Достапни линкови

Ракометен бараж со политички набој


Македонските ракометни репрезентативци се оптимисти во пресрет на бараж дуелот во кој со Грција ќе се борат за место на Светското првенство во Катар.

Поквалитетни сме од Грците, но за пласман на СП, тоа ќе треба да се потврди и на паркетот, каде што мора да влеземе со студени глави и да бидеме сконцентрирани исклучиво на спортскиот момент.
Не очекуваат два тешки натпревари без разлика што сме фаворити. Знаеме поради кои причини натпреварите ќе бидат доста тешки за играње, меѓутоа се обидуваме сите да се тргнеме на страна од сите тие политички работи, да се сконцентрираме само на ракометот.
Борко Ристовски, репрезентативен голман на Македонија.

Со ваква мисла македонските ракометни репрезентативци го очекуваат баражот во кој со Грција ќе се борат за визата за настап на јануарскиот Мундијал во Катар. Триумфот во двомечот е императив за нашиот национален тим, и поради многу повисокиот рејтинг, но уште повеќе поради спорот за уставното име, што го имаме со нашиот јужен сосед.

Затоа, домашната јавност очекува две убедливи победи, прво в сабота (7-ми јуни) во Атина, а потоа и на 15-ти јуни во Скопје. Избраниците на селекторот Ивица Обрван се свесни дека тоа нема да биде лесно остварливо, но и порачуваат дека ќе одговорат на предизвикот, за што, според голманот Борко Ристовски, мислите ќе треба да бидат насочени само кон битката на теренот.

„Не очекуваат два тешки натпревари без разлика што сме фаворити. Знаеме поради кои причини натпреварите ќе бидат доста тешки за играње, меѓутоа се обидуваме сите да се тргнеме на страна од сите тие политички работи, да се сконцентрираме само на ракометот и на спортот, и нормално да се обидеме да покажеме дека сме далеку поквалитетни од Грција“, изјави Ристовски.
Mислам дека не треба во ниеден случај да се потцени Грција. Сигурно и тие имаат големи мотиви, гледаат шанса за нивна победа. Сепак, сè од нас зависи.
Филип Миркуловски, ракометен репрезентативец.

Слично размислува и бекот Филип Миркуловски. И тој вели дека визата за Катар нема да биде рутинска задача, но и потенцира дека само од нас зависи дали по четврти пат ќе се пласираме на едно СП (по Египет во 1999, Хрватска во 2009 и Шпанија во 2013 година).

„Сигурно дека сме фаворити во овој дуел, со оглед на претходните резултати на Македонија и Грција. Македонија веќе има континуитет од четири години на големите натпреварувања. Но, мислам дека не треба во ниеден случај да се потцени Грција. Сигурно и тие имаат големи мотиви, гледаат шанса за нивна победа. Сепак, сè од нас зависи. Доколку одиграме наша игра, доколку бидеме на наше ниво максимално ангажирани во одбрана, да постигнеме лесни голови преку контранапади, тоа сигурно би ни ја олеснило задачата за победа“, рече Миркуловски.

Во нов ракометен успех и продолжување на низата настапи на врвните натпреварувања (имаме и три настапи на ЕП - Италија 1998, Србија 2012 и Данска 2014 г.), се убедени и љубителите на спортот.

„Од Грците подобри сме. Нормално, ќе победиме со голема разлика.“

„Очекувам победа и на гости и дома.“

„Сигурно победуваме. Нема дилема тука.“

„Секако ќе го тепаме јужниот сосед. Нашите ракометари имаат појаки амбиции да ги тепаат Грците, бидејќи тие се и политички против нас. И верувам дека играчите ќе дадат сè од себе и ќе извојуваат победа.“

„Се знае што ќе направиме, ќе победиме. Не само појаки и поголема желба имаме, имаме поголем мотив и мораме да ги победиме.“

„И поквалитетна лига и поквалитетни екипи имаме и поквалитетни играчи. И очекувам барем осум разлика да ги победиме и таму, а 10 разлика тука во Скопје, во Македонија“, изјавија анкетираните граѓани.
XS
SM
MD
LG