ден со некакви соопштенија“, вели Костова.

За слободата на новинарството во земјава доволно говори начинот на кој се известува од настаните и можноста на која било од страните да си го каже својот став, а не нивниот број. Притисоците ќе постојат и натаму, но новинарите се тие кои треба да создадат став со кој ќе се одбранат од посериозните влијанија врз нив, заклучуваат нашите соговорници.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG