Достапни линкови

Треш фешн Македонија 2014 со идеја за зачувување на природата


На 5 јуни, Светскиот ден на животната средина, во организација на Здружението на граѓани ОХО, во Младинскиот културен центар во Скопје, од 18 до 20 часот, ќе се одржи четвртото издание на манифестацијата „Треш фешн Македонија“, чија цел е да ја подигне општествената свест за зачувување на природата и намалување на отпадот преку негова реупотреба.

Тимови од 46 средни училишта во земјава ќе земат учество на „Треш фешн Македонија 2014“, натпреварот на модни креации изработени од редизајнирани материјали од отпад што, во организација на Здружението на граѓани ОХО, ќе се одржи овој четврток, од 18 до 20 часот, во Младинскиот културен центар во Скопје. Тие годинава, на четвртото издание на случувањето чија мисија е зачувување на природата, за изработка на своите модели собраа преку 1000 килограми различни видови отпадоци, односно, реупотребија околу 2.500 капачиња, 500 најлонски кеси, 30 килограми стара хартија, електронски отпад и друго.
Секоја година, покрај тоа што се вклучуваат повеќе училишта и учесници, имаме и сè покреативни модели и многу повеќе собрано отпад.
Бистра Георгиева, програмски координатор во Здружението ОХО.

На манифестацијата за прв пат, секој од креираните модели, ќе биде претставен на писта направена од стари водоводни цевки, а перформансот ќе биде проследен со роботизирани аудио-визуелни ефекти.

„Кога пред четири години ја споделивме самата идеја и решивме да ја правиме манифестацијата, искрено, никој од нас во организацијата не очекуваше во каков настан ќе прерасне, односно на каков начин ќе се одвива во следните години. Секоја година, покрај тоа што се вклучуваат повеќе училишта и учесници, имаме и сè покреативни модели и многу повеќе собрано отпад. Практично ним им дадовме простор каде што можат да ја изразат својата креативност, а од друга страна паралелно да се подигнува свеста за зачувување на природата и за реупотреба на отпадот“, истакнува Бистра Георгиева, програмски координатор во Здружението ОХО.
Секој од учениците ќе може да си донесе старо парче облека, накит и слично и на таа работилница, која патем ќе се случува пред официјалниот настан.
Бистра Георгиева, програмски координатор во Здружението ОХО.

Таа дополнува дека учесниците, тимовите од училиштата на проектот, работат цели четири месеца при што прво се собираат материјалите, па се организираат локални натпревари по кои победниците се стекнуваат со правото да земат учество на големото финале на манифестацијата на Светскиот ден на животната средина. Вели дека притоа, низ целиот процес на собирање и селектирање на отпадот, цртањето на дизајнот и изработката на моделот, тие практично се запознаваат со можностите за реупотреба на отпадот.

„Треш фешн Македонија“ е дел од програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“ која ОХО ја реализира во соработка со Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за образование и наука на Република Македонија, а годинава манифестацијата е дел и од настаните на листата на Обединетите нации, во Програмата за животна средина UNEP.

Интересно е и тоа што во случајов, новиот македонски моден сајт стилист.мк, ќе организира работилница за редизајнирање на стари парчиња облека и модни додатоци, а ќе направи и стрит-стајл фотосесија во која учениците – учесници на „Треш фешн Македонија“ ќе ги носат моделите имплементирани во нивниот имиџ.

„Секој од учениците ќе може да си донесе старо парче облека, накит и слично и на таа работилница, која патем ќе се случува пред официјалниот настан, заедно со уредничките на стајлист.мк ќе можат да ги редизајнираат, односно од стари да добијат совети како можат да направат нови трендовски парчиња“, појаснува Георгиева.

Кон ова само уште информацијата дека петчленото жири кое ќе ги оценува трудовите на натпреварот го сочинуваат Франк Видекер, регионален советник во Амбасадата на Швајцарија, Александра Младеновска – Костиќ, директорка на програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“, модната креаторка Росица Мршиќ, раперот Тони Зен и стилистката Цаци Паковска.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG