Достапни линкови

Интимни уметнички приказни во Мобилна/Монтажна галерија


„You made me so sad. Now, that doesn’t have anything to do with you“ е насловена групната изложба на која учествуваат повеќемина македонски уметници и активисти, што од 5 до 13 јуни, во организација на Центарот за современи уметности ќе се одржи во Мобилна / Монтажна галерија во Паркот на франкофонијата во Скопје. Куратор на изложбата е Ивана Васева, а идејата е преку делата да се преиспитааат состојбата и ставовите на другиот нудејќи му можност на посетителот „да се изложи самиот на себе“.

Уметниците Христина Ивановска, Јане Чаловски, Велимир Жерновски, Ивана Драгшиќ, Иван Ивановски и Филип Јовановски и активистите и борци за човекови права и слободи Славчо Димитров и Кочо Андоновски, се учесниците на групната изложба „You made me so sad. Now, that doesn’t have anything to do with you“, што од 5 до 13 јуни, во организација на Центарот за современи уметности, ќе се одржи во Мобилна / Монтажна галерија во Паркот на франкофонијата во Скопје. Станува збор за проект на Ивана Васева со кој таа претставува интимни уметнички приказни кои оставиле силен впечаток кај оние кои учествуваат во постановката.
Кутиите сите изгледаат исто, меѓутоа кога ќе се отворат внатрешноста е различна кај секого. И тоа е она што ја прави изложбата различна.


Кураторката вели дека се работи за индивидуални приказни кои формираат една групна при што сите користат некој интроспективен, аналитички, отворен и искрен пристап во она што го работат и тргнуваат од своите лични согледувања и искушувања на нештата. Таа потенцира дека всушност изложбата би требало да каже некои работи кои што обично не се кажуваат во јавноста туку се споделуваат само меѓу пријатели и во затворен круг и дека тоа се и некои соголувања на самите индивидуи во поставката.
Ивана Васева.

Ивана Васева.


„Во времево во кое што интимноста многу малку се искажува и споделува, во кое што сме преокупирани со многу погенерални теми, во кои што како индивидуи не можеме многу да придонесеме, туку само како колектив или група, сметам дека тие треба да се кажат затоа што мислам дека така најдобро ќе допрат до другите и најверојатно, се надевам, дека ќе придонесат до некакво преиспитување на ставовите и на нештата. Ќе срушат некакви бариери и етикети и ќе придонесат барем до мало разорување на оние стигми со кои што секојдневно живееме. “
Секој од присутните додека трае постановката може да ја отвори било која кутија, да си ги вади предметите од неа и да си ги поставува како што сака потоа.

Васева говорејќи за изложбата, за поединечните инсталации во рамки на поголемата инсталација, појаснува дека таа на прв поглед ќе изгледа „праволиниски“. Вели дека на секој учесник му дала по една кутија и тој во неа би требало да ја изложи својата интима.

„Кутиите сите изгледаат исто, меѓутоа кога ќе се отворат внатрешноста е различна кај секого. И тоа е она што ја прави изложбата различна. На прв поглед кога ќе се видат кутиите поставени во просторот тоа е една изложба. Во таа смисла прават колективна инсталација. “

Инаку, изложбата ќе биде отворена овој четврток на 5 јуни, во 12 часот, а посетителите ќе можат да ја видат и во деновите од целата наредна недела во терминот до 17 часот. Кураторката целото време ќе биде присутна во Галеријата, а секој од намерниците во Паркот на франкофонијата во Скопје е „одговорен за разголувањето и отворањето на предложените интими“.

„Секој од присутните додека трае постановката може да ја отвори било која кутија, да си ги вади предметите од неа и да си ги поставува како што сака потоа. Во таа смисла таа е интерактивна. Воспоставува некаков дијалог меѓу уметникот и меѓу гледачот и конечно изложбата е формирана врз основа на дијалог.“
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG